Колку чинат „болката и понижувањата“ на Трамп
4 октомври 2022Поранешниот американски претседател Доналд Трамп ја тужи телевизиската станица СиЕнЕн барајќи оштета од 475 милиони долари, поради наводна кампања на „одвратно клеветење" со цел да спречи негова повторна претседателска кандидатура во 2024 година, како што стои во тужбата поднесена до суд во Флорида. Извештаите на СиЕнЕн на Трамп му предизвикале болка, понижување и душевни страдања.
Телевизиската станица се обидела да го искористи „нејзиното масивно влијание – наводно како ’доверлив извор на информации“ за 76-годишниот Трамп да го дисквалификува во очите на гледачите и читателите и „политички да го победи“, пишуваат адвокатите на Трамп во 29 страници долгиот документ.
Трамп е посебно иритиран и погоден од тоа што СиЕнЕн неговото тврдење дека демократот Џо Бајден ги украл изборите во 2020 година, го нарекува „голема лага“. Формулацијата алудира на антикомунистички американски пропаганден филм со ист наслов, кој пак се базира на цитат од Адолф Хитлер.
Трамп ја обвинува СиЕнЕн за учество во „концентрирана акција за насочување на политичката рамнотежа во лево“, а новинарите за постојани обиди да го дискредитираат нарекувајќи го со се` поскандалозни поими, како „расист“ или „руски лакеј“.
Бившиот претседател со ова правно средство, како што истакнува, сака да си го одбрани угледот на „ангажиран државен службеник“, откако телевизијата наводно одбила да ги демантира наводно клеветничките наводи.
Во натамошно соопштение, политичарот и градежен претприемач најави во блиска иднина тужби против „поголем број други фејк-медиуми“, во прв ред поради нивното известување за претседателските избори во 2020 година. За време на својот претседателски мандат, Трамп постојано ги критикуваше и преку социјалните медиуми подбуцнуваше против СиЕнЕн и други медиуми, нарекувајќи ги нивните извештаи – „лажни вести."