1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалГерманија

Колку е опасен Берлин?

СН | дпа
28 август 2023

Речиси секојдневно се известува за насилство во германскиот главен град. Така се создава впечаток дека станува збор за опасна метропола. Но, дали е тоа навистина така?

Паркот Герлицер во Берлин: полициска рација против дилери на дрога
Паркот Герлицер во Берлин: полициска рација против дилери на дрогаФотографија: Paul Zinken/dpa/picture alliance

Дали главниот град на Германија има проблем со прекумерното насилство? Годинава, оваа милионска метропола веќе трипати беше тема во фокусот на медиумите во Германија и во Европа, поради наводни безбедносни проблеми. Во сите случаи, врската се мигрантите.

На новогодишната ноќ, во некои делови од градот, млади луѓе фрлаа петарди врз полицајците и пожарникарите. Летото започна со ужасеност од тепачките и дивеењето по јавните базени. И сега, паркот Герлицер во областа Берлин-Кројцберг повторно е на дневен ред. Причината е силување во кое учествувале повеќе мажи.

Тој парк секогаш одново е тема во медиумите поради постојаните проблеми со дилерите на дрога. Тие чекаат муштерии на влезовите во паркот, на патеките, меѓу дрвјата или по околните улици. Една вечер, беа избројани повеќе од сто мажи кои очигледно продаваат дрога - речиси сите се бегалци од Африка, често без дозвола за престој. На минувачите учтиво им нудат марихуана и поопасни наркотици.

Паркот Герлицер е познат како место за трговија со дрога речиси 20 години. Но, тоа не е единствениот проблем. Во паркот одвреме-навреме се случува и насилство, како ова лето кога, како што соопшти полицијата, млада жена била силувана од неколку мажи. Уапсени се тројца осомничени – сите се на возраст од 22 години и доаѓаат од различни африкански земји.

Полицијата и пожарникарите беа опсипани со петарди и слични запаливи средства на новогодишната ноќ во БерлинФотографија: Julius-Christian Schreiner/TNN/picture alliance/dpa

Голем број кривични дела

Туристите сѐ почесто прашуваат дали посетата на Берлин станала опасна. Дури и на официјалниот градски портал Visit Berlin, се посочува дека градот е, додуша, „начелно безбеден“, но дека има криминал и дека треба да се земат предвид одредени безбедносни аспекти. Еден од нив е: „Избегнувајте темни паркови и улици ноќе“. Градоначалникот на Берлин, Каи Вегнер, најави одржување на „безбедносен самит“ на почетокот на септември, на кој ќе се фокусира и паркот Герлицер, а најави и нови мерки за подобрување на безбедносната состојба во градот.

Неспорно е дека многу повеќе злосторства се случуваат во Берлин, најголемиот германски град со речиси четири милиони жители, отколку во Хамбург или Минхен. Но, во статистиката за криминалот во германските градови во однос на бројот на жители, Берлин е веќе на второто место, веднаш зад Франкфурт на Мајна. Во главниот град на Германија во текот на една година се регистрирани 14.135 кривични дела на 100.000 жители. По Франкфурт и Берлин, во оваа статистика следат Хановер, Келн и Бремен. Најбезбеден голем град е Минхен со 5.800 кривични дела на 100.000 жители.

Но и таа статистика не кажува многу за безбедносната состојба во еден град. Затоа што најчесто не се работи за насилство, туку за кражби и измами. Како главен град со многу туристи и поради својата географска положба, Берлин привлекува многу џепчии и организирани банди од Источна Европа кои крадат автомобили, соопшти полицијата. Затоа бројот на кривични дела во статистиката за главниот град на Германија е толку голем.

Базените во Берлин ги обезбедува полиција поради дивеењето на дел од посетителите летовоФотографија: Carioline Bock/dpa/picture alliance

Опасност за хомосексуалците и Евреите

За кого е опасен овој град зависи од локацијата, времето од денот и припадноста на одредена група. Така, во однос на безбедноста во центарот на градот,  проблематичен е ноќниот живот без ограничување на работното време за клубови и кафулиња, со бројни киосци кои продаваат алкохол 24 часа во денот, како и висок праг на толеранција за дрога. Полицијата често мора да интервенира ноќе поради агресивни конфликти меѓу пијани или дрогирани луѓе.

Но, жените зборуваат за навреди, сексуални и физички напади кои не се случуваат само во центарот на градот. „Тоа не е проблем во парковите, тоа е проблем насекаде: на секоја станица за јавен превоз на која се симнувам, на секоја улица што ја поминувам“, истакна една млада жена во интервју за берлинското радио РББ. И навистина, од 2019 до 2022 година , бројот на кривични дела извршени во ноќните часови чии жртви биле жени се зголемил од 3.000 на 4.210.

Туристичките портали долго време ги советуваат хомосексуалните парови или Евреите да не влегуваат во одредени делови од градот со препознатливи знаци на сексуална ориентација или религиозна припадност. Познатиот германски комичар Хапе Керкелинг со сопругот се отсели од Берлин. „Атмосферата стана многу похомофобична и соодветно на тоа, со тешко срце, решивме да го напуштиме Берлин и да заминеме во Келн, за што досега не сме зажалиле“, рече Керкелинг.

Sидот што го опкружува паркот Герлицер во БерлинФотографија: Paul Zinken/dpa/picture alliance

Бројни мерки, но слаби резултати

По насилствата на новогодишната ноќ, Сенатот на Берлин свика самит за млади и вети дека ќе одвои неколку милиони евра за социјална работа. Јавните базани треба да бидат опремени со видео камери и во нив да се врши проверка на личните документи. Но тој проблем засега е решен благодарение на лошото време.

Обиди за сузбивање на трговијата со дрога во паркот Герлицер има веќе 20 години со полициски рации и апсења, како и со вклучување на редари и социјални работници. Но, сето тоа не помогна многу. Затоа политичарите на ЦДУ и полицијата бараат сите влезови во паркот да бидат затворени во текот на ноќта.

Но, тоа може да доведе до преместување на дилерите во околните станбени области. Покрај тоа, делови од ѕидот околу паркот може лесно да се прескокнат. А што ќе се случува таму ноќе, воопшто не би можело да се контролира однадвор.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми