1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПанорамаКанада

Кој патува во исчезнатата подморница и што е сега најважно

Бенедикт фон Имхоф | дпа
20 јуни 2023

Сакале да го видат одблизу веројатно најлегендарниот труп од брод во историјата, но на пат кон Титаник исчезна малата подморница во која се наоѓаат петмина авантуристи.

Подморницата Титан се води како исчезната од неделата, 18.06.2023
Подморницата Титан се води како исчезната од неделата, 18.06.2023Фотографија: ABACA/picture alliance

Спасувачките екипи кои трагаат по малата подморница со пет патници се во трка со времето. Во подморницата е францускиот научник Пол-Анри Наржоле, кој се смета за еден од најпознатите експерти за остатоците од бродот Титаник, па оттаму и го носи прекарот „Мистер Титаник“. Покрај него, во подморницата се и британскиот авантурист Хемиш Хардин, како и британско-пакистанскиот консултант Шахзада Давуд и неговиот 19-годишен син Сулејман. Идентитетот на петтиот патник засега не е потврден.

Сега се интензивира потрагата под вода, изјави за Си-Ен-Ен, Џон Мауџер, од американската крајбрежна стража. Прво со авиони на амертиканската национална гарда и летала од Канада се пребарувало на површината на водата, а од денеска по подморницата се трага засилено под вода.

Пловниот објект се води како исчезнат од неделата (18.06). Тој исчезнал околу еден час и 45 минути по почетокот на нуркањето во насока на Титаник. Според наводи на компанијата која нуди вакви нуркања, Оушнгејт Експедишнс, малата подморница „Титан“ има кислород за 96 часа. Експертите се песимистични во поглед на шансите за пронаоѓање на подморницата.

Исчезнатата подморница има кислород за 96 часа

02:04

This browser does not support the video element.

Со спасување може да се почне откако подморницата ќе биде локализирана. Трупот на бродот Титаник, поделен на два дела, лежи на длабочина од околу 3800 метри. На локацијата која се наоѓа на околу 684 километри јужно од канадскиот остров Њуфаундленд владеат тешки услови - темно е и има огромен воден притисок.

Оушнгејт им нуди на богатите муштерии осумдневни експедиции кои чинат околу 250.000 долари. Самото нуркање трае неколку часа. Компанијата, според Би-Би-Си, своите експедиции ги рекламира како шанса „да се избега од секојдневието и да се открие нешто навистина невообичаено“.

Репортерот Дејвид Поуг од американската телевизија Си-Би-Ес, кој на ваква експедиција беше минатата година, за Би-Би-Си изјави дека подморницата му оставила „импровизаторски“ впечаток. „Оваа подморница е управувана од ИксБокс-џојстик“, изјави Поуг. Според него, дел од баластот е направен од цевки. Доколку пловниот објект некаде се заглави или биде продупчен, „нема капсула за спасување“, изјави тој. Поранешниот подморнички офицер Френк Овен за Би-Би-Си рече дека најголемиот предизвик за патниците сега е да останат смирени и да не трошат премногу кислород.

Океанологот Симон Боксал од Универзитетот Саутемптон оцени дека во подморницата владеат исклучително тешки услови. „Ќе биде топло, ќе биде тесно. Нема капсула за спасување“, изјави тој и додаде дека на таа длабочина има огромен притисок и излегување од подморницата не е можно. „Целосно се упатени на тоа подморницата да биде пронајдена“, рече Боксал за Би-Би-Си.

Според информации на океанологот Дејвид Марнс, во меѓувреме во делот каде што се трага по подморницата пристигнал комерцијален брод за поставување цевки со голема моќност и постои надеж дека тој ќе биде во состојба да стигне до потребната длабочина за да трага по подморницата.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми