1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаСоединети Американски Држави

Треба ли Европа да е загрижена од банкарскиот колапс во САД?

Матијас Рихтман
15 март 2023

По пропаста на СВБ и Банката Сигничер, американските власти преземаа драстични мерки за да спречат можно прелевање на кризата. Но, факторите кои допринесоа за банкрот на овие две банки, на Европејците не им даваат мир.

Банка на Силиконската долина САД
Банка на Силиконската долина - банкротот предизвика потрес на финансиските пазариФотографија: Brian Snyder/REUTERS

По хаотични часови во потрага по можен купувач на дисфункционалната Банка на Силиконската долина (или скратено СВБ), американската влада излезе со план за обезбедување на банкарската индустрија. Американските регулатори за време на изминатиот викенд изработија план за итна финансиска поддршка за да обезбедат доволно ликвидност во банкарскиот систем, ја затворија и Банката Сигничер и се погрижија клиентите да имаат пристап до нивните депозити, во обид да се ограничат последиците од имплозијата во СВБ.

Дали колапсот на СВБ ќе поттикне финансиска криза како во 2008 година?

Пропаста на СВБ е најголем пад на една банка од глобалната финансиска криза во 2008 година до сега. 

Но, тешко дека банкротот на банката ќе предизвика толку длабока и болна финансиска криза каква што следеше по банкротот на Леман брадерс во тоа време. Конечно, американските власти брзо направија исчекор и таквата одлучна реакција на регулаторите го намалува ризикот од натамошни падови на банките, оценува Мориц Шуларик, професор по економија на универзитетот во Бон. 

Второ, САД денес имаат многу построги правила за банките, посебно за најголемите како ЏП Морган, Бенк оф Америка и Голдман Сакс. Како резултат на тоа, американските банки се во многу поздрава финансиска состојба за разлика од 2008 година. Но, Шуларик предупредува дека светот треба да остане „буден” за проблемите со кои се соочува глобалниот финансиски сектор во време кога цднтралните банки во хектика ги подигаат каматите за да ја намалат инфлацијата. 

„Таквите нешта многу тешко може да се предвидат и вистината е дека проблемите поради кои банкротираше СВБ и Банката Сигнчер не се ограничени само на тие две банки, па се поставува прашањето уште кој сѐ е погоден од ова?”, вели професорот. 

Во вторникот агенцијата „Мудис” стави уште шест регионални американски банки, меѓу кои и „Фрст рипаблик бенк”, „Зионс бенкорпорејшн” и „Вестерн Елијенс Банкорп”, на листата за ревизија на статусот. 

Како колапсот на СВБ влијае на Европејците

„Има можност за индиректно прелевање, но во моментов тоа не ни се чини како посебна закана”, рече еврокомесарот за економија, Паоло Џентилони во понеделникот кога се осврна на ризиците кои може да произлезат од актуелната криза за ЕУ. 

Регулаторот за финансискиот сектор во Германија, Бафин, донесе мораториум за германската испостава на СВБ, замрзнувајќи ги продажбите и исплатите. Во соопштение од Бафин се вели дека институцијата „не е системски релевантна” и оттаму „не претставува закана за финансиската стабилност”. 

Брзата реакција на британската влада која посредуваше во преземањето на тамошната подружница на СВБ од страна на гигантот ХСБЦ, исто така придонесе за обезбедување на депозитите на тамошните клиенти. Европскиот банкарски индекс кој ги следи големите европски банки, иницијално забележа пад во вторникот, но потоа се стабилизираше и порасна за 2,7%. Во понеделникот беше забележан најголем пад на индексот за повеќе од една година, откако се прошири страв од прелевање на кризата. 

„Значајна разлика меѓу американскиот и европскиот систем што ќе го ограничи прекуокеанското влијание, е тоа што депозитите на европските банки се постабилни”, се вели во соопштение од „Мудис”. 

Германскиот стартап сектор допрва треба да покаже дали ќе има поголеми проблеми од колапсот на СВБ која главно опслужуваше технолошки стартап компании.

Загрижени клиенти пред филијалата на пропадната банка СВБ во Велсли во американската сојузна држава МасачусетсФотографија: Brian Snyder/REUTERS

„Во својата основа ова не е стартап криза, туку се работи за проблемот со рефинансирање во банката”, вели Кристијан Миле од Германското здружение на стартапи. Тој, сепак, заклучува дека последиците за германските стартапи не може сѐ уште точно да бидат одмерени.

Актуелната криза се случува во време на растечки камати на глобално ниво. Централните банки нивото на каматите го користат за да ги намалат бизнис активностите и со тоа и инфлацијата. Таквото заострување на монетарната политика предизвикува главоболки кај стартапите, бидејќи им се кратат средствата за финансирање и се ограничува потрошувачката на клиентите. 

Од друга страна, колапсот на банките и финансиската ранливост која ја исфрли на површина, би можеле да ги попречат напорите на централните банки да го намалат растот на цените. 

„Пропаста на СВБ ќе ги притисне централните банки да го намалат темпото на натамошно подигање на каматите”, вели Арун Сај од „Пиктет Асет Менаџмент”. Тој додава дека „централните банки сега ќе мора да ги обмислат влијанијата врз стабилноста на финансискиот сектор од било какви натамошни зголемувања на каматните стапки”.

Дали вината за кризата е кај СВБ?

СВБ оперирала со високо концентрирана база на клиенти. Најголемиот дел од технолошките стартапи со здружен капитал, своите депозити ги пласирале во банката. Откако банката добила голем прилив на депозити од клиентите за време и по пандемијата на Ковид-19, вишокот кеш пари ги инвестирала во владини обврзници кои потоа фигурираат како загуби во билансот поради растечките каматни стапки. Откако кај клиентите се проширила несигурност околу условите за финансирање во СВБ, тие почнале да ги повлекуваат своите депозити. „Оваа банка особено лошо е опремена за справување со ваков проблем, затоа што не направила ниту соодветен менаџмент на ризици во однос на своите каматни стапки”, вели Ханс-Петер Бургхоф од универзитетот Хоенхајм за ДВ. Пропаста на СВБ и на Банката Сигничер според Артур Вилмарт, професор по право на универзитетот Џорџ Вашингтон, „ја покажале неадекватноста на регулаторните реформи спроведени по глобалната финансиска криза”.

Вилмарт посочува дека СВБ забележала рапиден раст меѓу 2020 и 2022 година и дека изложеноста на банката на долгорочни фиксни каматни стапки ја направила посебно сензитивна на промените во монетарната политика на Федералните резерви. „Тоа речиси е сигурна формула за пропаст. Ако економија се смени, веќе имате приблем”, вели Вилмарт. 

Плановите за регулација на банките која би ги ставила под построг надзор, пропаднаа во 2018 година за време на администрацијата на Трамп. „Ќе побарам од Конгресот и од регулаторите да ги заострат правилата за да се намали ризикот од повторна ваква појава и за да се заштитат работните места во малите бизниси”, рече Бајден неделава.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми