1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КултураГерманија

Кога зборовите заминуваат во туѓина

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
9 јануари 2023

И денес ретко кој во Скопје за „шраф“ вели „завртка“. Затоа што „шраф“ му „лежи“ небаре исконски на јазикот. Пишува Кица Колбе

Да се живее секојдневието во два јазика значи постојано во умот да се споредуваат зборовите од едниот и другиот јазикФотографија: picture-alliance/dpa/P. Grimm

На едно место во „Ноти за литературата“ Т.В. Адорно пишува за „Зборовите од туѓина“, всушност, за „странските изрази”, кои на германски се викаат „туѓински зборови“ (Fremdwörter). Тој раскажува со колкава, речиси еротска возбуда тој и неговиот другар во гимназијата во Франкфурт намерно употребувале „странски изрази“. Раната љубов за „туѓинките“ во јазикот за него е споредлива со привлечноста на туѓинките, на егзотичните девојки, затоа што странските изрази нѐ поттикнувале на „егзогамија во јазикот“, бидејќи нѐ носеле надвор од границите на нашиот јазичен свет.

Иако Адорно пишува за младешката желба да се истакне својата интелектуалност преку странски изрази, сепак, привлечноста на „туѓото“ во јазикот и мене ми е позната уште од детството. Ме восхитуваа заемките во скопскиот говор кои со својата непознатост ја брануваа мојата фантазија. Старите скопјани имаа обичај да кажат „зихер е зихер“ или „зихераш“. Уште поенигматичен беше зборот „малер“. Сите го употребуваа, па дури и децата, но никој не се прашуваше од кој јазик тој збор заталкал во скопскиот дијалект. Како и да е, ваквите заемки од туѓ јазик во македонскиот, за мене беа „туѓинците“ во мојот детски свет и јас сигурно уште како дете „филозофирав“ за нивното значење. Можеби затоа брат ми Наум, кој пред четири дена ќе наполнеше 68 години, едно време ме прекрсти од Кица во „Цвајг“. Тој и како дете имаше префинето чувство за хумор, па така одеднаш нас, трите сестри, почна да нѐ вика со странски имиња чие значење го знаеше само тој. Денес си велам дека неговата позната детска луцидност кај мене рано го препозна мојот восхит за јазично туѓото во германскиот.

Кица КолбеФотографија: Privat

Сепак, тогаш уште не можев да откријам од кои германски зборови заемките како „шрафцигер” се беа „преселиле” во скопскиот дијалект. Тоа го сознав дури откако се омажив и се преселив во Германија, зашто да се живее секојдневието во два јазика значи постојано во умот да се споредуваат зборовите од едниот и другиот јазик. Така брзо сознав дека „зихер“ на скопјаните е помакедончениот германски збор „sicher“. Малку потешко е да се најде изворот на заемката „зихераш“. Тоа што таа се среќава и во српскиот и во македонскиот, говори дека најверојатно се „населила“ во скопскиот јазик преку српскиот, а во овој можеби од војводинскиот српски, кој има многу заемки од германскиот и од австрискиот. Секако, Банат и Војводина биле долго време дел од австро-унгарскиот јазичен свет.

И денес ретко кој во Скопје за „шраф“ вели „завртка“. Затоа што „шраф“ му „лежи“ небаре исконски на јазикот. Меѓутоа, ако зборувате и германски, како во мојот случај, се прашувате кој е германскиот оригинал за заемката „шраф“? Тоа што го нарекуваме „шраф“, на германски се вика „Schraube“, а се изговара „шраубе“. Како тогаш од „шраубе“ настанал „шрафот“? Некаде наидов на унгарската заемка „sróf" за германскиот збор „Schraube“, а и чешката заемка „šroub“ за истиот германски израз сугерира кој би бил патот на кој „Schraube“ станал „шраф“ во српскиот и македонскиот. Секако, иста е приказната и на зборот „шрафцигер“, кој е заемка од германскиот „Schraubenzieher“, како што и „раткапна“ доаѓа од Radkappe.

„Шпајз“, „мешпајз“, „цушпајз“...

Кога од перспективата на германскиот ќе почнете да ги „детектирате” заемките од германскиот во јужнословенските јазици, ви станува јасно дека историјата може да се чита и како особено писмо, во кое туѓото на творечки начин се вградува во сопственото. На пример, и зборот „шпајз“ на секој скопјанец му звучи исконски скопски. Притоа и тој е „емигрант“ во македонскиот, затоа што е заемка од германскиот. Иако тој во македонскиот останал трајно во една скратена форма на германскиот збор „Speisekammer“, што значи, „остава за намирници“. Oд „шпајзекамер“ (како што се изговара Speisekammer) во јужнословенските јазици се одомаќинил само првиот дел, Speise, што значи јадење. Speise се изговара „шпајзе“, а тој завршил во заемката „шпајз“. Веројатно зашто бил преземен од австрискиот, каде понекогаш се употребува таа кратка форма.

- повеќе од авторката: Најтивката ноќ во годината и дарбата за дарување

Староскопска заемка со интересна приказна е и „мешпајз”, со која се означува десерт. Таа има врска со германскиот збор „Mehlspeise“ (со изговор „мелшпајзе“) што во превод значи тестенина и печиво. Зборот се состои од Mehl (брашно) и Speise (јадење). На патот на „преселбата” на овој збор во македонскиот се изгубиле буквите „л“ и „е“, па од „мелшпајзе” станал „мешпајз”. Истото важи и за заемката „цушпајз”, од австрискиот Zuspeise, (со изговор „цушпајзе“) во српскиот, што е додатокот од зеленчук во јадењето. Особено во Војводина и ден-денес за појадок се вели „фруштук”, од Frühstück, за десерт „нахшпајз“, од Nachspeise или за предјадење „форшпајз“, од Vorspeise.

Слична е приказната и на заемките „шпакла”, од Spachtel, но и „лајсна” од Leiste, „кнедла” од Knödel, „кифла” од Kipferl, „крофна” од Krapfen, „штрудла“ од Strudel.

И зборовите ја доживуваат авантурата на емиграните

А да не ги заборавиме ниту „анласер”, од Anlasser, „рикверц“, од Rückwärts. Меѓутоа, која е приказната на „цајгер”, на „малер“, на „зихераш“? Таа е уште повозбудлива, затоа што покажува дека и зборовите ја доживуваат авантурата на печалбарите, на преселниците, на емиграните. Тие, имено, создаваат на својот пат на доместицирањето на туѓото во својот свет еден нов квалитет на зборовите и на содржините кои се асоцираат со нив. Од германската поговорка „sicher ist sicher“, со која се опишуваат претпазливите луѓе, кои секогаш се обезбедуваат на сите можни начини, во македонскиот настанал изразот „зихераш“ кој, пак, повеќе означува несигурен, плашлив, колеблив човек. Од друга страна, заемката „малер”, со која се означува некоја личност чија појава некому секогаш му носи несреќа и неуспех, потекнува од еден германски збор, кој и самиот е заемка од францускиот - зборот „Malheur“, што значи несреќа.

- повеќе од авторката: Божиќ во време на војна на европскиот Исток

Особено загадочно е значењето на заемката „цајгер” во македонскиот. Кога двете стрелки на часовникот се поклопуваат, во скопскиот жаргон се вели „цајгер”. А тоа значи дека некој мисли на тебе! „Цајгер“, Zeiger, на германски се нарекува стрелката на часовникот. Фантазирањето дека поклопувањето на двете стрелки значи дека некој мисли на тебе со љубов, очигледно припаѓа само на јужнословенската митологија на вљубените. И така кругот повторно се затвора кај речиси „еротската” фантазија која за Адорно ја разбудувала употребата на „зборовите-туѓинки” во нашиот толку познат мајчин јазик!

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми