1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Која фабрика побрзо ќе биде оперативна- во Тетово или Ловеч?

19 септември 2022

Бугарската фабрика за електрични автомобили почна да се гради, за македонската фабрика активностите на терен ќе почнат за четири недели.

Elektro-E-Auto, Auto wird mit Strom betankt, Batterie wird aufgeladen, Stromtankstelle
Фотографија: Michael Bihlmayer/chromorange/picture alliance

Во Тетово инвестиција од 130 милиони евра и планирани 900 работни места, во бугарскиот град Ловеч инвестиција од 140 милиони евра и планирани 1.000 работни места. Со слични бројки и на не многу голема оддалеченост меѓу двата производни капацитети, од 2024 годинатреба да почне сериско производство на електричните автомобили „е-Go“ на германскиот стартап „Next.e.Go Mobile“.

Каква ќе биде конкурентската предност на идната македонска фабрика во однос на бугарската, со оглед дека подготовките за оваа инвестиција кај источниот сосед почнаа една година порано?

Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Јован Деспотовски, смета дека тоа не е пречка.

„Проектот во Северна Македонија е дизајниран да функционира независно од инвестицијата и активностите на компанијата во Бугарија. Уште при првичните разговори, претставниците на компанијата беа отворени и информираа за текот на разговорите со владите од регионот и пошироко за инвестиции. Капацитетот на т.н. 'мини фабрика' во С.Македонија е 30.000 возила и истите се наменети за европските и глобалните пазари. Ова претставува 0,5% од вкупниот глобален пазар на електрични возила во 2021 година. Според информациите од самата компанија, истиот тип на ‘мини фабрика’ со ист капацитет е планирано да се гради и во Бугарија“, вели Деспотовски.

Но, изградбата на фабриката во Ловеч веќе започна. Кога ќе почне во технолошко индустриско-развојната зона во Тетово? Според Деспотовски, се очекува активностите на терен да почнат наскоро.

„Во моментот, оперативни тимови на компанијата и Дирекцијата работат на финализирање на проектот и потребните процедури за почеток на изградбата. Првичните активности на терен треба да започнат во следните 4 недели. Според динамиката, фабриката треба да влезе во пробно производство во 2024 година. Исто така, во тек се разговори со американска компанија што обезбедува батерии за возилата, со план истата да отвори свој капацитет во регионот“, објаснува директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони.

Деспотовски: Проектот во Северна Македонија е дизајниран да функционира независно од инвестицијата и активностите на компанијата во БугаријаФотографија: DW/K. Delimitov

Почеток во Ловеч

Откако на 13-ти август годинава македонската Влада и „Некст.е.ГО Мобиле“ го потпишаа договорот за државна помош за новата инвестиција, четири дена подоцна, на 17-ти август стигна вест од градот Ловеч, кој се наоѓа 150 километри североисточно од Софија.

„Почна изградбата на фабриката за електрични автомобили“, изјави за БТА извршниот директор на „Некст.e.Го Бугарија“ и на „Аутомотив Кластер Бугарија“, Љубомир Станиславов.

Со оглед дека тој процес во Бугарија досега се одвиваше многу бавно, а беше најавен во јули 2021 година, во тамошната јавност излегоа сомневања - дали навистина почнала изградбата на фабриката? Лидерот на ИТН, Слави Трифонов, пред една недела ги обвини претходните власти дека лажеле.

„Една година подоцна, таму каде што требаше да се произведуваат електрични автомобили, има само фотоволтаици. И никој никаде во Бугарија не зборува за електрични автомобили. Односно, тоа е лага“, обвини Трифонов на Фејсбук. 

„Се гради и фабриката за електрични возила, и фотоволтаичен парк“, објавија бугарски медиуми по обиколка на просторот на поранешната фабрика „Балкан“, каде што се гради новата фабрика, а во минатото се произведувале првите автомобили, велосипеди, мотоцикли... Расчистувањето на теренот за фабриката било завршено и подигната ограда долга 2,5 километри. Во друга инвестиција, на 700 хектари се градел и фотоволтаичен парк, кој би го опслужувал производството на фабриката за електрични возила.

„Може да се смета дека изградбата на фабриката за електрични автомобили во Ловеч е започната“, изјавил Станиславов за „24 часа“.

До крајот на 2023 треба да биде произведена првата пробна серија електромобили, а сериското производство во полн обем ќе се реализира во 2024 година. Планирано било одредени елементи - батерии и седишта - да доаѓаат од надворешни добавувачи.

Според Станиславов, главниот објект за производство е со должина над 320 метри и широчина од 240 метри, граден по урнек на капацитетите на компанијата „Тесла“, каде повеќе организациски делови се сместени во иста зграда. Бугарската влада ќе го помогне проектот со 34 милиони евра во три транши, но при исполнувањето на договорените фази.

Каква ќе биде конкурентската предност на идната македонска фабрика во однос на бугарската?Фотографија: Isomonster/Panthermedia/imago images

Многу придобивки

Времето ќе покаже чиј капацитет побрзо ќе биде оперативен - во Тетово или во Ловеч, што ќе значи конкурентската предност во продажбата и извозот на електричните автомобили. Македонската Влада во август изрази големи очекувања од инвестицијата за производство на електрични возила.

„Она што особено ме радува, е дека за првпат кај нас ќе биде произведен целосен автомобил. Во Северна Македонија и досега се произведуваа делови за автомобили од светските брендови, но сега имаме целосно производство на финален производ токму кај нас. И ова е навистина голема работа“, рече премиерот Ковачевски.

Тој потенцираше дека производството на електрични авотомобили ќе придонесе за нови вработувања, најмалку 890, но и ќе го промени начинот на кој се размислува за возилата.

„Електричниот автомобил 'е-Go', кој ќе се произведува овде, во ТИРЗ во Тетово, е корисен за урбани средини, истовремено одржлив, иновативен, економичен и без штетни емисии на гасови. Ова меѓу другото е нашиот влог за идните генерации“, рече премиерот, објаснувајќи ги придобивките за заштитата на животната средина, индустријата, но и за образованието.

Фабриката треба да се гради на простор од 60 илјади метри квадратни, а компанијата нема да користи даночни ослободувања. Владината поддршка, која не надминува 35 отсто од вкупната инвестиција, има заштитни клаузули и ќе биде реализирана само по исполнувањето на обврските, според конкретни рокови.

Инвестиција беше најавена како проект кој ќе донесе нови технологии и знаења од автомобилската индустрија, кои ќе бидат значајни за развој на индустриското производство и зајакнување на извозот.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми