1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Колкава закана е Русија за Германија и НАТО?

Кристоф Хаселбах
25 мај 2024

Политичари и експерти упорно тврдат дека Русија е голема и реална закана за Германија и НАТО. Но, германските граѓани навикнати на децении мир тешко може да поверуваат во тоа.

Руска демонстрација на сила за време на прославата на Денот на победата над нацистичка Германија во Втората светска војна  - Москва 9 мај, 2024
Руска демонстрација на сила за време на прославата на Денот на победата над нацистичка Германија во Втората светска војна - Москва 9 мај, 2024Фотографија: Shamil Zhumatov/REUTERS

На предизборните плакати за изборите за Европскиот парламент речиси сите партии ја третираат безбедноста и одбранбената сила на Германија. Политичарите по падот на Берлинскиот ѕид драстично ги намалија издатоците за војската и одбраната, но сега по нападот на Русија врз Украина во 2022 година мораа да увидат дека германската војска е во незавидно лоша состојба, едвај способна за одбрана на сопствената територија. И дека не е способна потполно да ги исполни своите обврски како членка на НАТО. Брзо по руската агресија, канцеларот Шолц објави дека ќе формира посебен фонд за опремување на германската војска, но тие најавени 100 милијарди евра се покажаа како недоволни. Германскиот министер за одбрана Борис Писториус воениот буџет за 2025 година сака да го зголеми за најмалку 6,5 милијарди евра. Тој смета дека се работи за исклучителни околности во кои би требало тој издаток да биде изземен од законската обврска за врамнотежени расходи.

Германскиот Бундесвер всушност ужива подобра репутација отколку што заслужува поради својата опрема и одбранбени способностиФотографија: MDR

Неверојатно скапа деценија на штедење

И германските воени експерти како Франк Зауер од универзитетот на Бундесвер сметаат дека со тие дополнителни 100 милијарди на германската војска хронично ќе и недостасуваат пари. Без зголемување на буџетот веќе во 2026 година ќе дојде момент кога германската војска „со најголеми напори едвај ќе го одржува постоечкиот погон“, но ништо повеќе од тоа. Но, за поголеми издатоци за одбраната не постои слога во германската влада. Министерот за финансии Кристијан Линднер тврди дека нападот на Русија врз Украина не може да биде причина за дополнителни државни задолжувања, на што социјалдемократскиот министер за одбрана на седница на влада луто изјави дека „не му треба таква мака“ во животот и што се однесува до него, нека постават друг човек за да го направи во Бундесверот практично невозможното. Но, колку е навистина голема заканата од Русија? Организаторот на минхенската Конференција за безбедност, Кристоф Хојсген е уверен дека Владимир Путин тежнее кон Голем Русија во границите на поранешниот Советски сојуз. „Ако Путин не ја изгуби војната во Украина мора да сметаме на тоа дека следни се Молдавија и државите од Балтичкиот регион“, вели тој.

Русија значително ја зајакна својата воена индустријаФотографија: NATALIA KOLESNIKOVA/AFP

Балтичките држави до душа се членки на НАТО, но Фабијан Хофман од универзитетот во Осло проценува дека воениот сојуз нема капацитет за одвраќање на претензиите на Русија и дека Европа има „најмногу две до три години“ време за да создаде одбрана која Путин порадо не би ја нападнал.

„Ма нема и нас!“

Професорот наведува многу можно сценарио – имено, уште оваа есен во Белата куќа да се врати Доналд Трамп, од кого веќе можеше да се чуе дека е позагрижен за заканата од Кина отколку за неволјите на државите од Европа кои и онака не трошат доволно за одбраната. Путин се приближува кон 80-тата година од животот и според мислењето на Зауер сега му е останата единствена желба да ја оствари визијата за Голема Русија – или барем доволно да ги дестабилизира сите околни држави за да не бидат никаква закана за Москва. Дали руските тенкови ќе почне да се движат и кон членки на НАТО? Тоа не мора да се случи, но секако е реална можност веќе во следните пет години, смета Зауер. За разлика од многу воени експерти и политичари, граѓаните на Германија уште не се уверени дека периодот на мир во Европа во догледно време може да заврши. Според истражувањето на порталот ЈуГов, само 36% од испитаниците мислат дека напад од Русија на некоја членка на НАТО до 2030та година е „многу“ или „веројатно“ можен, а 48% мислат дека тоа е „претходно“ или „целосно“ исклучено,

А, дека цел на напад нема да биде некоја од надворешните членки на НАТО, туку самата Германија, за веројатно го сметаат само 23% од испитаниците, додека 61% мислат спротивно.

Канцеларот Олаф Шолц во пилотската кабина на борбен авион: само една третина од германските граѓани изразуваат подготвеност да користат оружје за одбрана својата татковинаФотографија: AFP via Getty Images

Јас со пушка?

Истовремено, на граѓаните им е јасно дека германската војска е во лоша состојба – само два проценти од испитаниците во анкетата смета дека војската е „одлично“ опремена за одбрана на татковината, 12% веруваат дека е „прилично добра“, а по 39 проценти сметаат дека Бундесвер е „лошо“ или „многу лошо“ опремен за можен напад. Уште еден поразителен резултат од истражувањето на центарот Сивеј. Во него само третина од граѓаните на Германија изразиле подготвеност да ја брани татковината со оружје, повеќе од половината испитаници не би го сториле тоа. „Живееме во време на големи историски промени“, смета Франк Зауер. Но, сознанието дека мирот не е и не мора да биде вечна состојба уште не е продрена до граѓаните на земјава, истакнува тој и додава дека „таа промена во главата на луѓето трае. А, тоа не може да им се стави во глава ниту на сила, ниту со три говори на политичарите и пет насловни во весниците.“

Професорот од универзитетот на Бундесвер вели дека „и јас порадо би правел електрани на ветер, соларни панели и детски градинки. Но, за жал мора да произведуваме оклопни возила, крстосувачки проектили и беспилотни летала.“ Што и како ќе се одлучи останува допрва да видиме. Но, Зауер смета дека како што живеевме, посебно во последните три децении во Западна Европа, веќе нема да може и во иднина.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми