1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Власта повикува на обединетост, опозицијата на пркос

ДТЗ
23 октомври 2023

Кој е аманетот којшто го оставија шестмината револуционери кои ја основаа ВМРО пред 130 години? Политичарите повикуваат на обединување и пркос.

Mazedonien Mazedonier Menschen Skopje Mazedonische Garde Madezonische Flagge
Фотографија: MIA

По повод прославата на 23 октомври  - Денот на македонската револуционерна борба, власта повикува на обединетост за европска и напредна држава, додека опозицијата на пркос на Македонецот. Кој е аманетот којшто го оставија шестмина револуционери коишто ја основаа македонската револуционерна организација пред 130 години?

Слобода и правда

Претседателот Стево Пендаровски вели дека, како и пред 130 години, мора да ги надминеме поделбите и да се обединиме околу заедничката цел – демократска и функционална правна држава со еднакви можности за достоинствен живот и напредок на секој граѓанин. Како што борбата на револуционерната генерација беше за слободна и праведна држава, така нашата борба денес мора да биде против корупцијата, непотизмот и криминалот што раѓаат недоверба, социјална неправда и масовно иселување на младите.

Иако поради соседните пропаганди, притисоци и аспирации нашата револуционерна борба имаше и успеси и падови, целта остана иста. Илинденското востание ја даде Крушевската Република, a, Народноослободителната и антифашистичка борба државотворниот АСНОМ, додава претседателот.

Mора да ги надминеме нашите поделби и да се обединиме околу заедничката цел – демократска и функционална правна држава, вели ПендаровскиФотографија: Petr Stojanovski /DW

Европска и напредна држава

Премиерот Димитар Ковачевски вели дека „континуитетот на борбата за слобода и придонесот на револуционерите во реализирањето на вековниот идеал за независна македонска држава е денешен мотив, од Република Северна Македонија да создадеме европска и напредна држава“. 

„Обединети, храбро и со забрзан чекор да продолжиме по европскиот пат и да обезбедиме прогресивна иднина за нашите деца“, порача премиерот. 

За претседателот на Собранието, Талат Џафери, овој ден е споменик на револуционерната идеја која водела низ битки во кои многумина го положиле најскапоценото, животот.

„Затоа што знаеле дека револуцијата е раскрсница помеѓу иднината и минатото. Тие верувале во слободна, независна, единствена и напредна држава во која секој ќе може да ја гради својата иднина и иднината на своите млади поколенија горделиво и достоинствено. За тоа била потребна и се уште е потребна пожртвуваност, верба и визија за во иднина да се уживаат плодовите на битките низ историјата. Споменот на старите битки кои не довеле до тоа што сме сега, нека биде потсетник и наш учител за новите секојдневни битки кои ги водиме во животот заедно, сплотени и единствени“, порача Џафери.

„Обединети, храбро и со забрзан чекор да продолжиме по европскиот пат и да обезбедиме прогресивна иднина за нашите деца“, порача премиеротФотографија: Petr Stojanovski /DW

Симбол на пркос

За лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, 23 Октомври е датум кој во нашата колективна меморија е врежан како датум кога за прв пат македонскиот народ се организирал во организација за борба за слободна и независна држава.

„Формирањето на МРО, кое подоцна ќе прерасне и во народот ќе остане запаметено како ВМРО е симболот на пркос на Македонецот, воден од желбата за подобро утре“, истакнува Мицкоски.

И денес, како и тогаш на тој 23 октомври 1893 година, како што вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, ни е потребен тој пркос и желба за подобро утре, зошто политиките на власта удираат по темелите на општеството, ја разјадуваат државата и ги бркаат луѓето од своите домови во странство.

ВМРО е симболот на пркос на Македонецот, воден од желбата за подобро утре, вели МицкоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Време е како пред 130 години да се обединиме под знамето на Македонија и да тргнеме напред, да и кажеме не, на власта која не турка надолу, и да го реализираме сонот за просперитетна држава. Ако на основачите на ВМРО им било важно формирање на македонска држава. На нас нивните следбеници важно ни е Македонија да биде просперитетна држава, каде ќе владее правото и секоја индивидуа ќе има еднаква шанса за успех. На ВМРО-ДПМНЕ и на мене лично важно ни е Македонија да напредува и достигнува нови височини“, вели Мицкоски во честитката. 

Во Северна Македонија денеска се одбележува 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба. На овој ден во 1893 година во Солун била основана Внатрешната Македонско-Одринска Револуционерна Организација (ВМОРО), со цел извојување автономија на Македонија преку револуционерна борба. Врвна точка на дејноста на ВМОРО е организирањето на Илинденското востание во 1903 година во Македонија и на Преображенското востание во Одринска Тракија.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми