1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кога возовите доцнат: Швајцарска лекција за Германците

Немања Рујевиќ | дпа
5 ноември 2022

Поради хроничното доцнење на возовите од Германија, швајцарските железници преземаат дел од работата во свои раце. Само 40 отсто од возовите пристигнале навреме.

возови Германија
Само 40 отсто од возовите пристигнале навреме.Фотографија: Carsten Koall/dpa/picture alliance

Во меѓународната јавност владее стереотип дека Германците се организирани и прецизни, поради што многу луѓе кои чекаат на железничките станици низ земјата може да се изненадат кога возот доцни или воопшто не доаѓа.

Од друга страна, се чини дека досетката „прецизен како швајцарски часовник“ има посилна основа во реалноста.

Деновиве јавноста дозна дека швајцарските федерални железници (СББ) навистина не сметаат на точноста на германските колеги, па сѐ повеќе се потпираат на сопствените сили. Имено, брзите возови од Германија премногу често доцнат, што ги става патниците во неволја при префрлањето - затоа Швајцарците воведуваат нови врски.

Како што потврдија СББ и Германската железница (ДБ) за агенцијата ДПА, неволјите се толку големи што брзиот воз ICE 71 од Хамбург до Хур, Швајцарија, веќе нема ниту да сообраќа во Швајцарија. Место тоа, тој ќе биде стациониран во станицата во Базел за да послужи како замена за другите германски возови кои пристигнуваат со долги доцнења. 

Швајцарците се многу попрецизни 

„Во последниве месеци, точноста на возовите кои доаѓаат од северот на Германија кон Швајцарија преку Базел е намалена“, рече портпаролката на СББ.

Само 40 отсто од возовите пристигнуваат навреме или со доцнење не повеќе од пет минути. Една петтина доцнат повеќе од петнаесет минути.

И тука е неволјата - во важниот железнички центар на Базел, возовите кои доцнат повеќе од четвртина час го губат своето место на пругата што стои резервирано некое време.Тоа е голема мака за патниците кои може да го пропуштат следниот воз поради тоа.

Добрата вест за оние кои патуваат за Швајцарија е што барем таму (речиси сите) возови сообраќаат како часовник: во октомври 91 отсто од возовите доцнеле помалку од три минути, а патниците пристигнале навреме за 98,9 отсто од трансферите.

Во Германската железница велат дека жалат за ситуацијата. 

Зошто возовите доцнат? 

Според планот на актуелната германска влада, Дојче бан треба да стане убедливо најважниот превозник во земјата како дел од „зелената агенда". Во следните три години државата треба да инвестира 45 милијарди евра во железничката мрежа и уште 49 милијарди за зајакнување на регионалниот сообраќај. 

До крајот на деценијата, целта е двојно да се зголеми бројот на патници - 300 милиони месечно на долги линии и пет милијарди во регионалниот сообраќај. 

Но, несигурноста е една од најголемите болки. Минатата година, во просек, секој четврти воз доцнеше - иако само оние подолги од шест минути се сметаат за „доцнења“.

Во јули, само 60 отсто од брзите возови стигнале на време на својата дестинација. ДБ си постави за цел барем осумдесет проценти од возовите да не доцнат, но сè уште не е ни блиску до тоа.

Неодамна весникот Економска Недела објави детална анализа за причините за доцнењата. Како три најважни, весникот ги посочува работите на пругите, застарените возови и недостигот на персонал.

 

Со билет од девет евра месечно низ цела Германија!

02:01

This browser does not support the video element.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми