1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Колку е реално Русија да и` плати репарации на Украина?

Марина Барановска
1 декември 2022

Генералното собрание на ОН со Резолуција ја повикува Русија да и` плати репарации на Украина за штетата од агресорската војна. Сепак, таа не е обврзувачка. Може ли Русија и покрај тоа да биде повикана на одговорност?

Војна на Русија во Украина, ракетен напад во Киев
Војна на Русија во Украина, ракетен напад во КиевФотографија: Oleksandr Gusev/REUTERS

Крај на војната во Украина сѐ уште не е на повидок, а меѓународната заедница веќе дебатира за тоа како да ја натера Русија да и` плати воена отштета за штетата која ја предизвика нејзината армија во соседната земја. Резолуцијата на Генералното собрание на ОН со која  Москва се повикува да плати репарации,  беше изгласана на 14 ноември со 94 гласа. Против беа 14 држави, а 73 беа воздржани.

Украинскиот премиер Денис Шмихал во септември направи проценка на директната физичка штета на 326 милијарди долари. Оваа сума ја потврдија и експертите на Светската банка, рече Шмихал на еден состанок во Берлин. Според нив, сумата сигурно ќе се зголеми до крајот на војната. Русија веќе ја отфрли резолуцијата. Документот е „правно неважечки“, вели рускиот дипломат во ОН, Василиј Небенсја.

Кога се исплаќаат репарации

Репарациите во основа се компензација која една држава ја дава за штета предизвикана од нејзини кривични дејствија. Експертот за меѓународно право, Паул Грагл од Универзитетот во Грац објаснува дека износот и начинот на плаќање го одредуваат меѓународни институции или мировен договор по завршување на војната.

Еден од најпознатите случаи на репарации се однесуваат на тогашното Германско царство по поразот во Првата светска војна во 1918 – со побарувачка од над 200 милијарди марки во злато кои требаше да се исплаќаат со децении. Сојузна Република Германија, како правен наследник на германскиот рајх, последниот трансфер го изврши во 2010 година. Германија и по Втората светска војна мораше да им плати репарации на сојузниците.

Генералното собрание на ОН ги осуди руските анексии на територии од УкраинаФотографија: Bebeto Matthews/AP/dpa/picture alliance

Има и уште неколку други примери за репарации во модерната историја, меѓу кои и исплатите од Ирак за окупацијата на Кувајт во 1990/91. Основа за исплатата беше резолуција на Советот за безбедност на ООН. Тие се сметаат за преседан, на којшто исто така се повика и постојаниот претставник на Украина во Генералното собрание на ООН, вели Паула Рајн–Фишер од Академијата за европска заштита на човековите права при Универзитетот во Келн.

Како Русија може да биде присилена да плати?

Резолуциите на Генералното собрание на ООН не се правно обврзувачки. Тие повеќе имаат политичка тежина бидејќи се одраз на ставот на меѓународната заедница, вели Паул Грагл.

„Таа ја изразува политичката намера дека нема да се заборави оти Русија како агресор е должна да ја надомести сторената штета,“ вели Грагл.

И Паула Рајн–Фишер зборува за  политички сигнал.  Тешко е да се обврзе Русија да плаќа репарации со помош на постоечките меѓународни механизми. „Има евидентен проблем со надлежноста на Меѓународниот суд на правдата на ООН (н.з. чии одлуки се правно обврзувачки). Тој има надлежност само ако обете држави се согласиле да станат страни во постапката. Судот веќе ја разгледува тужбата на Украина против Русија за кршење на конвенцијата за геноцид, но во овој случај исплатата на отштета ќе биде ограничена,“ објаснува таа. Москва го отфрла ова.

Правно обврзувачка одлука за репарации може да донесе  Меѓународниот трибунал на правдата во Хаг,  вели Рајн-Фишер. „Во негова надлежност е осуда на индивидуи поради сторен геноцид, злосторства против човештвото, воени злосторства и злосторството агресија, при што судот не е надлежен за гонење на злосторството агресија од страна на поединечни руски властодршци. Гонење на тие злосторства претпоставува носење на резолуција од страна на Советот за безбедност на ООН, која Русија како негова постојана членка со право на вето ќе ја блокира. „Затоа се размислува за основање на  Специјален трибунал”,  вели Рајн-Фишер. Обвиненијата против претставници на руските власти за преостанатите злосторства кои се во надлежност на трибуналот, веќе судски се истражуваат, но истрагата би можела да трае подолг период.

Паула Рајн–Фишер од Академијата за европска заштита на човековите права при Универзитетот во КелнФотографија: Privat

Трета инстанца која би можела да ја обврзе Русија да плаќа репарации е Европскиот суд за човекови права, посочува експертот. Но, Русија од 2022 истапи од Советот на Европа и од тогаш не подлежи на пресудите на овој суд. По исклучувањето од Советот на Европа во септември 2022 таа веќе не е договорна страна на Европската конвенција за човекови права. Па така судот може да ја товари Русија со репарации за Украина само за штети настанати во периодот од февруари до септември 2022 година, објаснува Рајн-Фишер. По искуствата од минатите години, може да се очекува дека Русија нема да спроведе таква пресуда на Европскиот суд. „Покрај тоа е многу спорно дали Европската конвенција за човекови права воопшто е применлива за долгорочни конфликти", вели експертот и додава: „За сега се чини малку веројатно Руската Федерација да плаќа репарации во скоро време".

Експертот за меѓународно право, Паул Грагл од Универзитетот во Грац Фотографија: Privat

Руски имот за репарации?

Моментално се дебатира и дали руски средства кои беа замрзнати во рамки на санкциите против Москва, може да бидат искористени за репарации. Притоа главно се работи за средства на руски компании депонирани во странство, сопственост на приватни лица, како и девизни резерви на Руската централна банка. 

„Секако дека има правна разлика меѓу ‘замрзнување имот’ и ‘конфискација на имот’”, вели експертот за меѓународно право, Грагл. „Да се замрзне значи дека е само за некој преоден период." Но, за конфискација на руски средства со намена за репарации мора да има правна основа, вели Рајн-Фишер. До сега не е формирана Меѓународна правна комисија, а да се носат такви одлуки од страна на националните судови е поврзано со големи правни компликации. 

Можеби тука ќе помогне нов механизам кој допрва треба да биде создаден. Резолуцијата на ООН од 14 ноември предвидува основање на таква институција. Заменикот-министер за правда на Украина, Ирина Мудраја, изјави дека тоа на многубројни држави ќе им овозможи „да прејдат од дебата на дела.”

Рајн-Фишер нагласува дека истовремено државен имот за буџетски цели, во кои треба да спаѓаат и руските девизни резерви, се според меѓународното право заштитени од конфискација. Резолуцијата на ООН би можела да понуди опција, во договорите меѓу Украина и трети држави да се вметне клаузула со која и се одзема таквиот имунитет на Русија. 

„Според мене оваа точка отвора правни прашања, бидејќи договори не може да се склучуваат на штета на трети лица", вели Паула Рајн-Фишер. Во овој случај, третата страна која не е вклучена во договорот е Русија. „Друго прашање е дали таквата пракса може да доведе до промена на веќе постоечките правила на меѓународното обичајно право", вели експертот. 

Мировен договор како идеално решение

Правно помалку проблематично е според Рајн-Фишер да се укинат санкциите против Русија во замена за согласност со плаќање репарации. Идеален би бил мировен договор меѓу партнерите во кој Русија се обврзува да ја компензира предизвиканата штета. „Но, во моменталната ситуација тоа за жал не е многу веројатно", вели експертот. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми