1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГлобално

Колку кремовите за сончање штитат од рак на кожа?

АРД
13 јули 2024

Некои тврдат дека кремовите за сончање не штитат од канцер на кожа. Некои дури велат дека го поттикнуваат неговото настанување. Тоа е погрешно, но кремовите сепак не се доволни како средство за заштита од рак на кожа.

крем за сончање
Кремовите за сончање кои се на пазарот во Германија се претходно тестираниФотографија: Thomas Trutschel/photothek/Imago

„Средствата за заштита од сонце се една од најголемите измами на сите времиња!“ Со таквата порака преку социјалните мрежи се споделува видео кое го содржи најпопуларниот наратив на заговор. Особено во езотеричните кругови и круговите на теоретичари на заговор, долго време постои сомневање за тврдењата за придобивките од кремот за сончање. Меѓу другото, се тврди дека не УВ-зраците од сонцето, туку кремовите за сончање предизвикуваат рак.

Некои дури одат дотаму што сето тоа го нарекуваат „измама“ во режија на дерматолозите кои наводно препорачуваат употреба на штетни кремови за сончање за на крајот да профитираат од бројот на случаи на рак на кожа. И таа теорија е погрешна, од повеќе причини.

„Кремовите за сончање кои се на пазарот во Германија се претходно тестирани“, вели Клаус Гарбе, дерматолог и професор на Универзитетот во Тибинген. „И тоа значи дека сè што се користи во кремовите за сончање се тестира и потоа се категоризира како безопасно во однос на можен ризик од рак“, објаснува професорот.

Дискусија за УВ-зраците

Додуша, во минатото, на пример, една студија покажа дека кај постар тип кремови за сончање со заштитен филтер од октокрилен, се формираат молекули на бензофенон, кои, како што постојат сомневања, може да предизвикаат рак. Но, на пазарот има и кремови за сончање кои воопшто не содржат октокрилен. Директивите на ЕУ се заострени во тој поглед. „Наспроти хипотетичкиот ризик од бензофенон, постои реален и научно докажан ризик од настанување на рак на кожата од премногу УВ-зрачење“, тврди Германското дерматолошко друштво.

Според организациите за заштита на интересите на потрошувачите, нема причина за паника дури ни во однос на фактот дека во некои кремови за сончање за деца се пронајдени пластификатори. Според нив, концентрацијата и онака била ниска, а приоритет била заштитата од УВ-зраците.

На интернет, поради оваа недоверба кон индустриски произведените продукти за заштита од сонце, може да се најдат бројни рецепти за домашна подготовка на кремови за сончање. Гарбе препорачува тоа да не се прави. Во анализата на 15 вакви рецепти, експертите го заклучија следново: „Рецептите кои ги собравме на интернет се опасни, со оглед на тоа што некои од нив воопшто не нудат заштита од светлината, а повеќето од нив не нудат доволно ниво на заштита за луѓето кои ги користат“. Имено, три рецепти воопшто не содржеле заштита од сонце, а останатите имале заштитен фактор помал од шест.

Бројот на случаи на рак на кожа е значително зголеменФотографија: Andrey Popov/Panthermedia/IMAGO

Зголемување на бројот на случаи на рак на кожа

Вистина е дека бројот на случаи на рак на кожа е значително зголемен. Според Сојузниот завод за статистика (Дестатис), во Германија во 2022 година имало 109.400 лица кои биле на болничко лекување од рак на кожа. Тоа е околу 75% повеќе од бројот на случаи во 2002 година. Бројот на жители пак се зголемил за само два процента во истиот временски период.

Во истиот период, бројот на смртни случаи поврзани со рак на кожа се зголемил за околу 65% (на 4.400 случаи). Засегнати се пред сѐ постари луѓе. Повеќе од 50% од смртните случаи (поради рак на кожа) во 2022 година биле луѓе на возраст од 80 или повеќе години. Релативно гледано, најголем ризик за заболување од рак на кожа е забележан во возрасната група од 40-44 години. Во таа група, според Дестатис, ракот на кожата бил причина за 0,8% од сите смртни случаи – а, во сите други возрасни групи бил „виновник“ за само 0,4% од смртните случаи.

На што треба да се внимава кога сте на сонце

00:59

This browser does not support the video element.

Сончањето како главна причина за зголемување на бројот на заболени?

Сличен пораст е регистриран и во многу други земји, вели Гарбе. Причина за тоа е што денес луѓето почесто од порано се изложуваат на сонце, односно на УВ-зраци. „Практично, до Втората светска војна немало летни одмори. А, само населението во руралните средини било повеќе или помалку изложено на сонце“, вели Гарбе и додава дека притоа луѓето биле добро заштитени, носејќи облека со долги ракави или заштита на главата.

„Покрај тоа, сончањето во тоа време не се сметало за идеал за одмор“, забележува Гарбе, кој вели дека трендот почнал да се шири дури во 1950-тите години од САД. Во некои земји, како Данска, САД или Нов Зеланд, случаите на рак уште од тоа време почнале да се регистрираат. А, во статистиките може да се прочита дека тогаш имало значително помалку случаи на рак на кожа отколку денес. Во Данска, бројот на случаи на меланом на 100.000 жители (на годишно ниво) е зголемен за 40 пати. „Од студиите знаеме дека 95% од тоа зголемување може да се објасни со УВ-зрачењето“, посочува Гарбе.

Бесплатен крем за сончање на плажа во Холандија (архивска фотографија)Фотографија: Dingena Mol/ANP/IMAGO

Ефектот од сончањето

Кога станува збор за претераното сончање, кремовите помагаат само во (многу) ограничена мера, вели Гарбе. Сепак, студиите покажуваат дека примената на овие средства го намалува развојот на рак на кожата, додава тој. Но, тоа не важи за сончањето. Кремовите за сончање се помалку ефикасни од заштитната облека. Покрај тоа, постојат два фактора кои можат да го намалат заштитниот фактор на кремовите за сончање.

Имено, на возрасните им требаат околу 35 грама крем за сончање за целосна заштита. Но, истражувањата покажуваат дека повеќето луѓе нанесуваат само околу една четвртина од потребната количина. „Затоа заштитниот фактор драстично опаѓа“, предупредува Гарбе. Во случај на крем со заштитен фактор 50, тоа би значело дека заштитниот фактор паѓа на - само пет.

Освен тоа, студиите покажуваат дека луѓето имаат чувство на (лажна) сигурност поради употребата на крем за сончање. „Многу луѓе мислат дека може да легнат на сонце без никаква опасност бидејќи ставиле крем“, вели Гарбе. „Тоа е најголемото погрешно убедување во врска со темата. Всушност многу мали дози се доволни за мутација во рак поради УВ-зрачењето“, вели тој и додава дека затоа таквата граница не се преминува во случај на изгореници, туку многу, многу порано.

Денес луѓето почесто од порано се изложуваат на сонцеФотографија: Oswald Eckstein/OKAPIA/picture alliance

Трите столба на заштита

Според експертите, кремовите за сончање се само третиот столб на заштита од УВ-зрачењето. Дополнително се препорачува избегнување на сонце два часа пред  и два часа по пладнето, бидејќи тогаш е најголем интензитетот на УВ-зраците. А, како втор степен се наведува заштитна облека. Истражувањата покажаа дека облеката е многу поефикасна како средство за заштита од сонце отколку кремот за сончање. И тука нивото на заштита варира, во зависност од видот на ткаенината, бојата или густината на материјалот. „Не постои нешто како здраво потемнување“, вели Гарбе. Кога луѓето добиваат темен тен, тоа значи дека настанала мутација, забележува тој: „Треба да се работи повеќе на превенцијата, за луѓето да разберат колку е сончањето опасно за здравјето“, препорачува експертот, кој посочува дека тука се вбројува и солариумот. Таму постои зголемен ризик од рак на кожата, наведува и Меѓународната агенција за истражување на ракот.

Последиците од сончањето често се забележуваат многу подоцна во животот, бидејќи ракот на кожата најчесто се појавува на позрели години. Изгореници од сонце на помлада возраст го зголемуваат ризикот од рак. Експертите претпоставуваат дека во Германија бројот на откриени случаи на рак на кожа ќе продолжи многу да се зголемува.

Паскал Сигелков, АРД

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми