1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој е Борис Писториус, идниот германски министер за одбрана?

Сабине Кинкарц
17 јануари 2023

Канцеларот Олаф Шолц се одлучи за човек кој во странство е главно непознат. Борис Писториус беше 9 години покраински министер за внатрешни работи во Долна Саксонија. Тој таму е популарен и важи за човек од акција.

Борис Писториус би требало да положи заклетва во четврток (19.01)
Борис Писториус би требало да положи заклетва во четврток (19.01)Фотографија: Moritz Frankenberg/dpa/picture alliance

Борис Писториус (СПД) не беше меѓу фаворитите за наследник на министерката за одбрана Кристине Ламбрехт (СПД). Полицијата, внатрешната безбедност, сајбер криминалот, миграцијата и спортот - тоа од 2013 година е светот на министерот за внатрешни работи на покраината Долна Саксонија. Но, 62-годишниот правник не само што има долгогодишно искуство во раководење на министерство, туку има и уште еден услов што секако е баран во сојузното Министерство за одбрана: Борис Писториус се смета за човек од акција, кој знае да се наметне.

Квалитети кои се итно потребни за Бундесверот да се врати на вистинскиот курс. По руската инвазија на Украина, канцеларот им вети на војниците 100 милијарди евра од специјален фонд. Тие пари се наменети за модернизација на Бундесверот, кој се жали на стара опрема, премалку муниција и голем кадровски проблем. Ополномоштеничката на Бундестагот за прашања на армијата, Ева Хегл, неодамна даде катастрофална слика за состојбата на војската и рече дека ќе бидат потребни 300 милијарди евра за Бундесверот да биде погоден за иднината.

Малку време за запознавање со работните задачи

Олаф Шолцго избрал Писториус веројатно и поради тоа што верува дека тој брзо ќе се запознае со комплексната материја. Од техничка гледна точка, ресорот е нова територија за назначениот министер за одбрана. Освен што Писториус го отслужил воениот рок во Бундесверот во 1980/81 година, тој нема искуство во воената сфера.

Има искуство со темата полиција. Во Долна Саксонија тој видно го реформираше безбедносниот апарат. Тоа го стори со многу млади полицајци и идејата дека полицијата треба да биде тука за граѓаните. Писториус ја гледа полицијата како место за обраќање на граѓаните и важен столб во демократијата. Ова го вклучуваше и проектот за зајакнување на полицијата на долг рок против екстремистичките напори. Тој се заложи за тоа.

Писториус ја реформираше полицијата во покраината Долна Саксонија Фотографија: Julian Stratenschulte/dpa/picture alliance

Амбиции на сојузно ниво

Писториус важи за политичар кој секогаш размислува надвор од рамките на Долна Саксонија. „Поплавите во долината Ар,агресивната војна на Путин против Украина, која го прекршува меѓународното право и има реперкусии врз внатрешната безбедност во Германија и Долна Саксонија - ова се само два настани кои ја нагласуваат важноста“, рече тој неодамна.

Долго време се вели дека Писториус има политички амбиции на сојузно ниво. Во 2017 година, социјалдемократот беше одговорен за внатрешни работи во кабинетот во сенка на тогашниот кандидат за канцелар Мартин Шулц, па доколку СПД победеше на изборите, тој веројатно ќе станеше сојузен министер за внатрешни работи. Со неговото име за сојузен министер за внатрешни работи се шпекулираше и за кабинетот на Олаф Шолц во 2021 година. Во 2019 година, Писториус со саксонската министерка Петра Кепинг се кандидираше за сојузното претседателство на СПД, каде што, меѓу другите, настапи против Олаф Шолц. На крајот победијаЗаскија Ескен и Норберт Валтер-Борјанс.

Вербално агресивен и јасен во изразот

Со одлуката за Писториус, Шолц се откажува од претходната линија дека мажите и жените треба да бидат застапени во еднаков број во кабинетот. Мажите сега се мнозинство.

Писториус е поинаков тип од Олаф Шолц. Тој е вербално агресивен и се изразува јасно. Неговата професионална кариера започнала со стажирање како трговец на големо и надворешна трговија пред да студира право во Оснабрик и Минстер. Роден во Оснабрик, тој е вдовец и има две деца. Во октомври 2016 година беше објавено дека е во врска со Дорис Шредер-Копф, четвртата сопруга на поранешниот канцелар Герхард Шредер. Двојката во меѓувреме се раздели.

Писториус го игра Лашет

Писториус има и смисла за хумор. За него е позната следнава приказна: Пред сојузните избори во 2021 година, новинар му пришол на Писториус во фоајето на Бундесратот - парламентот на сојузните покраини во Берлин - и го замолил за интервју во живо. Меѓутоа, репортерот се збунил и го заменил Писториус со Армин Лашет (ЦДУ), кој сакаше да стане канцелар во тоа време. Писториус не дозволил да се забележи ништо и целата ситуација ја разрешил дури пред самиот почеток на интервјуто во живо. Се вели дека на крајот се насмеал и репортерот.

Сабине Кинкарц новинарка на ДВ
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми