Додека уште постоеше Југославија, таа беше една од најомилените земји за германските туристи. Поради тоа што на јадранскиот брег од Германија можеше да се стигне само по неколку часа патување со автомобил, Југославија уште во доцните шеесетти за Германците беше исто толку популарна како и Италија. Денес хрватското крајбрежје пак стана омилена туристичка цел за Германците, дури и за помладите, тие кои долго беа вљубени во Мајорка или во Тоскана. За Германците, особено доколку осмислено патуваат во летниот одмор, стана типично да бараат нови и неоткриени рути. Денес еден германски познаник раскажуваше за своето пролетно патување „пешки” низ Албанија, Косово и Црна Гора. Знаев дека тој претходно ја откриваше исконската убавина на Ирска и Шкотска со велосипед, но ме изненади кога слушнав дека во неговиот фокус овојпат бил токму Балканот. Во Германија во последните години станаа омилени патувања со велосипед на своја рака, без туристичка агенција. Особено тие Германци кои имаат многу бурно професионално секојдневие, сакаат на таквите патувања да бидат сами, за повторно да ја воспостават врската со природата. Патувањето како планинар или велосипедист низ Алпите е одамна позната работа за постарите германски генерaции. Затоа многу од нашите помлади пријатели избираат цели во пределите кои порано не беа достапни за туристите. Такви се, очигледно, многу предели на Балканот. Познаникот раскажуваше дека планинареле во Албанија, Косово и Црна Гора на многу природен, исконски начин. Преспивале во планинарски домови кои, за германскиот вкус, биле сосемa „ок”, со природна, здрава храна, со можности за преспивање без голем комфор. Восхитен беше од негибнатата природа во планините во Албанија и Косово. Локалното население со кое контактирале било многу срдечно, а многу од нив зборувале германски.
Планинарски патувања во Македонија
Веднаш му препорачав на својата следна планинарска тура низ Балканот да отпатува и во Македонија. Тоа ме натера попладнево да „изгуглам” информации за планинарскиот туризам во Македонија. Една голема германска туристичка агенција, која веќе половина век нуди планинарски тури од Исланд, преку Алпите, до Балканот, има во својата понуда и планинарски патувања во Македонија, во траење од две недели. На нивната веб страница има прекрасни фотографии од Македонија. Но најголемиот дел од нив се само од Охрид и од Охридското Езеро.Нема фотографии од планинарските домови во кои ќе бидат сместени планинарите. Како што нема ниту фотографии од македонските планини и планинарските патеки. Се прашав, како германските планинари ги доживуваат шумите во Маврово, на Китка или на Шар Шланина? Има ли добро означени планинарски рути и патишта? И, воопошто, чисти ли се шумите од смет и ѓубре? Да ме прашаше познаникот за овие работи, не знам што ќе му одговорев. Јас му раскажав само за убавината на Галичица, како и за чудесните шуми околу Лазарополе и Галичник.
Ми стана јасно колкав потенцијал лежи во Македонија токму во нејзините природни убавини. Во селата, положени во долини, богати со планиски езера, реки, непрегледни ливади и длабоки шуми. Наши пријатели, луѓе на возраст од осумдесет години, во моментов се на планинарски одмор во Тиролските Алпи. Секој ден ми испраќаат фотографии од врвовите кои ги искачуваат. Сместени се во дрвена куќарка во малото местенце, од која се отвора видик врз планинските врвови и ливадите со мирисливи треви и цвеќиња. Човек би помислил дека тие се наоѓаат во дивина на 1.200м надморска височина. Напротив, селата во Алпските планини во лето се преполни со планинари од целиот свет, затоа што сите села се повразни со солидни патишта. И се‘ е чисто, и покрај многубројните туристи!
Тогаш помислувам на планините околу Лазарополе, на ливадите во Пелагонија, на падините на Пелистер. А среде сите тие чудесно убави предели има толку многу напуштени села, чии селани се некаде во Германија, како келнери или мајстори во такви места, како тоа каде што летниот одмор го поминуваат моите германски пријатели. Не може ли македонската држава да разработи сериозен стопански план за заживување на запустените предели, за ревитализација на празните села, во кои денес уште има стари куќи кои се распаѓаат? Да беа во некоја друга европска земја, тие одамна ќе беа обновени, а до селата ќе имаше асфалтиран пат и железничка врска. Зошто нема такви проекти и во Македонија? Тоа може да биде проект за самостоен бизнис на млади луѓе со иновативни идеи за туризам, за македонски или за странски гости. Пред да си заминат во Германија како келнери, зошто државата не им понуди да останат, давајќи им шанса за самостоен бизнис?
Еколошка свест и почит
Може ли некој во Германија да дознае за планинските убавини на Македонија, кога тоа не е вредност ниту за македонската влада? Мора ли да се чека Македонија да стане членка на ЕУ, за таа „да ги научи” Македонците како најдобро да ги исползуваат стопанските потенцијали од природните убавини. Воопшто, крајно време е да се развие еколошка свест и во Македонија, за да се спречи шумите да се преобразуваат во депонии. Може ли некој како мене, со чиста совест, да им препорача на своите германски пријатели да ја посетат Македонија, дури и во индивидуален аранжман, без притоа со јанѕа да не помисли на „грдите” страни вораскошната природна убавина на својата татковина? Кога Македонците не ја одржуваат природата во својата татковина заради самите себе, заради почит кон природата,тие тоа нема да го направат ниту заради стопанска добивка.
Од мојот долгогодишен живот надвор од Македонија сознав дека луѓето што се почитуваат себеси, си ја почитуваат и околината и сите природни убавини. Тие, најнапред, го почитуваат станбениот простор што го делат со соседите. Тие не ја загадуваат околината околу станбените згради среде, околу градовите, затоа што ја сметаат за „ничија земја”, како што се однесуваат луѓето во Македонија кои го „фрлаат” ѓубрето на тротоарот, а старите кујнски помагала, шпоретите и фрижидерите, автомобилските гуми ги „задушуваат” водите на Вардар и Треска. Тие што ја почитуваат својата земја како, на пример, Швајцарците или Германците, и на највисокиот рид имаат кошови за ѓубре, кои редовно се празнат. Затоа никому не му паѓа на ум да фрла отпад каде ќе стигне.
Затоа се срамам кога ќе слушнам од германски пријатели дека патуваат во Македонија за да ги спасуваат уличните кучиња, кутрињата фрлени во депонии крај Скопје. Наши познаници основаа „прифатилиште” за кучиња во Македонија, за кои се обидуваат да најдат „фамилии” во Германија. Зошто нема ваква свест и кај Македонците, ме прашуваат пријателите? И јас се прашувам, им одговарам од немајкаде. Потоа се потсетувам дека при секој престој во летниот распуст, ќерка ми одеше со братучедите во потрага по улични кученца. За да ги спаси, оставајќи ги да ги чуваат баба и‘ и дедо и‘ во Скопје, до нашата следна посета. Така една прекрасна малечка кучка Лиза, која ќерка ми со братучедите ја најде крај некоја канта за ѓубре, стана цела деценија домашното милениче на фамилијата во Скопје. Кога децата го донесоа во куќата во Ченто, кутрето беше црно и грдо. Откако сите заедно, и децата и старите, го искапија во градината, грдото кутре се претвори во прекрасна принцеза, со крзно во боја на мед. Благ како мед беше и нејзиниот карактер.Така би можеле да бидат спасени многу улични кучиња во Македонија, ако има позрела свест за тоа дека македонското општество го сочинуваат не само луѓето, туку и домашните животни и улиците и реките и планините. Кога сите би се грижеле за нив како што Германците се грижат за својата околина, тогаш Македонија би била уште сега повеќе од ЕУ-земја. Секако, доколку ЕУ не се доживува само како донатор на финанска помош, туку како европски начин на однесување во секојдневниот живот.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.