1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСловенија

Кој ќе го наследи словенечкиот „Инстаграм претседател“?

Гаспер Андринек
12 ноември 2022

Мандатот на популарниот Борут Пахор, познат по прекарот „Инстаграм претседател“ привршува. Утре (13.11.2022) Словенците го избираат неговиот наследник. Една жена има добри изгледи, но нејзините противници не мируваат.

Словенците во недела 13 ноември 2022 гласаат во вториот круг од претседателските избори
Словенците во недела 13 ноември 2022 гласаат во вториот круг од претседателските избориФотографија: dpa

Повеќе од 10 години, Борут Пахор постојано беше на врвот во анкетите за најпопуларни политичари во Словенија. Станува збор за човек со богато политичко искуство: тој не беше само претседател на државата, туку и премиер, претседател на парламентот и европратеник.

Но, не го направи само искуството популарен кај избирачите: Пахор беше и еден од првите словенечки политичари кој стана влијателен на социјалните мрежи. На својот профил на Инстаграм тој редовно објавува фотографии од своите средби со познати личности - од кралицата Елизабета II и папата Франциско до супермоделот Наоми Кемпбел и словенечката кошаркарска ѕвезда Лука Дончиќ.

Всушност, Борут Пахор е толку активен на платформата за делење фотографии што Политико во 2017 година го прогласи за „Европски инстаграм претседател“.

Инстаграм претседател: Борут Пахор на заедничка фотографија со поранешниот супермодел Наоми КемпбелФотографија: Klemen Horvat/Office of the Slovenia's President/AP/picture alliance/AP Photo

Но, сега по 10 години во претседателската резиденција, тој ги пакува куферите - Словенците во недела, на 13 ноември, излегуваат на вториот круг избори за нов претседател. Во трката останаа Анже Логар и Наташа Пирц Мусар.

Логар во водство по првиот круг

Логар, член на национално-козервативната Словенечка демократска партија (СДС) на Јанез Јанша, победи во првиот круг на претседателските избори на 23 октомври со 34 отсто од гласовите, На второ место како независна кандидатка беше адвокатката Пирц Мусар со освоени 27 насто.

Но, тоа сѐ уште ништо не зборува: според анкетата која за словенечката телевизија ја направи агенцијата Влаикон, Пирц Мусар е поблику до победата во вториот круг отколку Логар. Се предвидува дека таа ќе победи со 56 отсто гласа.

Анже Логар победи во првиот круг од претседателските избори во СловенијаФотографија: Luka Dakskobler/ZUMA/IMAGO

Прва словенечка претседателка

„Досега кандидат од десницата никогаш не победил на претседателските избори во Словенија, што би можело да се припише и на фактот оти избирачкото тело во нашата земја е благо наклонето на лево“, вели во разговорот за ДВ, Мелита Роглиќ, словенечка политичка аналитичарка и новинарка од поратлот Н1инфо.

А, и политичкиот аналитичар Алијаж Пенгов Битенц е уверен дека Пирц Мусар има добри шанси да стане прва словенечка претседателка. Но, тој предупредува дека „предноста која таа ја има во однос на Логар би можела да се истопи ако излезеноста на избирачите биде ниска“.

Тој предупредува оти постои опасност од „умор на избирачите“ поради бројот на избори кои во кус рок се одржуваат во Словенија. Наредните месеци Словенците ќе гласаат и на три одделни референдуми и на локални избори во многу општини.

Подготвена за изборен нокаут? Наташа Пирц Мусар може да стане прва претседателка на СловенијаФотографија: AP/dpa/picture alliance

Двајца независни кандидати

Формално двајцата претседателски кандидати настапуваат како независни кандидати. Двајцата пријавија кандидатура откако собраа потребен број потписи од граѓаните и не се службени кандидати на некоја политичка партија.

Но, мнозинството не го доживуваат Анже Логар како независен. Тој не само што е долгогодишен член на СДС, туку беше и претседател на партискиот совет и министер за надворешни работи во последата влада на поранешниот премиер Јанез Јанша, десничарски популист близок до унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Алијаж Пенгов Битенц смета дека досега најголема грешка на Логар било избегнувањето на одговорот на прашањето за неговиот однос кон сопствената партија и делувањето на владата на Јанша чиј дел беше и самиот. „Тоа што не се огради од сето тоа сериозно ја доведува во прашање неговата наводна независност“, вели овој аналитичар.

А, тука е уште и самиот Јанша. Според мислењето на Мета Роглиќ, „агресивните испади на Јанша му штетат на Логар. Што погласно се јавува Јанша за збор, толку кај избирачите од левиот центар е посилен рефлексот на отпор“. 

Поранешниот словенечки претседател Јанез Јанша и кандидатот за претседател Анже ЛогарФотографија: Jure Makovec/AFP

Јанша во кампањата

Но, поранешниот премиер тоа не го спречува гласно да го поддржи Логар. Овој втор круг на изборите Јанша го нарече конфликт меѓу вредностите на словенечката независност и уставноста од една страна и вредностите на даночните оази од друга. Оваа алузија се однесува на Наташа Пирц Мусар, која порано беше шефица на словенечката канцеларија за заштита на податоците. За време на изборната кампања се слушаа тврдења дека или самата Пирц Мусар или нејзиниот сопруг своите пари ги префрлале во даночни оази.

Пирц Мусар во кампањата повеќепати беше цел на обвинувања поради бизнисот на нејзиниот сопруг. Нејзина најголема грешка, смета Битенц, бил неуверливиот начин на кој одговарала на прашањата за оваа тема. „Не се толку проблематични фактите сами по себе, туку тоа што не знаеше да одговори на начин да не предизвика дополнителни прашања.“

Ставот на кандидатите за Европа

Од двајцата кандидати поголемо дипломатско искуство има Анже Логар. „Можно е тој оваа предност да се обиде да ја искористи за да го прикрие своето поранешно кокетирање со земјите од Вишеградската група, особено со Унгарија“, смета Битенц. На прашањето за своите меѓународни цели, Логар тврди дека е дека е застапник за „јадрото на Европа“.

Но, и Пирц Мусар има меѓународно искуство: 15 години работеше како стручњак за човекови права при Советот на Европа. И таа вели дека би сакала Словенија да се поврзе со „јадрото на Европа“, особено со државите кои се залагаат за човековите права, солидарност и за уставните вредности.

Зависно од тоа кој ќе победи на изборите, резултатот би можел да биде оценет како поддршка или за сегашниот „зелен“ премиер Роберт Голоб кој јавно се изјасни за Пирц Мусар, или за неговиот десничарко популистички претходник Јанша.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми