Комеморација за Кочани: Повик за вистина и правда
12 март 2026
Во Собранието денес се одржа комеморативна седница посветена на жртвите од трагедијата во Кочани, во која минатата година загинаа 63 млади луѓе.„Во тој пожар изгоре и дел од нашата душа“, беше истакнато на седницата, на која доминираа тагата, солидарноста и повикот за правичност.
Комеморативната седница почна со едноминутно молчење во знак на почит за споменот на 63-цата загинати во Кочани. На седницата, покрај пратениците, присуствуваа претседателката на државата Гордана Силјаноска Давкова, премиерот Христијан Мицкоски, семејствата на трагично починатите во пожарот во дискотеката „Пулс“...
„Некои ноќи завршуваат рутински, а некои оставаат трајни спомени. Но постојат и ноќи што никогаш не завршуваат. Таква беше трагичната ноќ во Кочани, која започна со забава, со млади луѓе што славеа, со насмевки и пријателства, а заврши со плач, рани и болка. Тоа утро, на 16 март, Македонија не изгуби само синови и ќерки, туку и дел од својата иднина“, порача претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Според него, „солзите на мајките, на родителите, на семејствата и на граѓаните зборуваа погласно од секоја политичка изјава“. Комеморативната седница, како што беше подвлечено, не претставува само институционална форма, туку чин на заедничко поклонување пред загубените животи и пред семејствата што ја носат најголемата тежина. На нив, Гаши им порача дека не се сами.
Повикување на правда и професионализам во истрагата
Говорејќи за одговорноста, претседателот на Собранието, Африм Гаши, истакна дека трагедиите не смеат да бидат поле на раздор: „Овие настани бараат солидарност, хуманост и сплотеност. Одговорноста на институциите е поголема отколку што некогаш ја перцепираме, а правдата мора да биде темел на секој чекор“.
Тој ги повика Јавното обвинителство, судовите, Министерството за внатрешни работи и сите истражни органи да работат професионално, независно и целосно транспарентно. „Правдата не смее да биде ниту пребрза, ниту задоцнета. Само вистината може да донесе мал спокој за семејствата“, рече Гаши.
Споменот на жртвите, истакна тој, мора да живее во секој од нас – во секој родител, во секој млад човек што ги гради своите соништа, во секој професионалец што ја врши својата работа чесно. „Трагедијата од Кочани нека биде последната на нашата земја и водич кон праведна држава со вистинско владеење на правото“, додаде Гаши.
Семејствата на загинатите реагираа дека комеморацијата е задоцнета. Според нив, таа требала многу порано да се одржи.
„Овој чин е многу задоцнет, но важен бидејќи покажува дека трагедијата во ‘Пулс’ не е само семејна болка, туку и институционална одговорност. Затоа очекуваме институциите што поскоро да ја преземат својата одговорност и конечно да има вистинска правда“, изјави Александар Наунов, родител на едно од загинатите деца.
Одбележување на годишнината
Општина Кочани и родителите на загинатите најавија дека во наредните три дена ќе се одржат повеќе настани посветени на одбележувањето нагодишнината од трагедијата. Настаните ќе се реализираат од 14 до 16 март на различни локации во градот.
Владата најави дека на 14 март ќе организира меѓународна конференција под наслов: „Институционални и клинички аспекти и решенија по пожарот во Кочани – една година потоа“. На конференцијата ќе учествуваат 37 лекари и медицински експерти од странство, кои непосредно учествуваа во лекувањето на повредените по трагедијата.