1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Комитска чета наспроти Европски фронт

Димитар Димитров, професор и поранешен министер
Димитар Димитров
1 април 2024

Нема потреба да се нагласува дека комитската чета со Сонцето од Кутлеш, е и антиевропска. Но и сам по себе Европскиот фронт не е тоа за што се самоприкажува. Пишува Димитар Димитров

Во пресрет на претстојните избори ВМРО-ДПМНЕ разви разгранета кампања, усредоточена на Сонцето од Кутлеш. фото:архива Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Насловот посочува противречни споеви, за какви што се ползуваат народни изрази како „вода и оган” или „орел, рак и штука”, а во науката се нарекуваат синкретизам. Во нив деловите не прават плодоносна целина, каков што е, на пример, бракот, туку тие меѓусебно се оспоруваат и,во крајна линија, ја прават целината недолотворна и лажна. Нашата транзиција, од осамостојувањето на државата до денес, претставува уникатен случај на синкретизам, во кој учествуваме како паталци и гаталци, со нашата „уметност на разбирање” (Дилтај) на нас самите и на светот. 

Ниедна од трите водечки партии нема котва во самостојната држава. СДСМ е наследник на СКМ; ДПМНЕ е наследник на ВМРО; ДУИ се преточи од ОНА (УЧК). Сите три се надоврзуваат на револуционерна традиција, што ги прави непријатели; сите три програмски се демократски; сите три споделуваат единствена реална стратегија - власт заради индивидуално и партикуларно присвојување, прво во вид на криминална приватизација, сетне со партизација на државата, како вид на организиран криминал, и со корупција. При тоа, таа заедничка  и не многу легитимна стратегија тие ја покриваат со словесен натпревар како државотворни или патриотски субјекти, борци за човекови права на македонскиот народ, односно на албанскиот народ. ВМРО-ДПМНЕ - со фокус на историјата и географијата; СДСМ - на Европскиот фронт; ДУИ - на комбинација од историјата и Европскиот фронт. Кога ќе се закажат изборите, трите партии засилено почнуваат меѓусебно да се оцрнуваат по она што ги прави еднакво криминална власт, а да ги засилуваат своите посебни наративи, препорачливи за гласачите. Гласачите по правило гласаат против актуелната власт; малите партии, како птици преселници, ја следат истата логика па се селат кај извесните победници, а овие со радост ги прифаќаат! 

Потомците на Александар 

Небаре се прославивме со антиквизацијата, во пресрет на претстојните избори ВМРО-ДПМНЕ разви разгранета кампања, усредоточена на Сонцето од Кутлеш како симбол на македонскиот народ. (Заради автентичност на приказот на партиската позиција, тука го следам ова именување, иако посоодветно е да се каже Сонцето од Еге, каде била изградена некрополата во која тоа е најдено, или Сонцето од Вергина, каде било откриено.) Еден вид фолклорна унија, низ социјалните медиуми пее и игра за Сонцето од Кутлеш, кое свети за да ја открие вистината за македонските корени, за земјата што ни’ е одземена и што ќе си ја вратиме; понекогаш самиот пеач изигрува комита - со реденици со куршуми преку градите, понекогаш тоа се осамени комити или комитска чета во движење, предводена од коњаник кој мавта со развеано знаме со Сонцето од Кутлеш. Спортските навивачи „Комити” ја поцрвенеа трибината на натпревар на „Вардар” со тоа знаме, следејќи го примерот на партиските протести и митинзи со години наназад. 

Каква е вистината што ја открива Сонцето од Кутлеш, пејачите и навивачите ќе видат, ако ги прочитаат „Дневникот” на војводата Васил Чекаларов и мемоарите на костурскиот владика Германос Каравангелис „Македонската борба”. Ползувајќи го терминот Македонија како топоним и етноним, владиката ги убедува луѓето од страната на Чекаларов дека се потомци на Грците од времето на Александат Велики, т.е. на античките Македонци, кои го прифатиле јазикот на Славјаните – „славофони по јазик, Грци по душа”. 

Војводата вака му реплицира на емисар на владиката: “Тоја брат до там се е пог’рчил, штото почна да ни говори една б’лгарска, две г’рцки. Подигнахме в’проса за народността му, тој се пом’чи всјачески да ни докаже, че ние сме г’рци! Като не можа да изложи факти, които му поискахме, почна да развива историјата за великија Александ’р Македонски, че не сме нито г’рци, нито  б’лгари, а сме македонци, без да помисли, че во Македонија има и турци и евреи и от много други нации.Човек, којто не разбира от историја и да почне да ти проповедва со неја, това е много смешно!” (Овој пасус го нема во македонското издание!)

На Чекаларов му е смешна теоријата дека тој и неговите комити биле потомци на Александар; на него му е далеку од умот етноним Македонци изведен од Античките Македонци и дека учествувал во процес на настанување на таков етноним, низ континуитет од војни, започнат имено со Македонската борба - со создавањето нова држава на дел од географска Македонија. 

Комитската чета со Сонцето од Кутлеш, го поставува македонскиот народ врз лажната теза на грчката пропаганда, на која генезата на чекаларовци/делчевци од Античките Македонци и’ требала како мост за нивно погрчување, а не за утврдување во посебен народ. Таков народ грчката наука и политика не признавале. „Ден ипархи (нема) македоникос етнос” беше константа на нивната позиција сѐ до Преспанскиот договор. 

Фронт за узурпација на државата 

Но комитската чета со Сонцето од Кутлеш, пие вода уште од еден извор: од комунистичката историографија и од активноста на УДБа - југословенски/српски заробеници. При осамостојувањето на државата тие толку се инфилтрираа во партијата, што таа треба да се вика ВМРВ-ДПМНЕ-УДБа! Грчкиот македонизам тие го свртеа кон српскиот македонизам, за да ја избегнеме заедничката историја со Бугарија. Апликацијата на ВМРО во името на партијата,  го прикрива и легитимира тој завој. Затоа во амблемот на партијата со години „Лавчето” беше јавнато со Сонцето од Кутлеш; тој симбол се промовира и во државно знаме; нѐ изненади и силна книжевна продукција за Александар и Античките Македонци, кои ни’ дале „територија, култура, име и крв” (Б. Ристовски, Македонија и македонската нација).Тоа е причина, сега, за перманентната пропаганда против договорите со Бугарија и Грција, кои ја најдоа мерата на нашето помирување со географијата, историјата и иднината. 

Нема потреба да се нагласува дека комитската чета со Сонцето од Кутлеш, е и антиевропска. Но и сам по себе Европскиот фронт не е тоа за што се самоприкажува. Реално, тоа е фронт за узурпација на државата и на природните и човечките ресурси. Се збидна парадокс, провоциран од ветото, Владата конструирана за премостување на ветото и за интеграција во ЕУ, да постапува спротивно на секакви европски вредности и скрупули. При овој размин ништо не е тоа што е. Ни претседателот на државата, ни пратениците, ни министрите, ни обвинителите, ни судиите… Во сите се крие човек партиец - сопнат коњ. И персонално, и институционално, и културолошки: сѐ останува под своите надлежности и можности. Притоа, СДСМ има статус на подизведувач на ДУИ во тој криминален/коруптивен проект за разграбување на општото добро. 

ДУИ својот удел во таа криминална практика, слично како ДПМНЕ, го разубавува со развевање на албанското државно знаме, порачувајќи занес кон мотивите на бализмот и на Призренската лига, игнорирајќи ја својата државјанска припадност. Тоа е, се разбира, во спротивност со европската конвенција за правата на малцинствата, а ДУИ, нели, во името ја содржи интеграцијата и е во коалиција со државотворната партија… 

Има ли чаре? Има, ако го сопреме опишаниот неубав континуитет, ако го заборавиме „опавчето” на референдумското прашање за осамостојувањето, ако од сонцето од некрополата се свртиме кон светлината на утринското сонце. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Димитар Димитров Димитар Димитров е пензиониран професор на Филолошкиот факултет во Скопје и поранешен министер.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми