1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ќе сноси последици за прислушувањето на Бундесверот?

Тагесшау
4 март 2024

Германскиот министер за одбрана Писториус, по објавата на прислушуван разговор на лица од Бундесверот, нагласува дека сѐ уште многу работи не се јасни. Опозицискиот политичар Кизеветер бара случајот да има последици.

Германија Борис Писториус
Министерот за одбрана Борис Писториус нагласува дека во случајот со прислушување сѐ уште многу работи не се јасниФотографија: Political Moments/IMAGO

Министерот за одбрана на Германија, Борис Писториус, повика на единство по објавата на прислушуван разговор меѓу двајца офицери на германската воена авијација од страна на Русија. „Станува збор за хибриден напад за дезинформирање, се работи за поделба, се работи за тоа да се поткопа нашето единство", оцени министерот. „Не смееме да влеземе во стапицата на Путин“, вели тој и порачува дека затоа треба да се реагира трезвено, „но, ништо помалку одлучно". Министерот за одбрана одбива персонални последици во моментов. „Тоа би отишло предалеку“, уверен е Писториус. Но, мора да се разјасни дали се разговарало за тајни содржини и дали за разговорот е соодветна избраниот софтвер Вебекс. Според негово сфаќање, најголемиот дел од она за што се разговарало ѝ било познато на јавноста уште од претходно. Министерот вели и дека нема сознанија за други истекувања на податоци или прислушување на разговори. Неделава Воената тајна служба (МАД) ќе поднесе извештај за инцидентот. Дури тогаш ќе може да се донесе одлука за можните последици, вклучително и персонални.

Кизеветер: Русија очигледно имала податоци за пристап

Руската државна телевизија во петокот на интернет објави снимка од доверлив разговор меѓу двајца високи офицери на Бундесверот. Во неа се слуша како шефот на воздухопловните сили Инго Герхарц разговара со тројца потчинети за можна употреба на германските крстосувачки проектили „Таурус“ во Украина против руските напаѓачи. Со тоа требало да биде подготвена информација за Писториус, се вели во снимката. Како Русија стигнала до разговорот сѐ уште не е јасно.

Борбен авион „Торнадо“ носи ракети „Таурус“ (архивска фотографија)Фотографија: Andrea Bienert/Bundeswehr/dpa/picture alliance

Политичарот од опозициската Христијанско-демократска унија (ЦДУ), Родерих Кизеветер, смета дека Москва добила податоци за пристап до разговорот. „За жал, се множат индиции дека најверојатно руски учесник се приклучил на Вебекс и дека никој не забелажал оти има уште еден број приклучен во разговорот“, вели заменик-претседателот на Парламентарниот контролен гремиум во емисијата „Извештај од Берлин“ на германскиот радиодифузен сервис АРД. Кизеветер притоа се повикува на професионални извори, без натамошни детали за неговиот извор. Тој додава дека веќе има први индиции на интернет за такво нешто. Официјални сознанија, кои би ги потврдиле наводите на Кизеветер, сѐ уште нема.

Свесно избран тајминг

За објавата на разговорот сигурно е свесно избран минатиот петок, нагласуваат и министерот за одбрана и експертот на ЦДУ за воени прашања Кизеветер. „Никој не верува дека тоа е коинциденција“, вели Писториус во однос на објавувањето кратко по погребот на критичарот на Кремљ, Алексеј Навалнии објавувањето на истражувањата за „Вајркард“ и Јан Марсалек.  Целта на Владимир Путин е да се предизвика раскол во внатрешната политика. „На крајот е клучно да останеме здружени“, оценува Писториус. И Кизеветер во емисијата појасни дека протечениот разговор треба на јавноста да ѝ го одвлече вниманието од случајот Марсалек.

Политичарот од опозициската Христијанско-демократска унија (ЦДУ), Родерих Кизеветер, смета дека Москва добила податоци за пристапФотографија: Jean MW/Future Image/IMAGO

Комисија за истражување на случајот?

Германија мора да смета со тоа дека Русија е многу подлабоко навлезена во безбедносниот апарат отколку што досега се претпоставуваше, опоменува Кизеветер. Генерално, односот кон безбедносните прашања е премалку сензибилен во безбедносните служби, оценува тој: „Потребни ни се повеќе системи со цврста заштита. Тука треба да се покаже на дело Сојузната служба за безбедност во информатичката технологија, како и водечкиот кадар кој договара такви видео конференции“, оцени политичарот од ЦДУ. Стратешката култура, според него, мора да се промени, а чувствителни разговори да се водат само преку заштитени мрежи. „Зошто тоа не се случило мора да разјасни министерот за одбрана“, потенцира Кизеветер.

Тој го поддржа предлогот на Александар Добринт од опозициската Христијанско-социјална унија (ЦСУ), кој побара формирање на Комисија која ќе го истражува случајот. Кизеветер може да си претстави и специјален иследник кој би го расчистил целосниот контекст.

„Тоа секако е право на парламентот", рече Писториус во однос на изјавите на Добринт. „Нема што јас тоа да го оценувам", додаде тој. Но, според него, треба да се земат предвид и импликациите и да се оцени дали инцидентот оправдува да се води внатрешнополитичка дискусија, „со сето она што во тој случај би се дискутирало јавно“.

Германскиот амбасадор во руското МНР

Во меѓувреме, германскиот амбасадор во Москва, Александер Граф Ламбсдорф, учествуваше во разговор во руското Министерство за надворешни работи. Состанокот беше за „разни билатерални теми“, рече Ламбсдорф по завршувањето на состанокот. Тој не даде дополнителни информации за содржината на разговорот. Но, амбасадорот нагласи дека не бил повикан на разговор од страна на руското МНР.

Германскиот амбасадор Аелскандер Граф Ламбсдорф пред руското МНР во МоскваФотографија: Sergei Bobylev/TASS/IMAGO

Германското МНР исто така јасно стави до знаење дека амбасадорот не бил повикан на разговор. Амбасадорот, како што се тврди од страна на германското МНР, отишол во руското МНР на одамна договорен термин. Со тоа, амбасадорот Ламбсдорф ги демантираше извештаите на руската државна новинска агенција Тас, која повикувајќи се на анонимен извор објави дека германскиот амбасадор бил повикан на разговор поради снимката од разговорот на Бундесверот објавена на интернет.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми