1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Која институција ви е најбитна?

13 јуни 2024

Дали ви е побитна партијата, владата, министерството, армијата, црквата, индустријата, телевизијата - или семејството? Пишува Арсим Зеколи

Која институција ви е најбитна?Фотографија: Christin Klose/dpa-tmn/picture alliance

Ретко минува недела без да ни се понуди некоја анкета на мерење на некаква и нечија (не)популарност по различни прашања. Од оние, глобалните, за популарноста на земјите, на пасошите, туристички дестинации, светски лидери, (не)среќни држави. Во земјата ни и во регионот, воглавно анкетите се фокусираат на партиски и лидерски рејтинзи, геостратешки определби, доверба во институции. Токму последното е од посебен интерес.
Анкетните прашања за мерењето на довербата на граѓаните се воглавно или исклучиво фокусирани врз доверба во владата, министерствата, армијата, медиумите, партиите, религијата. Но доколку повнимателно ги загледаме понудените опции, ќе увидиме дека станува збор за, да ги наречеме така, материјални или административни институтни институции. За чудо, во понудените анкети мошне ретко, речиси никогаш не се нудат прашања за довербата во некои други, нематеријални институции како семејството, бракот, родителството, дури и пријателството. А притоа, често ги слушаме јавните, особено политичките ликови како редовно, во пропагандни спотови или празнични честитки, ја нагласуваат битноста на семејството како институција од врвен приоритет и значење.

Чудни интимности во политиката


Интересно е што прашањето за ваквите нематеријални, неадминистративни инситуции не добива преголем научен и истражувачки осврт и покрај несомнените последници или ефекти предизвикани од масовното иселување, социјалниот јаз на нееднаквост, висока политизација и други надворешни влијанија. Интимно, секој од нас чувствува по себе и во себе дека се менува и адаптира под налетот на забрзани, директни, често и брутални промени кои се одвиваат околу нас. Што само по себе подразбира дека и нашите семејства, родителства, бракови, пријателства минуваат низ длабоки, коренити промени и рекалибрирања.
Пред десетина години се осврнав на подемот на чудни интимности во политиката преку употреба на „родителски” ословувања на политичари од страна на партиските следбеници и особено помладите генерации. Тогаш како илустрација ги спомнував термините „ТаткоМак, баба Али, баба Изет, брат Љубе, Папа Бранко”, наведувајќи дека сеопштата партизација ја еродира структурата на семејството, ја девалвира традиционалната карактеристика на родителството/татковството и ја глорифицира „патријархалната” доминација на лидерот/автократ како „хранител и модел-ролја”.
За чудо, таквата девалвација на традиционалната ролја на татковството ниту тогаш, ниту денес, не ги поттикна религиозните институции да изразат загриженост за губењето на родителската оска во инаку за црквата/џамијата секогаш битното семејството. Од друга страна, согласно мантрата „една е мајка”, се чини дека институцијата на мајчинството е помалку подложна на експропријација од страна на политиката, освен во конотација на религискиот диктат за абортусот и сопственоста врз женското тело. Но тоа, со оглед на разногласието помеѓу самите жени, е тема за некоја сосема друга дискусија.

Политичарите во пропагандни спотови или празнични честитки, ја нагласуваат битноста на семејството како институција од врвен приоритет и значењеФотографија: Ute Grabowsky/photothek/picture alliance


Од друга страна, прашањето на семејството, родителството, бракот се присутни, или подобро кажано, редуцирани речиси исклучиво во тесно врамените „војни помеѓу културите”, судири помеѓу традиционалното и современото, светоста на бракот и слободата на бракот во „битката помеѓу половите”. Следејќи ги аргументите на бранителите на традиционалната, патријархална, религиозна интерпретацијата на семејството, подеднакво како и поборниците на еднополовите семејства и бракови, еднополните родителства, ќе помислите дека оската варира помеѓу различните разбирања за духовните битности на овие институции. Но во основа, во обата примера имаме демонстрација на зачувување или освојување на формалноста, материјалната институција, одбрана или атака на последните табуа, но не толку и за духовноста, над-материјална смисла на најстарите институции на човештвото.


Судирот помеѓу свеста и совеста


Всушност, среде сите жолчни дебати, спротиставени ставови и кампови, полемиката е редуцирана врз кавга околу еден аргумент и здружено игнорирање на другиот, далеку побитен аспект. Скраја сите запаливи дијалози и монолози, она што е сосема фрлено во втор план и речиси заборавено е судирот помеѓу свеста и совеста како темели на човечката еволуција и развој. Или да се коригирам, несразмерноста помеѓу фаворизирањето на свеста во закржлување и истиснување на совеста.
Што е денес современието, овој свет, освен глобална сцена на борба помеѓу различни свести? Свеста да се биде припадник на оваа или онаа раса, на оваа држава или друга, припадник на прв или трет свет, навивач на Реал или Барселона, демократ или автократ, етнички овој или оној, урбан или селанец, крстен со лева и крстен со десна, клекнат на две или едно колено, суверенист или глобалист, стрејт или геј или бинарен, сопственик на ајфон или самсунг. Дури и обидите за усогласување на ваквите различности на крај се сведуваат на експлоатација на различностите премостени преку единството во – што точно? Дека сме исти под кожата, дека сме човечки суштества, љубители на фудбалот, политички нетизени, жители на иста планета, верници, љубовници и заситени од телекомуникацијска зависност. Но тоа не е контрадикција, туку само уште една форма на манифестација на свест.

Среќни се, и се поретки, оние кои свеста ја градат од мајката и совесноста ја впиваат од таткото. Фотографија: Nelosa/Panthermedia/Imago Images

Не е ова некоја новост, некоја новотарија на современоста. Од библиските времиња на писменост, свеста и совеста не следат преку Авел и Каин, симплифицирани прикази на добро и зло. Развојот на индустријата, колонизацијата, масовните медиуми, маркетингот, технологијата, глобализацијата и политичката индустрија само го забрзаа дискриминаторското форсирање на свеста како примарна човекова особина и смислено забошотување на совеста како „луксуз на леви сметала и снегулки”. Напливот на слики и звуци од страдања, жртви, војни, масакри, убиства само ја омекнуваа приемчивоста кон злобното и статичната немоќ да се спротиставиме. Она што Адам Куртис го нарекува феномен на „Oh, dearism” на изнемоштена сожаливост и оттрпнатост на грдото и бруталното, без сила и волја да се стори нешто, било што.
Свеста може да ја креира, храни и форсира секој. Политичарот и новинарот, банкарот и ПР стратегот, политичкиот актер и банкарскиот суфлер. Но совеста е поинаква приказна. Совеста, иако не апсолутна ексклузива, сепак е прерогатив на семејството и родителството, првото училиште и првите воспитачи во давањето насоки за конструирање на свеста за припадноста кон потеклото и смерноста во градењето на карактерната совесност. Среќни се, и се поретки, оние кои свеста ја градат од мајката и совесноста ја впиваат од таткото. Но колку ги има такви во оваа современост во која работата ви го одзема денот, а семејството се сведува на уморни родители во борба за отргнување на вниманието на детето од мобилниот, ајпедот и дневната Тикток идиотштина.
Ние, сите, сме свесни за Украина, Палестина, за Абориџините во Австралија, и полињата со убиени жени низ Јужна Америка, свесни сме за неколкуте кои имаат сѐ и мнозинството во мизерна катадневна борба за преживување. Свесни сме локално за убавите плоштади и мизерните предградија, полните обложувалници и празните села, за лесната достапност на голи силикони и недостижноста на взаемна љубов. Свесни сме дека совеста е скапоценост и се штитиме со свесно тешење дека „ма, тоа е патетика”. Чудно, она што не сме свесни е дека сета таа свест за неправдите и несреќите нѐ принудува да слегнеме со рамиња и си ја „пригушиме совеста”. Не разбирајќи дека совеста не е некаков екстерен драјв ниту течност која испарува. Туку се складира во нашите индивидуални или групни телца, оптеретувајќи нѐ и нагризувајќи ја нашата човечност и резон. Убаво е сето тоа, приказни за љубов, за пријателства, за семејство и „додека смртта не не раздвои”. Но сето тоа, сите тие институции се само деривати на совеста. И свеста дека свесноста без совесност е бесмисленост. Апатија. Неисполнетост. Осаменост. Оттуѓеност. Напуштеност. Изгубеност.
Заситеност од монотонијата и чувството на немоќ. Ова не е епилог, не е помен за совеста, туку само потсетување дека свеста минува низ промени, но совесноста останува иста, неменлива константа од исконското до денешното, надживувајќи го стадото, племето, Агората и интернетот. Немам одговор за тоа како совеста ќе се врати на пиедесталот, освен да го цитирам Хенслоу на Шекспир „за чудо, сѐ ќе сврши добро. Не знам како, мистерија е”. Но можеме да се обидеме, уште денес. Низ анкетно прашање: дали ви е побитна партијата, владата, министерството, армијата, црквата, индустријата, телевизијата - или семејството?

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми