1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој коленичи, кој бетонизира, кој поларизира?

27 октомври 2025

Премиерот Христијан Мицкоски јавно ја раскажа неговата верзија на приказната зошто им се разишле патиштата со Стевчо Јакимовски. Јакимовски експресно го демантираше и го обвини дека лаже.

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски се обраќа од говорница за време на митинг во кампањата за локалните избори во 2025
Мицкоски, вчера за првпат јавно на средба во Карпош раскажа зошто им се разишле патиштата со Стевчо ЈакимовскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Искуството со Данела Арсовска не е единствениот пример во кој изборната поддршка од ВМРО-ДПМНЕ била злоупотребена. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера за првпат јавно на средба во Карпош раскажа зошто им се разишле патиштата со Стевчо Јакимовски, чија партија беше дел од нивната коалиција.

„Ќе се вратам на таа 2021 година, пред 4 години, после првиот круг на локалните избори, дојде ненајавен, исплашен, во паника. Го примив,  велам - што е работата Стевче? Вели - те молам ако треба и на колена ќе клекнам, те молам да ја имам вашата поддршка. Јас го гледам и велам - немој, сепак си човек во години не ти личи вакви работи, седни, ќе разговараме, да видиме како можеме да помогнеме, сепак сме коалиција. ‘Ќе клекнам, што треба ќе направам, само да ме поддржите, само народ може да ме обели да победам на избори и ништо не ми треба после’“, раскажа Мицкоски

Тој изразил разбирање за Јакимовски и до него упатил едно барање.

„Само те молам да нема бетонизација за Карпош, уморни се карпошани. Вели - не ме интересира ништо, само народот да ме обели. Заврши состанокот, се вклучивме целото раководство во кампања, тој стана градоначалник. Поминаа неколку дена, како карпошанец отидов да му честитам. Ми вели - дојди да ти покажам. На една голема маса, ги наредил сите детални урбанистички планови, 30 на ред и вика – бирај! Што да бирам - му викам. Па кои се за тебе. Чекај Стевчо, нели беше кај мене, нели молеше да те поддржиме, нели рековме нема бетонизација. Вели - а не тоа, јас морам да живеам од нешто. Го погледнав, ‘не благодарам’ му велам, за ова од мене немаш поддршка - и си заминав“, раскажа Мицкоски како им се разишле патиштата со Стевчо Јакимовски. 

Во трка за нов градоначалнички мандат: Стевчо ЈакимовскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Лаже како Пинокио“ 

Јакимовски ги демантираше тврдењата на Мицкоски оценувајќи ги како „празни и очајнички лаги“. 

„Да беше Пинокио – носот ќе ти удреше во крстот на Водно!“, му порача Јакимовски и понуди поинаква верзија на приказната:  

„Христијан Мицкоски, по првиот круг на изборите, дојде во Карпош ненајавен, исплашен и во паника. Меѓу двата круга, не сме се виделе- туку само се слушнавме по телефон, кога лично ми ја даде поддршката. Ме молеше. Ако треба и на колена ќе клекнам, само да ја имам вашата поддршка- тоа беа неговите зборови. Јас за свои 65 години таква реченица немам изговорено. Тоа се реплики од турски серии, не од сериозни политичари“, вели актуелниот градоначалник на Карпош. 

Преку соопштение лиферувано од партијата ГРОМ, Јакимовски демантира и дека причината за разијдувањето биле „бетонизацијата и урбанистичките планови“, како што тврди Мицкоски.
„Во првите триесет дена од мојот мандат немало ниту еден нов урбанистички план, затоа што општината беше со блокирана сметка. А и да му покажев план, што би разбрал од него? Тој лаже дека дошол да „честита“ победа. Вистината е дека дојде со список од 37 луѓе за вработување, бараше секретар на општината, директор на јавно претпријатие и на училиште како и урбанистичка маркица за фирма блиска до негов пријател од „Гранит“. Сето тоа – надвор од било каков институционален ред и закон“. 

Себичен потег

Кампањата пред вториот круг од локалните избори веќе навестува нови случаи на изневерена доверба, при што најмногу реакции стигнуваат за обие во кои се повикува на моноетничка мобилизација. Левица обвини за скандалозни изјави на кандидатот за градоначалик на Брвеница од ВЛЕН - Хаким Рамадани, кои предизвикуваат етнички тензии, бидејќи тој во јавно обраќање од дијаспората наместо да говори за проекти тој го глорифицирал сепаратизмот на Илирида и потврдил дека во општина Брвеница се обединети заедно со ДУИ во вториот круг против кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ. Од Левица обвинија дека Мицкоски молчи на тие овие анти-македонски изјави, за да го сочува мирот во Владата.

Мицкоски не молчеше за овој случај. Одговарајќи на новинарски прашања рече дека зборувал со голем број влијателни претставници на меѓународната заедница кои гледаат со големо жалење и неверување за тоа што го слушаат дека некој во 21 век може да користи таков речник.

„Не знам дали тоа беше специфичен момент за него, но мислам дека направи голема грешка. Направи грешка пред сè за кандидатите од истата онаа коалиција за која тој настапува. Замислете што ќе се случува сега во Тетово, Струга, во Дебар и во одредени други општини. Толку себичен потег од политичар досега во поновата историја Македонија не видела - да мисли само за себе и својот кусоглед интерес, а притоа да ги занемари сите останати што се борат во вториот круг за градоначалнички мандат“, рече Мицкоски, нагласувајќи дека поддршка имаат сите оние што работат на иднината на заедничката држава, без разлика на етничката, верската или политичката припадност. 

Заднински договори

Кој кого ќе поддржи, а кој против кого ќе се обедини, останува главно прашање пред вториот круг.

Изјави на кандидатот за градоначалик на Брвеница од ВЛЕН - Хаким Рамадани кои сугерираат моноетничка мобилизација за вториот круг од локалните избори предизвикаа бурни реакции во јавностаФотографија: Vlen

ДУИ го критикуваше одбележањето на годишнината од „Кумановската битка“ од 1912 година, настан што го означува окупирањето на Македонија од страна на Србија, наведувајќи дека „синдромот на Газиместан“ познат кај Србите (поразот да се слави како победа), сега го има и кај ВЛЕН, кои биле целосно обземени од концептот на „српскиот свет“.

„ДУИ ќе продолжи да биде единствената политичка сила која се спротивставува на српско-руското влијание, ја брани евроатлантската ориентација на државата и ги штити државните и националните интереси на Албанците и на сите граѓани на Македонија“, порачаа од Мала Речица.

Од ВЛЕН пак реплицираат дека ДУИ токму со такви субјекти соработува.

„ДУИ е на дното на бунарот. Секој ден се открива нивниот срамен договор на ДУИ со Левица, соработка што го предава интересот на Албанците за лична моќ. ВЛЕН не ги навредува Албанците, не ги нарекува „кучиња“ и „газиместан“ како Али Ахмети, туку ги почестува со достоинствено претставување и секојдневна работа. Веруваме во достоинство, единство и политика што му служи на граѓанинот, а не на личниот џеб“, одговорија од ВЛЕН.

СДСМ допрва ќе решава

СДСМ во следните денови ќе реши кого ќе поддржат во вториот круг во општините каде што партијата нема свој кандидат за градоначалник.

„Одлуката ќе се темели на локалните околности, анализите на општинските организации и расположението на членството“, рече претседателот на СДСМ Венко Филипче. 

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче порача дека партијата допрва ќе решава кого ќе поддржи во вториот круг во општините каде нема свој кандидат за градоначалникФотографија: Petr Stojanovski/DW

Поддршката што би ја дале нема да се заснова на етничка линија.

„Кај нас тоа нема да биде критериум“, потенцираше тој.

Според Филипче, овие избори биле показател за тоа како СДСМ да се постави и како да функционира во следниот период, а особено во тие општини каде што не го постигнале посакуваниот резултат - да продолжат со интензивна работа. Во тој контекст, најави и политички и кадровски промени во раководството по завршувањето на изборниот процес.

„Дозволете да најавам политички и кадровски промени во раководството после изборите, за што ќе бидете известени“, рече Филипче.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми