1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ТероризамАвстрија

Концерти на Тејлор Свифт во Виена откажани поради тероризам

Зоран Арбутина | Ројтерс
8 август 2024

Американската поп ѕвезда Тејлор Свифт требаше да одржи три концерти во Виена. Меѓутоа, по апсењето на двајца мажи осомничени дека планирале напад во регионот на Виена, организаторот ги откажа концертите.

концерти Тејлор Свифт Виена
Фотографија: EVA MANHART/APA/picturedesk.com/picture alliance

По апсењето на двајца осомничени терористи, откажани се три концерти на американската поп ѕвезда Тејлор Свифт, кои требаше да се одржат оваа недела во Виена. Одлуката доцна синоќа (7.08) ја соопшти организаторот на концертот, Barracuda music. „Поради потврда од владини претставници за планиран терористички напад на стадионот Ернст-Хапел, немаме друг избор освен да ги откажеме трите планирани настапи од безбедносни причини“, соопшти организаторот. Сите билети автоматски ќе бидат вратени во рок од десет дена.

Австрискиот канцелар Карл Нехамер во средата доцна навечер на платформата Х напиша дека ситуацијата е многу сериозна. „Благодарение на интензивната соработка на нашата полиција и новоформираната ДСН (Дирекција за државна безбедност и разузнавачки служби) со странски служби, заканата е рано откриена, сузбиена и трагедијата е спречена.“

Безбедносните сили во моментов работат со полна пареа на истрагата на случајот. Генералниот директор за јавна безбедност, Франц Руф, денеска за радиото ОРФ изјави дека по апсењето на 19-годишно и 17-годишно лице, конкретната безбедносна закана е минимизирана. „Постои апстрактно загрозување, за што зборувавме уште во октомври минатата година и поради тоа и степенот на предупредување од тероризам е на второ највисоко ниво“, изјави Руф.

Според него, постојат укажувања од странски тајни служби. Во комбинација со сознанијата на австриската ДСН тие довеле до резултати. Уапсениот 19-годишник, според Руф, важи за непосреден главен извршител. Тој е австриски државјанин, а како што јавуваат австриските медиуми и дел од светските агенции, родителите му се по потекло од Северна Македонија.

При претрес во домот на уапсениот 19-годишник во Терниц биле пронајдени повеќе хемиски супстанции и технички средства, изјави Руф. Тие сега се предмет на истрагата. Осомничениот се радикализирал најверојатно на интернет и пред само неколку недели им се заколнал на верност на водачи на терористичката милиција Исламска држава (ИД).

Полиција во австриски Терниц по апсењето на 19-годишно лице осомничено за терористички плановиФотографија: Alex Halada/APA/dpa/picture alliance

Вториот осомничен, кој има 17 години, бил уапсен во Виена и исто така играл улога во подготовките. Руф засега не сака да дава други детали, поради истрагата која што е во тек.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми