Колкава казна ќе добие Трамп - ќе се знае на 10 јануари
4 јануари 2025Десет дена пред планираната заклетва на Доналд Трамп, сега изненадувачки треба да биде објавена казната во судскиот процес за премолчување на исплата на пари против новоизбраниот претседател на САД. Судијата Хуан Мерчан го одреди датумот, кој веќе неколку пати беше одложуван, за 10 јануари. Тој изјави и дека не е склон да му изрече затворска казна на 78-годишникот.
Доналд Трамп би можел да се појави на судскиот термин „лично или виртуелно“, стои во судскиот документ. Новоизбраниот претседател на САД претходно не успеа во обидот да ја поништи пресудата што му беше изречена во Њујорк за прикривање на плаќања пари во замена за молчење.
Трамп, кој победи на претседателските избори и ќе го започне својот втор мандат како претседател на САД на 20 јануари, во процесот во Њујорк во мај беше прогласен за виновен за фалсификување деловни документи во врска со исплата на 130.000 американски долари на порно-актерката Сторми Даниелс. Парите биле наменети да ја замолчат Даниелс за време на претседателската кампања во 2016 година.
Даниелс подоцна излезе во јавноста и пријави секс афера со оженетиот Трамп, што тој го негираше. Обвинителството претпоставува дека исплатата била наменета за подобрување на шансите на Трамп да победи на изборите.
Прв осуден престапник како претседател
Трамп е првиот осуден криминалец кој се кандидирал за претседател. Доколку на 10 јануари биде изречена парична или условна казна, тој ќе биде и прв осуден престапник при преземањето на претседателската функција.
Портпаролот на Трамп, Стивен Чеунг, изјави дека одлуката на Мерчан е „директна повреда на одлуката за имунитет на Врховниот суд од 1 јули“.
Самиот Трамп го опиша планираното објавување на казната како „нелегитимен политички напад“. Одлуката на Мерчан е „свесно незаконска, го прекршува нашиот Устав и, доколку остане, би значело крај на претседателството како што го знаеме“, напиша Трамп на својата платформа „Truth Social".
Првиот претседателски мандат на Трамп од 2017 до 2021 година беше обележан со бројни скандали. Потоа беше обвинет во вкупно четири кривични случаи, вклучително и за изборна манипулација и во врска со упадот на Капитол од страна на неговите радикални поддржувачи.
Двете кривични постапки против него од страна на федералното правосудство сега се откажани со образложение дека американското Министерство за правда генерално не ги истражува актуелните претседатели по неговото искуство со аферата Вотергејт во 1970-тите. Случајот во американската држава Џорџија е во мирување. Само во њујоршкиот процес, казната сè уште се чека по пресудата за вина изречена во мај.