Кој е најстариот јазик во светот?
7 септември 2023
Собраното знаење може брзо да се изгуби, на пример поради застарена техника за складирање што никој веќе не ја користи. Информациите на дискета или флопи-диск остануваат недостапни доколку нема соодветни читачи. Покрај тоа, јазикот и пишувањето продолжуваат да се развиваат, така што дури и информациите во книга - која барем може да се отвори - можат да станат неразбирливи.
Речиси е невозможно да се стигне до информации кои не се запишани никаде и не се зачувани за потомството.
Кој пишува - опстојува
Затоа е толку тешко да се одговори на всушност едноставното прашање за најстариот јазик во светот. Јазиците можеби се пренесувале усно со векови, но ако не оставиле пишана трага - се забораваат.
Само пишаниот јазик остава разбирливи траги. И тоа само ако се пишувало на материјал кој го издржал тестот на времето. Записите на органски материјали, како што е кората, се во голема мера изгубени, додека текстовите на камен или глина преживеале илјадници години. Дали денес сè уште можеме да ги читаме и разбереме е друго прашање.
Најстарите пишани докази
Најраниот документиран пишан јазик е клинестото писмо, во кое знаците се втиснувале во сè уште меки глинени плочи. Отисоците имале форма на клин, по што писмото го добило името. Најстарите познати клинести писма потекнуваат од Сумерите, кои во 4-тиот милениум п.н.е. биле развиени во Месопотамија, „земјата меѓу реките“ Еуфрат и Тигар (во денешен Ирак). Веќе од периодот од 3 милениум п.н.е. текстовите се пренесувале. Епот за Гилгамеш е најпознатото дело на сумерскиот јазик. Јазиците со клинесто писмо биле исто така одлучувачки за подоцнежниот развој на европското писмо.
Египетските хиероглифи, врежани во гробницата на фараонот Сет-Перибсен (2775-2650 п.н.е.) и на тој начин зачувани за потомството, се на слична возраст. Реченицата најдена таму: „Тој ги обедини двете земји за својот син, двојниот крал Перибсен“, експертите ја сметаат за најрана целосно напишана реченица.
Писмото е зачувано, но можеме само да претпоставуваме како звучеле најстарите пишани јазици сумерски, акадски и староегипетски. Бидејќи сите три јазици се изумрени, знаќи веќе не се користат и немаат живи потомци.
Глобална јазична разновидност
Денес во светот има 7.100 јазици, од кои на 40 отсто им се заканува изумирање. Некои јазици ги зборуваат помалку од 1.000 луѓе и постои ризик тие да исчезнат за неколку генерации. Со тоа би се изгубил суштински дел од културниот идентитет.
Од друга страна, има 23 јазици што ги користи повеќе од половина од светското население. Десетте најраспространети јазици во светот се кинески (мандарински), шпански, англиски, хинди, арапски, португалски, бенгалски, руски, јапонски и пенџаби. Германскиот јазик е на единаесеттото место.
Илјадници години живот
Додека најстарите пишани јазици се изумрени, некои древни јазици живеат и денес, како што е тамилскиот, кој според многу лингвисти е најстариот јазик во светот кој сè уште се користи. Тамилскиот е еден од 22-те официјални јазици во Индија и го зборуваат речиси 85 милиони луѓе во јужна Индија и Шри Ланка. Најраните тамилски записи датираат од петтиот век п.н.е.. Меѓутоа, анализата на граматичкиот текст на тамилски јазик Tolkāppiyam, сугерира дека јазикот веројатно е стар најмалку 5.000 години.
Санскрит постои повеќе од 3.000 години, но денес речиси и не се зборува. Најраните пишани записи на санскрит се хинду-текстови, кои датираат помеѓу 1.500 и 1.200 п.н.е. и се напишани како веди, збирка религиозни текстови. Тој бил првенствено научен јазик, користен во антички индиски текстови, религиозни записи и литературни дела. Сепак, санскрит е јазик на потекло на многу современи индиски јазици и регионални дијалекти.
Кинескиот јазик е еден од најстарите континуирано зборувани јазици во светот и денес го зборуваат над милијарда луѓе. Корените на кинескиот може да се следат илјадници години наназад. Кинескиот јазик веројатно потекнува од пред 4.500 години, а настанал од прото-сино-тибетскиот, кој се смета за предок и на бурманскиот и тибетскиот јазик. Најрани наоди на кинеско писмо се натписи на школки од желки и животински коски, стари околу 3.300 години.
Хебрејскиот и арапскиот се исто така меѓу најстарите јазици што сè уште се зборуваат. Јазичните корени на овие два афро-азиски јазика досегаат 10.000 до 20.000 години во минатото, но најраните пишани записи за двата јазика се од пред „само“ 3.000 години.
Имало ли заеднички прајазик?
Се разбира, дури и ако не може да се најдат писмени докази, луѓето имале сложени комуникациски системи со кои можеле да комуницираат илјадници години. Постојат различни лингвистички теории за потеклото на човечкиот јазик, но ниту една од нив не е целосно докажана.
Човечкиот јазик можеби настанал преку комбинација на фактори, вклучувајќи развој на сложени мозоци, социјална интеракција и потреба за соработка во ловот и собирањето храна. Јазикот можеби еволуирал со текот на времето од комбинацијата на гестови со рацете и движењата на телото.
Исто така, постои теорија дека некогаш постоел таканаречен „протојазик“ (прајазик), односно древен заеднички јазик од кој со текот на времето произлегле сите современи јазици. Сепак, нема доволно докази дека таков универзален заеднички јазик некогаш постоел.
Различност преку изолација и миграција
Поверојатно е дека во праисториските општества, слично како денес, имало многу различни регионални јазици и дијалекти. Разновидноста на човечките јазици еволуирала со текот на времето преку географска изолација, културна размена и миграција.
Кога групи на луѓе се одвојувале и станувале изложени на различно опкружување, нивните јазици се развивале независно еден од друг. Тоа довело до појава на мноштво јазици коишто (сè уште) ги имаме денес.