1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се крчка парламентарното мнозинство - 58 или 61 пратеник?

ДТЗ
18 мај 2024

Иако лидерот на партијата и иден мандатар, Христијан Мицкоски не ги вади сите карти од ракавот во пресрет на преговорите за формирање на владината коалиција, во јавноста веќе се вртат повеќе комбинаторики.

Христијан Мицкоски
Иако Христијан Мицкоски не ги вади сите карти од ракавот, во јавноста веќе се вртат повеќе комбинаторикиФотографија: Petr Stojanovski/DW

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата атакуваат на стабилно мнозинство во парламентот, најавувајќи дека не само 58, туку дека веќе имаат обезбедно поддршка од 61 пратеник, а бројката, според најавите, би можела и понатаму да расте. Иако лидерот на партијата и иден мандатар, Христијан Мицкоски не ги вади сите карти од ракавот во пресрет на преговорите за формирање на владината коалиција, во јавноста веќе се вртат повеќе комбинаторики. Во едната од нив се споменува можноста да се придобијат и пратеници од традиционалните коалиционите партнери на СДСМ - ЛДП и НСД, но ваквите најави веднаш беа пресретнати и демантирани од лидерите на партиите.

„Остануваме во опозиција“

„Остануваме во опозиција. Како ќе делуваме внатре во опозицијата ќе одлучат органите на партијата, но по конститутивната седница“, вели за ДВ, претседателот на НСДП, Горан Мисовски. Според него, конститутивната седница би требало да се одржи на 27 мај. 

„По неа ќе седнеме, ќе го разгледаме извештајот, ќе имаме Центарен одбор и ќе донесеме одлука како ќе делуваме во рамките на опозицијата. Има опција да се делува во една или во две пратенички групи, или пак да се делува самостојно во опозиција, така што таа одлука ќе ја донесат органите“, вели Мисовски. 

НСДП освои две пратенички места на парламентарните избори коишто се одржаа на 8 мај во Северна Македонија. Покрај него, и Соња Мираковска во Изборната единица 4 се избори за пратеничко место во новиот парламентарен состав.

„Остануваме во опозиција“, порачаа од НСДП и од ЛДП, откако коалицијата предводена од СДСМ изгуби на последните парламентарни избориФотографија: P.Stojanovski /DW

„Нарачки од партиски ботови“

Веста за можно менување на таборот, ја демантираа и од Либерално-демократската партија (ЛДП). Лидерката на партијата, Моника Зајкова оцени дека таквите објави на социјалните мрежи се „нарачки од партиски ботови“.

„Имаше такви кои агитираа и работеа против сопствената партија и денес прават повторно притисок. Нашата цел и насоченост во моментот е прегласувањето во ИЕ 5 каде има 3.521 избирач. Големи шанси за мандат има и кандидатот од ЛДП, доколку неговата коалиција освои 110 гласови повеќе од сегашниот резултат, тогаш пратеник би станал Боби Мојсоски, а би отпаднал Исмаил Јахоски од ДУИ. Затоа и повикувам да се воздржат од шпекулации и во среда да се гласа за број 1“, вели Зајкова во изјава за „Локално“.

Битка за двотретинско мнозинство

Математиките околу бројноста на парламентарното мнозинство ги подгреа првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој одговарајќи на новинарски прашања во четвртокот (16.05) рече дека „покрај 58 пратеници на коалицијата, имаат консолидирано точно 61 пратеник“. Тој е убеден дека многу брзо ќе биде објавен составот на новата влада и на коалицијата која ќе биде „поддржана со повеќе од две третини од пратениците во Собранието“.

Партијата ги започна разговорите со коалицијата ,„Вреди“ (Влен). Гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари очекува до крајот на идната недела да се постигне договор околу идната влада. Вели дека владее позитивна атмосфера помеѓу работните групи на Вреди и ВМРО-ДПМНЕ.

Се крчка парламентарното мнозинство - 58 или 61 пратеник?Фотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

„Се надевам дека до крајот на идната недела ќе имаме завршен договор со програма на Владата и со распределба на ресори, односно кој и каде ќе биде како министер. Ние како претседатели на партии сме имале две средби, понатаму интензивно работат работните групи, се надевам до понеделник ќе излеземе со заедничка програма, а до петок ќе имаме завршен договор меѓу ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ, практично договор за нова влада“, изјави Таравари.

Мицкоски вели дека ги завршуваат разговорите и со неколку од пратениците кои што не се дел од коалицијата „Твоја Македонија“. „Не можам да зборувам во однос на деталите, но многу скоро ќе ги дознаете деталите, имајќи предвид дека состојбата е чувствителна. Можам да кажам дека како „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ во парламентот покрај 58 пратеници кои ги има автентично, очекуваме одлука на Управниот суд да видиме што ќе се случува со изборната единица 5 и 6, можам со задоволство да кажам дека имаме консолидирано точно 61 пратеник, но тоа нема да не повлече од разговорите со идните потенцијални коалициски партнери како што е коалицијата „Вреди“, изјави Мицкоски.

Според првичните официјални резултати за парламентарите избори што ги објави ДИК, Коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ освоено најмногу пратенички мандати - 58, по што следуваат Коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ со 19 пратенички мандати, Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ, 18, Коалицијата ВЛЕН, 13, а Движење ЗНАМ за наша Македонија и Левица по шест пратенички мандати. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми