1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колонијална карамкаша

24 ноември 2022

Во Македонија, Македонците се де-јуре мнозинство, но де-факто малцинство карши втората по бројност етничка албанска заедница. Е тоа, Западот сака да го илустрира како „граѓански концепт“. Пишува Арсим Зеколи.

Црква и џамија во СараевоФотографија: Mustafa Ozturk/AA/picture alliance

Доколку бараме наслов соодветен за опис на сегашните состојби во регионот, најсоодветен избор би бил оној за Модерен Западен Балкан under construction. Како логична паралела по сличност со Модерниот Блиски Исток по падот на Отоманската Империја заклучно со Арапската пролет. Во нашиот случај, по падот на комунизмот и заклучно со некое следно крвопролевање. 

Помнам, без носталгија, како некаде во 90-тите години меѓународните хуманитарни организации на бегалците од Хрватска, Босна, Црна Гора, а подоцна и Косово им нудеа помош во храна, со вреќи полни леќа. На забелешките дека тоа не е храна типична или толку позната за овдешните народи и нивни кујни, одговорот беше дека станува збор за залихи наменети за Блискиот исток или пак совети за нутриционистичките квалитети на леќата. Притоа, добар дел од странските хуманитарни работници беа со претежно блиско-источно искуство низ тамошните кризни жаришта. Епилогот беа тони и тони леќа, неупотребена поради едноставното незнаење на луѓето што да прават со неа. Претпоставката или предрасудата за тоа што е потребно, наместо сослушувањето на луѓето за тоа што им е нужно, извојува победа на сметка на илјадници гладни усти од истокот каде леќата е она што за нас е гравот.  

Блиско-источни „чудаци” 

Балканот љуби да се смета себе како некаква градина, некаков балкон, некаква си романтична бавча на европскиот континент. Неколку чат-пат патеписни западни посетители кои пред век-два навјасале низ овие простори се потрудија да ја изградат таа егзотично езотерична претстава која подоцна ќе биде прифатена и од домашните мислители. Сепак, повнимателното проучување на таа романтизирана (само)претстава укажува дека сепак Балканот во очите на западот се смета како некаков апендикс на Блискиот исток во мекото меше на европската куртизана. Што поголеми беа напорите на нас балканските европјани (или европските балканци, според западот) да се докажеме, дефинираме, претставиме, прифатиме како сепак составен дел на европското тело, толку посилни беа усилбите да не убедат во нашата специфична, дизајнирана и сакале-не-сакале определена улога за „збогатување на европските различности”. Попусти беа напорите да се укаже дека нашите култури не се помалку со примеси на блиско-источност од оние на Шпанија, Португалија, јужна Италија. Нам ни беше определена улогата на блиско-источни „чудаци” со кои треба да се однесуваат внимателно, сомничаво, толерантно и генерално како кон незрела за современоста под-континентална банда на полу-примитивна дечурлана. Сѐ додека не почнавме да разбираме дека скраја сите наши и претерано премногу прифатени мани, клучната вина за тој третман не е во нас туку во предрасудите на нашите набљудувачи. 

Притоа, не дека самата споредба со средниот исток е навредлива сама по себе. Напротив, станува збор за цивилизации, култури и народи врз чии истории се имаат изградено добар дел од современата Западна Европа, а со неа вклучително и ние. Скромниот Балкан нема причина да се срами за сопствените истории како што за тоа има причини старата Европа. Но тоа е тема за некоја друга расправа. 

Арсим Зеколи, автор на колумнатаФотографија: DW/K. Blazevska

Пред години наназад предупредував дека односот на Западот кон нас, нашите интеграции кон Европа и начинот на нивните спроведувања дома на крај ќе не донесат поблиску до Блискиот Исток отколку до Европската Унија. Дека на крај нашата гео-политичка поставеност ќе биде повеќе поврзана со блиско-источните динамики отколку со западно-европските институции. Но она што е најболно, па дури и најнавредливо, во таа извртена логика е што вината за тоа се префрла врз нашите пациентни бутови исполнети со инјекции полни со наркоза, витамини, ботокси. Но никогаш не и врз надри-лекарите опседнати со експериментирање на нивните халуциогени „креативни политики” во договор со балканскиот политички гангстерај, клиентела и просташтво. 

Колонијални модели 

Да ја согледаме, ако смееме, последната епизода на апликацијата на блиско-источните колонијални модели врз нашите глави. Еден од клучните, ако не и носечкиот столб на изградбата на Модерен Блиски Исток беше доктрината на наметнување на привилегирана каста за владеење среде мнозинството. Пракса започната со инсталацијата на кланот Вахаби во Саудијска Арабија, како најсоработлив, иако не и најброен од взаемно антагонизираните кланови во борба за престол. Во соседен Ирак, сунитот Садам Хусеин ќе владее врз шиитското мнозинствно. Во Сирија, Алавитите преку Хафез ел Садат ќе обезбедат несоборлива доминација која низ сите војни ќе продолжи да владее до ден денешен. Во Египет, економското влијание на Коптите беше во паритет со улогата на армијата. Во Турција, доминацијата на приморјето и балканските доселеници беше непредизвикано се до подемот на Ердоган и заживувањето на Анадолија. 

За будалите и предавниците

Некои скорешни искуства со стратегиите на САД и ЕУ во изградбата на модерен Западен Балкан сѐ повеќе се со ароматичен шмек на веќе видени сценарија од модерниот Блиски Исток, како во делегирањето на моќта така и во обезбедувањето на „умерени политичари”, тој нов еуфемизам за колонијална послушност и неказнивост. Според таа стратегија, босанското мнозинство во Босна е ставено во подредена состојба карши Србите и Хрватите, Црногорците во Црна гора се речиси збришани од Србите, во самата Србија, Србите се под доминација на краишко-херцеговските доселеници, во Косово на Србите им се овозможува она што на никој друг не му се дозволува ни да го изустат, во Албанија подемот на Власите и Грците е пропорционално супериорен во однос на Албанците, а во Македонија Македонците се де-јуре мнозинство, но де-факто малцинство карши втората по бројност етничка албанска заедница. Е тоа, пријатели и непријатели, Западот сака да го илустрира како „граѓански концепт базиран врз индивидуални, а не етно-националистички карактеристики”. Глупости. Токму наметнатиот концепт е триумф на не-граѓанскиот, кланистички и колонијален пристап во кој под плаштот на „борба против национализмот” се протнува колонијалната матрица на манипулација преку фаворизирање на вештачки проектирано „квалитетно прогресивно малцинство” и смислена комедизација и кловнизација на националните наративи. А што лошо може да се изнедри од тоа? 

Балканска „пролет“ 

Ништо, сем некоја Балканска верзија на крвава Арапска пролет, засега во повој, но сѐ погласна, понезадоволна и крајно неуверена во успехот на франкенштајнизираниот Модерен Западен Балкан. Корупцијата на политиката со вештачки проектирани „граѓански прогресивци”, кловнизацијата на националните прашања неминовно ги бутка општествата, етничките заедници, народите да закинатите автентични претставништва ги бараат во други вокабулари и низ други оски на зближување и динамична кохезија. Која на крај ќе ја најдат во прегратките на религијата – Албанците, Бошњаците доскора во Исламот, а православните народи во Православието. 

Од оние кои во Македонија граѓанскиот концепт му го имаат доверено првично на еден Зоран Заев, а сега на Али Ахмети, од оние кои во име на промена кон подобро го заменија државникот Мило Ѓукановиќ со Дритан Абазовиќ шарлатанот, од оние кои не можеа да се помират со Бакир Изетбеговиќ, но сосема комотно соработуваат со Мирослав Додик, од оние кои полесно го предадоа Зоран Ѓинѓиќ во смрт отколку Александар Вучиќ во опозиција, од оние кои во Еди Рама гледаат модел на „добро владеење”, а во Сали Бериша црна чума путинистичка, од оние кои да можат би го убиле Албин Курти единствениот радикал среде екстремисти и корумпирани „умеренисти”, не може да очекувате да изродат и обезбедат поинакво сценарио на крајот на големиот експеримент на Модерен Западен Балкан од крваво крешендо. Во кој повторно вината ќе биде на пациентите ставени во лудачки кошули на перпетуелни виновници, неспособни да ја надминат сопствената „примитивност”.  

*Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми