Комплетирање на владиниот тим, а не реконструкција
12 ноември 2025
Лидерите на коалицијата ВЛЕН очекуваат денеска (12.11) да се сретнат со премиерот Христијан Мицкоски за да разговараат за пополнување на позициите прв вицепремиер и министер во ресорот животна среднина, откако нивниот кадар Изет Меџити кој раководеше со двете функции на локалните избори беше избран за градоначалник на Општина Чаир.
Вицепремиерот задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, вчера потврди дека Беким Сали е предложен да го замени Меџити на позицијата прв вицепремиер, но дека треба да се разговара и за нивен предлог за министер во ресорот животна средина.
„Како што знаете, господинот Изет Меџити имаше две функции во Владата, министер за животна средина и заменик-премиер. Ние сметаме дека треба да предложиме едно име плус, министер за животна средина“, изјави Фетаи, изразувајќи очекување со премиерот најдоцна денеска да најдат заедничко решение.
Реконструкција на Владата - комбинации и шпекулации
Минатата недела премиерот Мицкоски рече дека ова не значи оти ВЛЕН ќе има место повеќе во владиниот кабинет. Тоа пак отвори шпекулации дали Беким Сали (кој е поранешен министер за здравство) би можел, исто како и Меџити, да биде на две позиции, со што сите партии во владејачката коалиција ќе останат во рамките на досегашниот кадровски квантум.
Прашан дали очекува да биде опфатен со реконструкција, министерот за здравство, Азир Алиу, деновиве изјави дека ќе треба Владата и премиерот да одлучат за таа реконструкција.
„Јас како министер си терам со моите процеси и обврски сѐ додека сум министер“, изјави во интервју за РСЕ, Азир Алиу.
Извори од коалицијата очекуваат разговорите за пополнување на испразнетите позиции во Владата сепак да се водат и во поширок контекст, со оглед дека премиерот најави реконструкцијата на Владата по локалните избори.
Тоа пак предизвика бројни медиумски шпекулации околу тоа кои ресори би биле опфатени со реконструкција: се спомнуваат образование, правда, внатрешни работи, култура и туризам, земјоделство, економија, европски прашања...
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека „земјата има премиер кој го носи на својот грб најголемиот товар за позитивните промени кои се случуваат и допрва треба да се случат".
„Оттука, полно негово право, заедно со органите на партијата, е да одлучува кого ќе предложи. Секоја негова одлука апсолутно ќе ја испочитувам“, рече Јаневска.
Мицкоски: „Се пополнуваат само испразнетите места, не се прави реконструкција“
„Немојте да верувате на шпекулации“, порача пред неколку дена премиерот Мицкоски, објаснувајќи дека во овој период ќе се зборува само за пополнување на испразнетите места во владиниот кабинет, а не и за реконструкција на Владата.
„Некоректно е да зборуваме за шпекулации. Сѐ уште не сум седнал да размислувам на таа тема (...) Реконструкција како реконструкција нема да значи ништо, ако реконструираме некого и донесеме послаб, како што тоа беше пракса во минатото“, рече премиерот.
Кон крајот на август Мицкоски најави реконструкција на Владата што ќе се реализира по одржувањето на локалните избори, а како причина за тоа го наведе јакнењето на капацитетите.
„Добро знаеме како може уште посилно и похрабро со зголемени потенцијали. Тоа не значи дека луѓето кои ќе се заменат биле лоши или немарни, но на Владата секогаш ѝ треба зголемен капацитет, уште посилно темпо за промените кои ги правиме. А, ние се наоѓаме на патот на промените, на патот на градење на промени и, за првпат после долго време, на градење на заеднички успеси кои ќе донесат подобра иднина и шанса каква што генерации и генерации млади чекаа“, образложи премиерот.
Планови по конгресот на ВМРО-ДПМНЕ
По изборите, Мицкоски прецизираше дека размислувањата за одредени кадровски поместувања ќе се одвиваат паралелно со подготовките за партискиот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ што ќе се одржи во декември.
„Ние сега сме фокусирани на конгресот, на 6-ти декември во Кавадарци, потоа, нормално на формирање на партиската структура - Извршниот комитет, Општинските комитети и другите структури што се во рамките на партијата. И во меѓувреме, додека сето тоа трае, ќе размислуваме за одредени кадровски поместувања во рамките на Владата", најави премиерот.
Неофицијално, според партиски извори, во периодот по конгресот ќе се размислува и разговара за одредени промени во Владата, но и дека не се исклучени опции за кадровски рокади - дел од актуелните министри да застанат на чело на други ресори.