1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку е монархијата сигурна во рацете на кралот Чарлс?

Ела Џојнер
20 септември 2022

По смртта на кралицата Елизабета Втора, улогата на монархијата во Велика Британија е под прашалник. Затоа, кралот Чарлс Трети ќе мора многу да внимава на своите постапки.

Врз новиот крал, Чарлс Трети, лежи голема одговорност
Врз новиот крал, Чарлс Трети, лежи голема одговорностФотографија: Marc Bertorello/AFP

Првиот ден на работа за секого може да биде застрашувачки. Некој прво помислува: „Дали шефот ќе ми биде ноќен кошмар?“ А замислете сега како му е на 73-годишниот крал Чарлс Трети (без оглед на милионите кои наводно ги наследил и доживотната сигурност дека нема да биде избркан од работа), како оди по стапките на својата мајка, влегувајќи во најстрашните чевли на светот: паметни, разумни и износени штикли на покојната Елизабета Втора.

Новиот крал го наследува престолот  од Кралицата која дури и критичарите ја сметаа за вешта владетелка која му служеше на народот и добро ја разбираше својата специфична улога во политиката – да биде над споровите и кавгите. Елизабета Втора уживаше поддршка од 75 проценти од британската популација, а нејзиниот син – само 42 проценти, како што порано годинава покажа истражување на јавното мислење спроведено од агенцијата „YouGov".

Многу нешта ќе зависат од  настапот на Чарлс и неговото однесување.  Кралското семејство во последно време го следат скандали. Братот на Чарлс, принцот Ендрју, годинава постигна спогодба во врска со обвиненијата за сексуално искористување малолетнички и речиси се повлече од јавниот живот. Принцот Хари отстапи од кралските должности во 2021 година и се пресели во САД со сопругата Меган Маркл среде семејниот раскол.

Чарлс никогаш не ја поправи целосно својата репутација по разводот од Дијана Спенсер, принцезата од Велс, која загина во сообраќајна несреќа во 1997 година, но и натаму е исклучително популарна.

Принцовите Вилијам и Хари на погребот на Елизабета ВтораФотографија: Alkis Konstantinidis/AP/picture alliance

Дали монархијата е во добра состојба?

Поради изливите на жалост во јавноста по смртта на Кралицата, би можело да се помисли дека монархијата е во добра состојба. Но, Полин Мекларан, авторка на книгата „Кралска треска:  Британската монархија  во потрошувачката култура“, смета дека тоа не е толку едноставно. „Поддршката за Кралицата не мора нужно да се пренесе и во форма на поддршка на монархијата како институција“, вели Мекларан, инаку професорка по маркетинг на Универзитетот Ројал  Халовеј во Лондон.

Поддршката за монархијата, иако е уште голема, драматично падна од 75 проценти во 2012 година на 62 проценти во 2022 година, како што пред неколку месеци утврди институтот  „YouGov".

Мекларан смета дека главни фактори на ризик за Чарлс се неговата климава популарност и неговата репутација дека е склон да се меша во јавните (државни) работи. „Веќе долго се стравува дека Чарлс би можел премногу да се меша во политиката“, нагласува Полин Мекларан. Како принц од Велс тој своевремено беше критикуван поради низа писма кои наводно ја компромитираат неговата неутралност и непристрасност.

Можеби дури е поголем ризик тоа што Чарлс, како што вели Мекларан, „ја води монархијата како бел, хетеросексуален, привилегиран маж во време на растечка свест за проблемите на идентитетот и колонијалното минато.“

Колонијално наследство

Исто така, постојат отворени прашања за Комонвелтот и повикот за обесштетување за неправдите од колонијалното доба, нагласува Полин Мекларан. Навистина, прво место каде што тоа клопче би можело за Чарлс да почне да се одмоткува, се 14 земји на Комонвелтот (од некогашните 56), кои сѐ уште го имаат британскиот монарх за шеф на државата. Барбадос лани се прости од тоа и стана република, а можеби и некои други би можеле да го следат примерот на оваа островска држава.

Премиерот на карипската островска државичка Антигва и Барбуда минатата недела за британската телевизија Ај-Ти-Ви изјави дека планира референдум за ова прашање во рок од три години. И Јамајка е заинтересирана за сличен потег. Лидерите на Австралија и на Нов Зеланд теоретски тоа исто така го поддржуваат, иако се чини дека не им се брза.

Кралот Чарлс Трети покрај ковчегот со телото на Кралицата во ЕдинбургФотографија: Jane Barlow/AP/picture alliance

Републиканците гледаат своја шанса

А каква е ситуацијата во самото Обединето Кралство? Една од организациите, која во стапувањето на Чарлс на престолот гледа потенцијална прилика за остварување на своите интереси, е „Република“, група која води кампања против монархијата. „Прогласувањето на новиот крал е навреда за демократијата, нешто што  е против вредностите како што се еднаквост, одговорност и владеење на законите, во кои верува мнозинството од нас“, изјави минатата недела претставникот на таа организација, Грејем Смит.

Иако внимателно ѝ оддава почит на Кралицата, „Република“ веќе извесно време се подготвува за промената на престолот и притоа забележува тренд на опаѓање на поддршката на монархијата во јавноста. „Кралицата несомнено е најпопуларен член на кралското семејство. Кога неа ќе ја нема на престолот, Чарлс нема да биде во позиција да ја сврти ситуацијата во своја корист, ќе загуби уште поголема поддршка“, процени Смит во јуни годинава.

Без оглед на оптимизмот на Смит, републиканското движење на Обединетото кралство очигледно ќе биде соочено со тешка борба. Најплодно тло тоа веројатно ќе најде во Шкотска. Анкетата спроведена од тинк-тенкот „Британска иднина“ покажува дека само 45 проценти од шкотските избирачи ја поддржуваат монархијата. Во текот на прогласувањето на Чаркс Трети за крал, демонстранти на улиците на Единбург, главниот шкотски град, го извиркаа новиот монарх. 

Тага во Велика Британија

01:33

This browser does not support the video element.

Истовремено, илјадници Шкоти излегоа на улиците да ѝ оддадат почит на Елизабета, која беше позната по тоа што ја сакаше Шкотска. Дури и владејачката Шкотска национална партија, која се залага за независност на Шкотска, јавно стави до знаење дека ќе го задржи британскиот монарх како шеф на државата, дури и ако земјата ја напушти Велика Британија. Таквиот став не го менуваат ни по прокламацијата на Чарлс Трети за нов крал, потврди заменик-премиерот на Шкотска, Џон Свини.

Монархијата како бренд

Дали постапките на Чарлс Трети би можеле да бидат причина да ја турнат Шкотска, а можеби и целото Обединето Кралство во насока на укинување на монархијата? „Не, мислам дека не може“, смета Мекларан. Таа воедно додава дека новиот крал е свесен за ризикот и дека ќе се однесува најдобро што може.

Мекларан проценува дека кралското семејство ќе се труди да „промовира колективен бренд“, односно да ја промовира пошироката фамилија. „Чарлс тоа не може сам да го направи и тој е свесен за тоа“, убедена е Полин Макларан. Чарлс блиску ќе соработува со својот син Вилијам и со снаата Кејт, кои се пополуларни од него, како и со својата сопруга, кралицата-придружничка Камила, со цел да се покаже дека „жените играат силни улоги.“ 

Мекларан смета дека почетокот на Чарлс по смртта на Кралицата е добар, и дека тој директно се соочил со стравовите кои постојат во јавноста: „Ова сега е нешто како меден месец. Луѓето се моментално многу емотивни.“

А републиканците како Грејем Смит не би смееле да го потценат својот противник. Монархијата е „дури како свесна за својот имиџ“ и „многу добра во прилагодувања“, вели Полин Макларан и заклучува: „На крајот на краиштата, тоа е многу софистицирана институција.“

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми