Како Кока-Кола поради Трамп стана „германски производ“
27 септември 2025
Со децении американските компании имаа силна позиција во Германија, особено во западните делови на земјата кои беа под контрола на западните сојузници по Втората светска војна.
Во годините веднаш по војната, американските цигари беа толку вредни на германскиот црн пазар што ефективно функционираа како валута.
Спортските ѕвезди често играа улога во зацврстувањето на трансатлантската моќ на брендовите. Поранешниот светски шампион во тешка категорија, Макс Шмелинг, кого многу Американци го сметаа како „добриот Германец“, по крајот на неговата боксерска кариера стана заштитно лице на Кока-Кола во Германија.
Децении подоцна, шампионот во бокс од Источна Германија, Хенри Маске, управуваше со филијали на Мекдоналдс во германските градови Келн и Леверкузен.
Но денес, ситуацијата е променета. Популарноста на САД во Германија е значително опадната, што покренува прашања за тоа како американските компании ќе го зачуваат својот имиџ. Некои американски компании сега активно ги промовираат своите производи со натписот „Произведено во Германија“.
Искуството на Мекдоналдс
Фразата „Произведено во Германија" првично беше воведена од британскиот парламент во 1887 година за да ги предупреди потрошувачите за наводно неквалитетни германски производи. Но ефектот беше спротивен бидејќи ознаката брзо стана симбол на квалитет.
Скорешно известување во германските медиуми укажува дека американските брендови сè повеќе се потпираат на позитивната конотација на таа ознака за да ја зацврстат својата позиција на најголемиот пазар во Европа. Некои, како Мекдоналдс, најголемиот синџир за брза храна во Германија, ја нагласуваат својата значителна домашна набавка.
Компанијата во изјава за ДВ изјави дека се смета себеси за „долгогодишен партнер на германското земјоделство“ и „доверлив дел од секојдневниот живот на многу луѓе во Германија“.
Мекдоналдс нагласи дека користи домашни синџири за набавка, при што 65% од суровините доаѓаат од Германија, од кои свинско месо, говедско месо, јајца, крем за кафе и краставици се целосно произведени локално.
„Овој пристап не е нов за нас на германскиот пазар,“ велат од компанијата, иако поширокиот тренд покажува дека американските фирми сè повеќе го приспособуваат својот имиџ за конкретни меѓународни пазари.
Отпор и надвор од Германија
Тесла е можеби најјасен пример за тоа колку перцепцијата на еден бренд може да се промени. Политичките ставови на извршниот директор на Тесла, Илон Маск, како и неговата гласна и финансиска поддршка за американскиот претседател Доналд Трамп, го направија една од најполаризирачките фигури во бизнисот.
Низ целиот свет, сопственици на Тесла ставаат налепници на своите автомобили со текстот: „Ја купив колата пред Илон да полуди.“
Оваа реакција има реални последици. Тесла повеќе не е меѓу првите десет најпродавани електрични возила во Германија, што го нагласува влијанието на ставовите на потрошувачите.
Скептицизмот кон американските производи не е ограничен само за во најголемата економија во Европа. Во Канада, повиците за бојкот на американски производи се зголемуваат, а етикетите како „Произведено во Канада“ и „Подготвено во Канада“ се користат за да го насочат изборот на потрошувачите.
Дури и прехранбениот гигант Хајнц, типично американски бренд, сега промовира кечап направен од канадски домати и кикиритки обработени во Канада.
Данска отиде чекор понатаму. Откако Трамп предложи да го купи Гренланд, данските трговци почнаа да ги обележуваат европските алтернативи на американски производи со црни ѕвезди на цените.
Производителот на пијалаци Карлсберг, кој пакува Кока-Кола продукти во Данска, веќе пријавил пад на продажбата поврзан со потрошувачки бојкоти.
„Германската стратегија“ на Кока-Кола
Кока-Кола, можеби повеќе од кој било друг американски бренд, изгледа најмногу загрижена за поврзаноста со политиката на Вашингтон.
Во Германија, компанијата со седиште во Атланта неодамна започна кампања под мотото „Произведено во Германија“, прикажувајќи вработени со имиња како Даниел, Хајке, Јана, Џеси и Мухамед. Секој од нив е прикажан под слоганот: „Произведено од [име]. Произведено во Германија.“
„Кампањата има за цел да ги покаже длабоките корени на Кока-Кола во Германија,“ изјавија од компанијата за ДВ, додавајќи дека таа е дел од германската економија и општество речиси 100 години.
Според компанијата, многу Германци не се свесни дека поголемиот дел од Кока-Кола што се продава во земјата се произведува локално.
Сепак, имајќи ја во предвид актуелната политичка клима, овој потег широко се гледа како обид брендот да се дистанцира од американската политика.