Пензии во Германија - постигнат е договор за реформа
28 ноември 2025
По преговори кои траеја до доцна во ноќта, раководствата на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) и Социјалдемократската партија (СПД) успеаја да постигнат компромис за пензиите.
Младата Унија против пензиските планови по 2031 година
Останува прашањето дали овој договор е доволен за да се надмине отпорот на Младата Унија (подмладокот на ЦДУ, н.з.) против пензиските планови.
Зашто коалицијата засега сака да се држи до предлог-законот за пензискиот пакет, кој треба уште оваа година да помине низ Бундестагот и Бундесратот. „Постигнатите договори важат“, нагласи сојузниот министер за финансии Ларс Клингбајл. За него и неговата СПД особено е важно што „заштитната линија стои.“
Основна пензиска реформа во наредната година
Планирано е пензиското ниво да се задржи на 48 проценти до 2031 година. На тоа Младата Унија (ЈУ) не се спротивстави, но се спротивстави на планот пензиското ниво и по 2031 да остане повисоко отколку што тоа го бара законската рамка. Членовите на ЈУ предупредија на милијардски трошоци што би произлегле од тоа. Со своите 18 пратеници во Бундестагот, ЈУ би можела да ја урне црно-црвената мнозинска поддршка за пензискиот пакет.
За да им излезе во пресрет, коалициската комисија се согласи на придружен текст кон планираниот пензиски закон. Со него, како што јавува АРД, се гарантира основна пензиска реформа во наредната година, или, како што вели канцеларот Фридрих Мерц, „сеопфатна реформа на целиот систем за старосно осигурување на Сојузна Република Германија“.
Со тоа како ќе изгледа оваа реформа треба да се занимава комисија за пензиите, која ќе биде формирана уште оваа година и која до крајот на вториот квартал 2026 треба да поднесе предлози.
Оваа комисија – составена од членови на Унијата (ЦДУ и ЦСУ) и СПД, како и експерти – нема да биде „смоквин лист“, увери лидерот на ЦСУ, Маркус Зедер: „Нема да има забрани за размислување, нема табуа.“
Во втората половина од наредната година реформата треба да тргне и на „политички пат“, рече Мерц. Реформата ќе биде „голем напор“, но неопходен, „зашто знаеме дека мора да го решиме големиот застој на реформи што се натрупал во последните години“. А владината коалиција е „решена“ да најде решенија за тоа, уверува канцеларот.
Цел: Финансирање за трајно стабилно пензиско ниво
Во придружниот текст коалицијата најавува неколку точки со кои сака да ѝ излезе во пресрет на Младата Унија. Целта е да се најдат начини како трајно да се финансира стабилно пензиско ниво, стои во текстот.
За да се надмине спорот околу т.н. заштитна линија за пензиското ниво по 2031 година, треба да се развие т.н. фактор на одржливост. Тој фактор го зема предвид сè поголемиот број постари лица на начин што трошоците не би излегле од контрола. Стапките на придонеси треба да останат стабилни во наредните десет години.
Покрај тоа, треба да се воведе т.н. фактор на надоместување „за намалување на потребата од изедначување“ што произлегува од заштитната линија кај пензиското ниво.
Можно зголемување на возраста за пензионирање
За најавената реформа ќе се разгледува и можноста за повисока возраст за пензионирање. За коалицискиот партнер СПД тоа досега беше табу-тема.
Исто така, според придружниот текст, комисијата треба да се занимава со прашањето во која мера „други видови приходи“ и „други групи“ би можеле да бидат вклучени во уплатите во законското пензиско осигурување.
Во иднина акцентот треба да биде ставен на приватното осигурување и осигирувањето од работодавецот покрај законската пензија. Со дивидендите од акциски пакет на сојузот во вредност од десет милијарди евра треба да се поддржи изградбата на приватна пензиска заштита кај младата генерација. Канцеларот Мерц во овој контекст најави учеството на сојузот во Телеком, Дојче Пост и Комерцбанк.
Критики од стопанството, од економисти и од Левица
„Сега усвоениот пензиски пакет во иднина ќе принуди на зголемување на даноците“, изјави претседателот на Институтот Ифо, Клеменс Фуст, за Ројтерс. „Компаниите и приватните инвеститори на тоа ќе реагираат со засилено иселување од Германија.“
Претседателот на Сојузното здружение на трговијата на големо, надворешната трговија и услугите (БГА), Дирк Јандура, оценува дека предложениот нацрт на придружниот текст за пензискиот пакет не е доволен. Тој нема доверба во реформата и смета дека редоследот е погрешен.
„Прво мора да заседава пензиската комисија, а потоа може да се усвои конкретен пензиски пакет. Гласањето за сегашниот пензиски пакет треба да се одложи“, нагласува тој. Канцеларот Мерц ја одби одложувањето.