1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Конференција во Рим: 850 милијарди за обнова на Украина

ЖА /АРД
11 јули 2025

Во Украина проценуваат дека, по завршувањето на војната, ќе им бидат потребни стотици милијарди евра за обнова на земјата. Германскиот канцелар Мерц изјави дека голем дел од нив треба да ги покрие Русија.

Дел од учесниците на Конференцијата за обнова на Украина која се одржа во Рим, Италија - Володимир Зеленски со сопругата, Урсула фон дер Лајен, Џорџа Мелони, Доналд Туск
Дел од учесниците на Конференцијата за обнова на Украина која се одржа во Рим, ИталијаФотографија: Remo Casilli/REUTERS

Според проценките од Киев,  обновата на Украина ќе чини повеќе од 850 милијарди евра во период од 14 години. „Нашиот концепт предвидува создавање на два фонда“, рече премиерот Денис Шмихал, кој се приклучи на конференцијата за реконструкција во Рим преку видео врска.

Два фонда за обнова

Првиот „Украински фонд“, кој ќе го управува Киев, ќе биде финансиран од конфискувани руски средства во странство во вредност од над 460 милијарди евра. Друг фонд од речиси 400 милијарди евра ќе биде формиран преку приватни инвестиции.

Шмихал ги повика сојузниците да обезбедат дополнителни финансиски средства за покривање на буџетскиот дефицит на Украина во 2026 и 2027 година. „Во мирновременски услови и без производство на оружје, одржувањето на украинската армија чини 50 милијарди евра годишно. Очекуваме дека половина од тоа ќе дојде од Европската Унија“,  нагласи шефот на владата во Киев.

Мерц: „Русија мора да плати за штетата“

И германскиот канцелар  Фридрих Мерц  смета дека Русија мора да плати за штетата што ја предизвика со  нападот врз Украина.  „Ја проценуваме материјалната штета на околу 500 милијарди евра“, рече тој во Рим. „Русија мора да плати за таа штета. Додека тоа не се случи, Русија нема да има пристап до своите замрзнати средства“, објави Мерц.

Државниот имот во вредност од стотици милијарди, претежно лоциран во ЕУ, ќе остане замрзнат. Приходите од него ќе продолжат да се користат за обезбедување  кредит од милијарди долари за Украина, рече Мерц, одговарајќи на барањата на украинскиот претседател  Володимир Зеленски,  на пример, тие пари да се користат директно за Украина.

Германскиот канцелар меѓутоа посочи дека ова може да се промени во иднина, по прекинот на огнот: „ И самите овие средства би можеле да се користат во врска со соодветен договор“, рече Мерц.

Берлин инвестираше милијарди

Околу 60 земји, како и меѓународни организации и приватни компании, учествуваат на дводневниот состанок во Рим. Како мерка за помош на Украина, беше лансиран нов европски фонд за санација на воените штети, во кој се очекува учество на приватниот сектор. Парите првенствено ќе се користат за поправка и изградба на нови енергетски постројки, но и за индустриски постројки и дигитални бази на податоци.

Од почетокот на војната во февруари 2022 година, Германија ѝ обезбеди на Украина приближно 34 милијарди евра директна цивилна и приближно 38 милијарди евра воена поддршка. На тоа треба да се додаде и германскиот дел од помошта во рамките на Европската Унија.

Германија купува за Украина системи за воздушна одбрана „Патриот“ од САД

Западот, исто така, сака да продолжи  да ја поддржува Украина со оружје.  Германската влада сака да купи системи за воздушна одбрана „Патриот“ од САД, со цел да ги стави на располагање на Украина. „Разговарав за тоа со претседателот Трамп  минатиот четврток и го замолив да ги испорача тие системи“, рече Мерц на конференција во Рим. Сепак, тој не кажа колку од овие системи за воздушна одбрана  Германија има намера да купи. Според некои извештаи, за почеток станува збор за два система.

Исто така, Европската Унија сака да ги продолжи санкциите за  да го зголеми притисокот врз Русија да седне на преговарачка маса.  Во моментов се подготвува уште еден пакет казнени мерки - веќе е 18-ти по ред.

Убиени стотици цивили

Во меѓувреме,  масовните руски напади во Украина продолжуваат  со несмалена сила. Непосредно пред почетокот на конференцијата во Рим, Украина беше нападната со околу 400 руски беспилотни летала и 18 ракети. А ноќта пред тоа,  Русија изврши масовни напади врз Украина.

Според ОН, во јуни биле убиени повеќе луѓе отколку во кое било време во текот на трите години од војната. Само во тој месец, биле убиени најмалку 232 цивили, а 1.343 биле ранети, според Мисијата за следење на човековите права на ОН. „Цивилите во Украина доживуваат ниво на страдање какво што не сме виделе повеќе од три години“, изјави шефот на мисијата на ОН, Даниел Бел.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми