1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колкави патриоти смеат да бидат Германците?

Бенџамин Најт
15 јули 2023

Германските конзервативни опозициски партии веруваат дека на земјата ѝ треба повеќе патриотизам - за да ја надмине политичката поларизација и да ги придобие источните Германци. Но, што значи патриотизам во Германија?

Германците немаат проблем со веење на државното знаме на спортски настани
Германците немаат проблем со веење на државното знаме на спортски настаниФотографија: Daniel Reinhardt/dpa/picture alliance

Христијанско-демократската унија (ЦДУ), партија на десниот центар, минатата недела пред германскиот парламент- Бундестагот претстави нов предлог на темата која го допира нервот и ја мачи земјата од крајот на Втората светска војна: Кога Германците можат повторно да се гордеат што се Германци?

Германија, како што смета оваа конзервативна партија, треба да го одбележува 23 мај, како Ден на кој е усвоен германскиот Устав во 1949 година, заедно со нова „сојузна програма за патриотизам“. Програмата за патриотизам би вклучувала планови за:

- зголемување на „видливоста преку целата година“ на националните симболи - особено државното знаме на јавни места

- почесто пуштање на државната химна за време на јавно одбележување на настани

- почесто одржување на воени церемонии и прозивки на офицери „со цел да се нагласи поврзаноста меѓу армијата и граѓанското општество и да се развие патриотскиот потенцијал на оваа врска“

Демохристијаните направија сѐ за да ги претстават овие идеи во инклузивни поими - овој модерен патриотизам, рекоа тие, треба да биде повик до мигрантските заедници да застанат зад вредностите зацртани во Уставот. Сметаат и дека она што го нарекуваат „потенцијал“ во областа на патриотизмот не треба да се остави на политичките маргини.

Екстремно десничарските демонстранти често го вејат националното знаме на протестиФотографија: Patrick Pleul/dpa/picture alliance

Тоа значи дека ЦДУ се надева дека ќе се избори за прашањето на патриотизмот и ќе ја преземе оваа тема од своите политички избрани екстремно десничарски ривали - Алтернатива за Германија (АфД). Обновеното чувство на национална гордост ќе се спротивстави на „зголемената поларизација и фрагментација на нашето општество“, напишаа во својот предлог лидерот на партијата ЦДУ, Фридрих Мерц и првиот човек на пратеничката група на сестринската партија ЦСУ во Бундестагот, Александар Добринт.

Култура на гордост, култура на срам

Проблемот на германскиот патриотизам е стар речиси колку и самата Сојузна Република Германија, со лузни од повредена гордост, кои се појавија по Втората светска војна, а се чувствуваат и денес.

Истражувањето на јавното мислење, спроведено од институтот Инса во 2021 година, покажа дека 61 отсто од Германците веруваат дека училиштата меѓу децата, односно учениците треба да поттикнуваат „попозитивна“ врска со Германија. Не е јасно што точно може да значи ова, но историјата на Германија очигледно го повлекува со себе фактот дека патриотизмот секогаш ќе биде длабоко проблематичен.

„Кој може, без размислување и колебање, да ја признае својата поврзаност со германската нација?“, прашува Мартин Забров, историчар и портпарол на Центарот за современа историја Лајбниц во Потсдам. „Во владиниот кварт на Берлин има споменик на Холокаустот со столбови, кои симболизираат и потсетуваат на 6 милиони убиени Евреи во Втората светска војна. Би било чудно да немаме мачно чувство кога е во прашање нашата германска националност.“

Споменикот на Холокаустот во центарот на БерлинФотографија: picture-alliance/Schoening

Контроверзни бои

А има и други, постари причини зошто патриотизмот не е толку едноставен во Германија како на друго место. Германските национални бои - црната, црвената и златната - имаа многу политизирана историја и ретко служеа за обединување на сите Германци на ист начин како што, на пример, ѕвездите на американското знаме или британскиот Јунион Џек - симбол на британското знаме, кој претставува комбинација од три составни делови на земјата преку крстовите на нивните светци-заштитници (англискиот крст на Свети Џорџ, шкотскиот крст на Свети Андреј и ирскиот крст на Свети Патрик).

Црно-црвено-златните бои беа првите кои се вееја пред поединечниот корпус на пруската војска кој се бореше за ослободување на Европа од Наполеон. Тие беа воспоставени како национални бои на Германската конфедерација на почетокот на 19 век, а самото знаме во тие бои беше усвоено од народното собрание по револуциите од 1848 година, кога националниот идентитет, слободата и индивидуалните права беа испреплетени со антимонархистички бран.

Но, овие бои излегоа од мода кога моќта на Прусија почна да се зголемува. Откако монархијата повторно дојде на власт, во 1871 година, црната, белата и црвената станаа боите на новиот германски Рајх. Црно-црвено-златниот образец беше прифатен од Вајмарската Република во 1919 година, по падот на кајзерот Вилхелм Втори, за нацистите повторно да го отфрлат во 1934 година.

Знамето на германскиот Рајх беше црно, бело и црвеноФотографија: Hendrik Schmidt/dpa/picture alliance

И по Втората светска војна овие бои на германското знаме беа спорни. „Имаше спор со ГДР“, вели Забров, мислејќи на Германската Демократска Република, која беше создадена по поделбата на земјата во 1949 година. „ГДР всушност беше првата што ја номинираше црно-црвено-златна боја за своето знаме, а дури потоа Западна Германија го направи истото.“

Во последните две децении, Германците се помалку колебливи кога станува збор за веењето на националното знаме, особено кога навиваат за својата фудбалска репрезентација. Светското првенство во фудбал во 2006 година, кое се играше во Германија, остана запаметено како будење на нов позитивен, оптимистички патриотизам. Во текот на целиот шампионат, наречен „летна бајка“, германското државно знаме се вееше од безброј балкони и беше закачено на ретровизорите на автомобилите, а нацијата стоеше зад (забележително мултикултурната) фудбалска репрезентација.

Сепак, во последните неколку години, црно-црвено-златните бои и прашањето на патриотизмот сѐ повеќе ги присвојуваат екстремно десничарските политички сили, како што се исламофобното движење ПЕГИДА и антиимигрантската политичка партија АфД, основана во 2013 година.

Црн-црвено-жолтото знаме беше користено и во времето на Вајмарската Република, меѓу двете светски војниФотографија: akg-images/picture alliance

Уставен патриотизам

ЦДУ сега си постави задача да си ја поврати оваа тема од крајната десница. Исто така, според политичкиот аналитичар Уве Јун од Универзитетот во Трир, оваа партија се обидува повторно да ја воспостави традицијата на „уставен патриотизам“ - односно патриотизам кој не е вкоренет во националниот идентитет, туку во вредностите, кои се зацртани во германскиот Устав. „Тие велат: ’Овој Устав, кој создаде стабилна демократија во Германија, треба да се земе како повод за славење“, истакнува Уве Јун за ДВ.

Но, Јун не е сигурен дали едноставното почесто истакнување на знамето ќе го има ефектот на кој ЦДУ се надева: да ги поврати гласачите на ЦДУ, кои им ги презема АфД - партија која, според анкетите, одново бележи раст на популарноста.

„Тоа ќе биде тешко“, вели Уве Јун, бидејќи многу од клучните гласачи на АфД се гласачи од протест, чија недоверба кон центристичка партија како ЦДУ, се чини, расте.

Скептичен е и историчарот Мартин Забров. „Тоа е обид кој бара многу труд и со кој поимот гордост на својата земја и нација сака да се врати во таканаречената „нормалност“, без да се негира сопствената историска одговорност. Јас лично сметам дека таквите обиди се целосно бескорисни. Не мислам дека во модерното општество е можно одозгора да се наметне таква поврзаност“, заклучува Мартин Забров.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми