1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кога градот престанува да биде Град

28 ноември 2022

Од предизборното ветување на градоначалничката Данела Арсовска за брз, ефикасен и бесплатен автобуски превоз за сите граѓани, единственото што го добија Скопјани е комплетен сообраќаен колапс.

Северна Македонија Протест
Транспортерите во понеделник ја блокираа крстосницата кај Мавровка Фотографија: Petr Stojanovski

Одамна не се случило една градска тема толку многу да го апсорбира општественото и политичко внимание, како што тоа се случува со јавниот превоз во Скопје. Блокадата на фреквентна крстосница во Скопје од страна на  приватните превозници,  го парализираше главниот град. Паркирани се над 30 автобуси, а протестот се планира да трае се до исполнување на нивните барања. Од предизборното ветување на градоначалничката Данела Арсовска за брз, ефикасен и бесплатен автобуски превоз за сите граѓани, единственото што го добија Скопјани е комплетен сообраќаен колапс.

Веќе никој не ја спомнува ветената набавка на 250 еколошки автобуси, а речиси и никој не знае дали е целосно пропаднат проектот „Бас рапид транзит“, што таа го наследи од нејзиниот претходник и го стопираше.

„Ова веќе не е град. Ако јавниот превоз не функционира, не функционира ништо“, коментираат скопјани, кои во изминатиот период се соочија и со  протест на ЈСП,  а сега и со блокада на приватните превозници. Приватните превозници, на кои Град Скопје им должи милион и пол евра, во знак на протест решија прво да не сообраќаат на досегашните линии, а денес и да блокадираат фреквентна крстосница. Од „Слобода превоз“ најавуваат дека ако не се решат нивните барања, блокадата може да се прошири и на други сообраќајници во градот.

Кој не плаќа данок?

Арсовска деновиве ги обвини приватните превозници дека пет години учествувале во разработена шема - наплаќале билети во автобусите, тие пари не ги пријавувале и ги ставале во џеб, а потоа фактурирале 400 илјади евра од јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ секој месец за изминат километар. Тие демантираа, објаснувајќи дека воопшто не се вклучени во наплатата на билети. Арсовска, која посочуваше дека тоа е сериозно затајување на данок којшто не е платен во изминатите пет години, вчера доби видео-одговор од директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски. Тој на Фејсбук објави снимка како влегува во автобус на ЈСП, купува билет, но не добива фискална сметка.

Градоначалничката Арсовска ги обвини приватните превозници за затајување данокФотографија: Petr Stojanovski/DW

„На лагата и` се кратки нозете. Ова е пракса во секој автобус на ЈСП, каде возачите од директорот на ЈСП се принудени ова незаконито продавање да го прават токму вака“, напиша тој.

И тој во кампањата за локалните избори беше еден од оние кои јавно ја поддржаа Арсовска и нејзините главни ветувања во  кампањата за  бесплатен јавен превоз.   Незадоволни од неа сега се и ВМРО-ДПМНЕ, со чија подрршка таа победи на изборите, а денес се нејзини најголеми критичари. Незадоволството ќе го искажат и денес, на седница на Советот на Град Скопје, на која ќе се дискутира токму за јавниот градски превоз кој предизвика хаос во Скопје. Но потпретседателот на ВМРО- ДПМНЕ смета дека тоа не е прашање за Советот.

„Ова не е прашање за Советот на Град Скопје, ова е прашање за градоначалникот на Град Скопје и таа треба да си најде решение за овој проблем. Затоа и е избрана за да решава проблеми, а не истите да ги пренесува на граѓаните и да ја оптоварува јавноста со таа работа. Скопјани и сите кои го користат јавниот превоз во Град Скопје  заслужуваат брз и ефикасен јавен превоз и нив не ги интересира што се случува помеѓу различни превозници и градот. Тоа е работа која треба да ја реши Градот“, смета Николоски.

Граѓаните немаат корист од меѓусебните обвинувања меѓу градоначалничката и советниците. Голем дел од нив утрово имаа проблем да стигнат до работните места и училиштата. Министерството за внатрешни работи презеде мерки за посебен режим на сообраќајот на булеварите „Гоце Делчев“ и „Крсте Петков Мисирков“, како и во околните улици, и апелираше до граѓаните да ги почитуваат наредбите на полициските службеници. 

Ни континуитет, ни транспарентност 

Проблемите со јавниот превоз не се нови. Не е проблем само долгот кон приватните превозници, туку и состојбата во ЈСП. Арсовска уште лани вети скенирање на  состојбите во ЈСП,  но нема информации дали тоа е завршено и што е утврдено.

„Прво ќе се направи консолидирање на ЈСП зашто внатре е хаос. Почната е внатрешна ревизија, а ќе има и надворешна за да се види каде се направени огромните долгови кои ЈСП ги има“, изјавуваше Арсовска на крајот на декември 2021 година. 

Десет месеци подоцна, ништо не е променето. Во октомври годинава кога почнаа проблемите со јавниот превоз, запрашана за состојбите таа повторно се повика на ревизии.

„Правиме ревизии, се доставуваат до органите. Сега во овој момент си има ревизии. Ние не сме судии и обвинители“, изјави таа минатиот месец.

Според член 48 од Статутот на ЈСП, претпријатието има обврска да доставува тримесечни извештаи до основачот кои содржат показатели за финасиското работење. А според член 18, обврзано е на континуитет во дејноста и на финасиска транспарентност.

„Претпријатието во вршење на дејноста од јавен интерес, ја врши континуирано и без прекини и неговата работа е јавна и транспарентна, во согласност со закон, овој статут и другите прописи со кои се уредуваат условите и начинот на вршење на дејноста од јавен интерес. Претпријатието е должно да обезбеди техничко -технолошко единство на јавниот градски и приградски превоз на патници во Град Скопје и јавност и транспарентност во финасиските односи во своето материјално-финансиско работење, согласно закон, овој статут и меѓународните финансиски стандарди за јавниот сектор“, предвидува Статутот.

На 20-ти октомври годинава, главниот град за првпат во историјата остана без јавен превоз, зашто не возеа автобусите на ЈСП „Скопје“, бидејќи вработените немаа земено плата, а откако и приватните превозници почнаа протест, состојбата со превозот стана хаотична. Запрашан за овој проблем, премиерот Ковачевски порача тоа прашање да се постави на друга адреса.

„Ова прашање ќе му го поставите на Христијан Мицкоски, затоа што тој пред само една година одеше по Скопје и кажуваше дека Скопје ќе ја добие најдобрата мајка и ќе стане најдобриот и најмодерен град

во светот. Потоа, тој излезе на прес конференција и кажа дека ќе обезбедел бесплатен превоз за граѓаните и дека ќе купел нови електрични автобуси и дека ќе се изградела фабрика за електрични автобуси. Тоа беа негови зборови. Од тоа, не што нема ништо туку и превозот кој го имаше во Скопје го нема“, рече Ковачевски.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми