1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој се заигрува со заедница на албански општини?

1 февруари 2024

Не е првпат РСМ да биде инволвирана во прашање кое ги тангира исклучиво односите меѓу Белград и Приштина.

Дали косовскиот премиер Албин Курти побарал формирање на Заедница на албански општини во РСМ?
Дали косовскиот премиер Албин Курти побарал формирање на Заедница на албански општини во РСМ?Фотографија: AFP via Getty Images

Господинот Курти сака да внесе радикални елементи и им порача да направат заедница на албански општини со сепаратистички тенденции. Ваква забелешка упати Нури Беџети, универзитетски професор од Тетово, поранешен припадник на ОНА и лице на американската црна листа од 2001 година, до претседателот на опозициското Демократско движење, Изет Меџити, во дебатна емисија на косовската телевизија „Дукаѓини“.

„Господинот Курти не побарал такво нешто“, одговори Меџити.

Не е првпат во јавниот дискурс да се спомнува идејата за заедница на албански општини, а стана поактуелна минатата година кога се интензивираа пораките до Приштина за формирање на Заедница на српски општини. Елвис Хоџа, политички советник на косовскиот премиер Албин Курти, лани во февруари објави карта на таква „заедница“ и во Северна Македонија.

„Според Движењето Унитети, ова е карта на заедницата на општини со албанско мнозинство во Северна Македонија. Оваа карта станува актуелна по инсистирањето на (Габриел-н.з.) Ескобар“, напиша тој на неговиот Фејсбук профил.

Ставот го образложи и низ бројки.

„Седумстотини илјади Албанци во Македонија се 14 пати повеќе отколку што има Срби во Косово. Тоа значи: ако има заедница на српски општини во Косово, тогаш прва на удар ќе биде Северна Македонија, ќе има и заедница на албански општини и во неа“, посочи Хоџа. 

Дали косовскиот премиер Курти се обидува да изврши влијание врз претстојните избори во РСМ: на фотографијата со македонскиот колега КовачевскиФотографија: Press Regierung North Macedonia

Тестирање на домашен терен

Набрзо потоа со идејата се заигра и Алтернатива, веднаш по нејзиното излегување од владејачката коалиција и преминувањето во опозициски редови.

„Во време кога Косово се наоѓа пред финалниот договор за нормализација на односите со Србија и кога секој западен дипломат кој доаѓа во Приштина го повторува рефренот ’да се формира Заедницата на српските општини во Косово!‘, прашањето што треба да се постави е зошто партиите на Албанците во Северна Македонија, тие кои имаат општини (ДУИ, АА и Беса), не покренуваат иницијатива за основање на ‘заедница на албанските општини во Северна Македонија’ со истите надлежности со кои се бара да ги има Заедницата на српските општини во Косово. Ништо повеќе. Само толку“, беше наведено во соопштение до медиумите потпишано од генералниот секретар, Зеќирија Ибаихими.

Во јавноста речиси сите партии предлогот го оценија како неприфатлив, несериозен и нееверопски, а таква оценка даде и тогашниот премиер Димитар Ковачевски

„Односите во нашата држава се решени со Охридски рамковен договор кој го потпишаа претставници на сите политички партии – и на Македонците, и на Албанците, за кој гаранција се САД и Европската Унија. Врз основа на тој Охридски рамковен договор, Северна Македонија денес претставува пример за соживот и остварување на правата на сите етнички заедници “, изјави Ковачевски.

Иницијативата на Алтернатива тогаш јавно доби поддршка единствено од Изет Меџити, кој во тоа време сѐ уште беше потпретседател на ДУИ, но и дел од незадоволната, „Огнена група“ во партијата.

„Заедницата во Косово ќе има домино-ефект во регионот бидејќи граѓаните патуваат и споделуваат, нашите семејства се поврзани и половина се во Косово, а половина овде. Па, ако може Србите со 4 отсто да имаат Заедница и да имаат видливи права, тогаш очигледно дека тоа ќе има ефект и врз Албанците коишто се најмалку 30 отсто во Македонија и претендираат за истите права“, изјави Меџити. 

Заедницата на српски општини на Косово секогаш одново предизвикува тензии во земјатаФотографија: Erkin Keci/AA/picture alliance

Необјаснета „реорганизација"

Меџити денес е претседател на Демократското движење, партија која дел од опозицискиот Европски сојуз за промени (ЕСП), а во тимот кој ја креира програмската платформа на ЕСП, учествува и советникот на Курти, Елвис Хоџа, истиот кој предупреди дека „ако има заедница на српски општини во Косово, тогаш прва на удар ќе биде Северна Македонија“.

Учеството на Елвис Хоџа во тимот на ЕСП го потврди самиот Меџити.

„Работиме на програмската платформата за претстојните избори, во која учествуваат и експерти од Самоопределување како Арбр Зајми, Елвис Хоџа и Беким Ќоку. Веќе сме синхронизирани за изградбата на платформата, за листите и заедничката кампања“, изјави завчера Меџити за РТК.

Лидерот на Алијансата на Албанците, Арбен Таравари, кој денес е посакуван партнер и претседателски кандидат за ЕСП, во истиот период лани во интервју за ТВ Шења и за порталот Зум.мк, коментирајќи го негативниот однос на ВМРО-ДПМНЕ кон уставните измени, предупреди на можна радикализација на албанските партии ако биде загрозена европската перспектива за Северна Македонија

„Може да пораснат фрустрации и кај Албанците и може да се појават нови идеи за реорганизација на државата. Ќе влеземе во зачарен круг од кој нема излез“, изјави Таравари.

Тој не објасни за какви „нови идеи за реорганизација на државата“ мисли, но дел од медиумите тоа го доведоа во врска со најава за формирање Заедница на албански општини во Македонија, наводно дадена од неговиот претходник на митинг на АА во Скопје уште во октомври 2017 година.

Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари (архивска фотографија)Фотографија: DW/P. Stojanovski

Полигон за показни вежби

Според домашни аналитичари, посредното влијание на Курти врз изборите во РСМ во еден сегмент наликува и на обид Приштина да си обезбеди дополнителен полигон за показни вежби на потенцијални домино ефекти од меѓународното инисистирање за формирање на заедницата на српски општини, но оти со тоа не им се прави услуга на опозициските партии на Албанците во Македонија, чиј доминантен наратив е нужност од промени и борба против корумпираните елити.

Очекувано, во косовската опозиција не гледаат благонаклоно на инволирањето на Самоопределување во македонските избори. Претседателот на Демократската лига на Косово (ЛДК) Лумир Абдиџику го критикуваше косовскиот премиер на таа тема.

„Албанија е кон плата од 950 евра по наставник. Додека нашиот популистички лидер е зафатен со меѓуалбанските избори во Македонија, дури и споредбата со соседните земји веќе нема смисла. Четврта година е во Владата. За овие четири години ќе има управувано вкупно 12 милијарди евра; повеќе од кој било човек во историјата на земјата; и сè уште нема знак! Пропаганда, празни зборови и поделеност со омраза - ова е политичкиот дискурс денес!", напиша Абдиџику на неговиот Фесбук профил.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми