1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кои се „херојските гласачи“ и каде да се најдат?

14 септември 2024

Британските Лабуристи успеаја да ги вратат „херојските гласачи“ кои ги напуштија. Македонските Социјалдемократи треба прво да ги детектираат, да им се приближат, па да се обидат да ги вратат. Пишува Љупчо Поповски

Кои се македонските „херојски гласачи“ и каде да се најдат?Фотографија: DW/P. Stojanovski

Најголемото планетарно политичко шоу – дебатата меѓу Доналд Трамп и Камала Харис – заврши, но дебатите за таа дебата не прекинуваат.

Во Македонија, прикриено или отворено можеше да се забележи кон која страна се наклонети медиумите. Оние со продесничарска (а и провладина) политичка ориентација се обидуваа да извлечат интересни факти кои би му оделе  во прилог на Трамп (и покрај забелешките дека Харис ја добила дебатата); оние полибералните покажуваа еден вид воздржана радост.

Неколку моменти од оваа дебата би можеле да бидат корисни за македонскиот журнализам, ако проретчените новинарски редови и вистинските уредници успеаја да ги дофатат тие мигови. Модераторите на телевизиската мрежа Еј-Би-Си (која ја организираше дебатата) успеаја да го направат она што некои велеа дека е невозможно – да го проверат Трамп со факти.

Имаше некаква универзална вистина во американскиот медиумски простор (повеќе изговор) дека претседателските дебати не можат и не треба да се проверуваат фактички во реално време. Дека спротивставувањето на лагите не е работа на модераторите, туку строго улога на самите кандидати.

Револуционерно новинарство

Во дебатата во вторникот се случи нешо неочекувано, дури и револуционерно. Моментот беше незаборавен: модераторката Линси Дејвис рече само неколку зборови откако Трамп спомена едно од неговите озборувања без докази за егзекуција на бебиња.

„Нема држава во оваа земја каде што е легално да се убие бебе откако ќе се роди", рече Дејвис со мирен тон. Не одеше во експликации, само исправи често повторувана лага и како што напиша колумнистката на „Гардијан", Маргарет Саливан, утврди нешто важно: најстрашните невистини може да бидат оспорени од модераторите. На Дејвис ѝ се приклучи нејзиниот комодератор, Дејвид Мјуир - со истиот неутрален, љубезен и мирен тон - го демантираше Трамп, кој бурно зборуваше дека мигрантите во Охајо јадат домашни миленици, кучиња и мачки. Мјуир смирено изјави дека Еј-Би-Си претходно го проверила ова и утврдила дека тоа не е вистина. И во друг пример, Мјуир се спротивстави на обвиненијата на Трамп за неконтролиран и зголемен криминал, особено во врска со мигрантите, велејќи го ова: „Како што знаете, ФБИ вели дека севкупниот насилен криминал се намалува во оваа земја".

Дебатата меѓу Доналд Трамп и Камала Харис Фотографија: Alex Wong/Getty Images

Сојузниците на Трамп беа огорчени што не му било дозволено да се размавнува по своја волја, дека било ужасно неправедно. Трамп подоцна на социјалните мрежи обвини дека дебатата била „Три на еден".

Некои би рекле дека е илузорно да се бара од македонските новинари од осиромашените редакции со работни ресурси да поправаат, т.е. демантираат со таков мирен тон очигледни лаги или измислици на нашите врвни политичари. Но, оние што стојат со микрофоните пред политичарите кои даваат изјави би можеле да ги прашаат за некои целосно контрадикторни ставови. На пример, околу замрзнувањето на цените.

На почетокот од месецов премиерот Христијан Мицкоски изјави дека „Владата што тој ја предводи нема да интервенира во ограничувањето на цените на основните продукти за домаќинствата", откако последните недели поскапеа месото, млечните продукти, овошјето и зеленчукот. „Ние сме пазарна економија, пазарот ги диктира цените. Ако влеземе во една политика на ограничување, тогаш видовте какви резултати ни даде таа политика - ни даде спротивни ефекти од тие што ги очекувавме".

Тоа беше во согласност со она што го зборуваше година и нешто повеќе до пред изборите. И беше консеквентно. Мицкоски како лидер на опозициската ВМРО-ДПМНЕ зборуваше дека „замрзнувањето на цените како мерка за борба против инфлацијата е антитеорија, антипракса и антиекономска".

Драматичен пресврт

Драматичните пресврти во политиката не се нешто невообичаено. Па само неколку дена по оваа изјава дека нема да има замрзнување на цените, министерот за економија Бесарт Дурмиши објави дека неколку министерства подготвувале пакет за таканаречена есенска потрошувачка кошничка и дека производите чии цени ќе бидат замрзнати ќе биле познати од понеделник.

И не само тоа – ќе има божикна, велигденска, рамазанска кошничка. Што значи дека цените на одредени производи ќе бидат замрзнувани речиси цела година.

И самиот премиер Мицкоски ретерираше од неговата изјава дека нема замрзнување на цените бидејќи тоа е антитеорија. Кога го најавуваше замрзнувањето на цените на моливите, пенкалата, тертратките, шестарите и агломерите, Мицкоски рече дека „да замрзнувате цени и да ограничувате маржа не е популарна мерка. Тоа нема врска со пазарна економија. Но, кога гледате дека одговорноста е сѐ помала и дека имате дуопол, триопол, а некогаш и монопол на пазарот, тогаш како Влада мора да реагирате со ваков тип мерки со кои ќе работите во интерес на граѓаните, оние кои ве гласале“.

Премиерот Христијан Мицкоски ретерираше од неговата изјава дека нема замрзнување на ценитеФотографија: Government of North Macedonia

Бидејќи ѓаволот ги однесе лесните политички приказни, а незадоволството на граѓаните од високите цени, особено на овошјето и зеленчукот, се претвора во тивок бунт, мерките „кои немаат врска со пазарната економија“, ќе мора да ги спроведе „владата која ја гласале". Па макар премиерот две години да го тврди токму спротивното.

Луѓето кои владеат имаат свои маки, како да ги задоволат очекувањата на оние што го дале гласот за нив и како да не ги свртат против нив оние кои им се приклучиле, што поради револт, што поради изневерени очекувања, што поради незадоволство од управувањето. Главната задача на  пратенички десеткуваната опозициска СДСМ  е  како повторно да ги привлече овие гласачи.  Изгледа како невозможна мисија, но примерот од Велика Британија и успехот на Лабуристите на изборите од 4 јули покажуваат дека враќањето на „заблудените деца“ не е неостварливо. Само што има една огромна разлика – британските Лабуристи имаа голема истражувачка машинерија на искусни анкетари, на добро обучени советници. Луѓе на теренот и проучувачи на причините зошто Лабуристите доживеаја катастрофален пораз во 2019 и пет години подоцна се вратија со изборен триумф кој до пред само две години изгледаше невозможен. Клучот е во оние луѓе, коишто советниците на британскиот премиер Кир Стармер ги нарекоа „херојски гласачи“.

Во македонската политичка битка ВМРО-ДПМНЕ има една стандардна вокација која не ја менува со години, па и децении: секојдневно оцрнување на главниот политички ривал, бомбардирање со прес-конференции, изнесување на вистинити, полувистинити и лажни тврдења со кои претендираат да го освојат медиумскиот простор, а преку тоа и наклонетоста на гласачите. Таа нивна стратегија им донесе триумф на последните избори. Не треба да се биде некој политички нострадамус да се претпостави дека таквата опозициска стратегија на ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи и во годините во кои тие ќе бидат власт.

Македонските „херојски гласачи“

На опозицијата, која уште не може да се собере од поразот, ѝ треба преструктирање, веројатно според поинакви методи и активности за приближување кон оние кои сега се чувствуваат  разочарани од Социјалдемократите.  Дали се тоа шарените револуционери, либералниот граѓански дел, работниците, флуктирачката средна класа, патриотите (оние коишто секогаш биле или станале тоа по францускиот предлог), земјоделците, интелектуалците... Сите тие се во оној избирачки комплот кој главните изборни советници на Стармер го нарекоа „херојски гласачи“. Доколку СДСМ успее да му се приближи на ова разочарано шаренолико друштво ќе ги зголеми надежите за брзо политичко опоравување.

На опозицијата ѝ треба преструктирање - лидерот на СДСМ, Венко ФилипчеФотографија: SDSM

Еве ја приказната на британските „херојски гласачи“ и како архитектите на  победата на Лабуристите  отидоа преку Атлантикот за да ѝ помогнат на Камала Харис во последните осум недели на кампањата да победи пред Трамп во мртвата трка. За оние што се занимаваат со политиката или се околу политика таа е прилично поучна, па дури и инспиративна.

Само неколку дена откако ја обезбеди првата изборна победа на неговата партија во речиси две децении, британскиот премиер Кир Стармер се качи на авион за Вашингтон. (Вчера повторно беше во Белата куќа.)

Последните недели, поворката од неговите највисоки советници тргна по неговите стапки, брзајќи да им ја пренесе својата победничка стратегија на американските Демократи. Тимот на Стармер верува дека кампањата на Камала Харис може да научи од тоа како Лабуристите повлекоа линија под прашањата за поделби, културна војна за да ги вратат гласачите кои претходно ги игнорираа. Лабуристичките анкетари и политичари велат дека успеале да допрат до  гласачите од работничката класа  што ги изгубиле во минатото. Имиграцијата е најжешкото прашање што ги мачи двете земји (кај нас тоа се уставните измени и корупцијата) и лабуристичките искуства може да ѝ помогнат на Харис во последните недели на кампањата.

Официјалните лица на Харис не бараа активно совет од Лабуристите, но како долгогодишна сестринска партија, Демократите слушаа што имаат да кажат нивните сојузници преку Атлантикот. Постојат јасни сличности меѓу лабуристичката и демократската кампања. Стармер, како и Харис, стана познат како обвинител.

Исто како што Харис се обидува да го зацврсти својот глас во државите на „Појасот на ‘рѓата", како што се Пенсилванија, Висконсин и Мичиген, Стармер мораше да се обиде - успешно, како што се испостави - да ги врати таканаречените градови на „Црвениот ѕид" во северна Англија, кои традиционално гласаа за Лабуристите, но се префрлија кон Конзервативците во 2019 година.

Британските и американските гласачи споделуваат загриженост за имиграцијата, домувањето и трошоците за живот. Фокусот на Харис на изградба на повеќе домови и помагање на купувачите кои тоа го прават за прв пат е одраз на плановите за домување на Лабуристите. Нивните методи се исто така споредливи. Во својата кампања, Лабуристите ја усвоија стратегијата што британските медиуми ја нарекоа „минг вазна“ со која се обидуваат да го зачуваат водството во избирачките места со избегнување на контроверзни политички обврски кои би можеле да ги исклучат неопределените гласачи. Тоа е во согласност со кампањата заснована на вибрации, усвоена од тимот на Харис, давајќи многу малку додека се обидуваат да одржат мало, но стабилно водство во клучните држави.

Минатата недла во САД отпатуваа Дебора Метинсон, која беше директорка за стратегија на кампањата Стармер, како и поранешната шефица на неговиот политички тим, Клер Ејнсли. Тие се сретнаа со стратези од кампањата на Харис во Вашингтон за да ги претстават наодите од Институтот за прогресивна политика, кој сега го води Ејнсли, за тоа како Лабуристите ги освоија „херојските гласачи“: Британците од работничката класа кои ги напуштија Конзервативците и преминаа кај Лабуристите.

Копнена структура

Ево што напишаа Метинсон и Ејнсли за британски „Опсервер“ како успеле да ги придобијат „херојските гласачи“:

„На 4 јули Лабуристите го поништија најстрашниот пораз во последните децении за да извојуваат неверојатна победа. Талентиранот и енергичен партиски тим заслужува огромна заслуга за оваа победа: ефективни комуникации, иновативен дигитален пробив, креативна политика која кулминира со пет мисии, организациски брилијантни настани и суперефикасна копнена структура. Тоа беше кохезивна кампања обединета со нејзиниот остар, дисциплиниран фокус на нашите многу цврсто дефинирани ‘херојски гласачи’. Може ли слична единственост да ѝ помогне на Камала Харис да го победи Доналд Трамп на 5 ноември?

Само три години пред тоа, Лабуристите го претрпеа катастрофалниот неуспех на дополнителните избори. Додека Кир Стармер направи значителни чекори кон враќањето на Лабуристите во служба на работните луѓе во неговата прва година како лидер, партијата сè уште се бореше да прифати различна коалиција на гласачи што се протега од нејзината база до поширока група прогресивни гласачи и вклучувајќи го ‘Црвениот ѕид' на северот на Англија, кој толку драматично ги напушти Лабуристите во 2019 година.

Кир Стармер - Лабуристите доживеаја катастрофален пораз во 2019 и пет години подоцна се вратија со изборен триумфФотографија: JUSTIN TALLIS/AFP/Getty Images

Тоа беше невозможна задача. Стармер сакаше навистина да ги разбере гласачите кои беа клучни за таа победа на Ториевците. Овие гласачи – често поранешни Лабуристи - ја отфрлија партијата, затоа што веруваа дека таа ги отфрлила. Фокусот на Лабуристите на економските грижи, преку достапни станови до безбедност на работа, ги врати.

За Харис, решавањето на суштинските прашања како што се домувањето, цените и создавањето работни места, исто така, може да ги придобие неопределените гласачи од средната класа во САД, од кои многумина се соочуваат со слични економски притисоци. Лабуристите се зафатија да дознаат што е можно повеќе за овие гласачи и да го применат тоа знаење во сите аспекти на кампањата. Тие беа патриоти, беа ориентирани кон семејството, се бореа со трошоците за живот: исцедени гласачи од работничката класа кои сакаа промени.

Пред претседателските избори во САД во ноември, Харис го сврте на глава натпреварот кој изгледаше како однапред завршена работа во корист на Трамп. Сепак, како што покажуваат податоците, тој сѐ уште е мртва трка. Ние веруваме дека усвојувањето на сличен пристап на херојски гласачи може да направи витална разлика, исто како што тоа го направи во Велика Британија.

Почетната точка е да се идентификуваат и да се разберат херојските гласачи на Харис - неопределените гласачи кои размислуваат за Трамп и живеат во неколку најзначајни држави од бојното поле.

Контекстот е многу различен, но паралелите се речиси неверојатни. Оваа група - која во САД се самодефинира како средна класа, а не како работничка класа како што би можела истата група во Британија - страда. Нејзините членови веруваат дека средната класа е загрозена, негиран е сонот за сопственост на куќи што претходните генерации го земаа здраво за готово, не можејќи да ги покријат основните работи и хипер свесни за цената на намирниците, комуналните услуги и другите сметки. Многумина работат повеќе работи само за да преживеат.

Во нашиот проект, истраживме како лекциите од успешната кампања на Лабуристите може да се преведат, одразувајќи го расположението на херојските гласачи, создавајќи јасни линии на поделба на партискиот бренд и лидерската репутација и, на крајот, развивајќи привлечна понуда.

Од моментот кога го дефиниравме фокусот на нашите херојски гласачи, имавме три години да го насочиме размислувањето преку партиската активност. Тимот Харис има помалку од три месеци. Но, гледајќи го она што го постигнаа во изминатите неколку недели, успехот сега изгледа на дофат“.

Ова изгледа како лекција за долготрајна политичка кампања. СДСМ има уште три години (исто како тимот на Стармер) да го дефинира фокусот на „херојските гласачи“ на кои ќе им се обраќа. (Локалните избори следната есен се само попатна станица.) Овие гласачи, како и во британскиот случај, ја отфрлија партијата затоа што веруваа дека СДСМ ги отфрлил, поради разни причини – корупцијата, националните интереси, францускиот предлог, чекорењето во место... Приближувањето до нив изгледа како херкуловска политичка задача, бидејќи за тоа не треба само знаење, туку и ресурси и мотивирана и посветена партиска структура, која ќе треба да се ослободи од главниот сдсмовски проблем – ситење на сопствените неуспеси.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми