1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Конференција за обнова или самит за итна помош за Украина

11 јуни 2024

Русија со бомби и ракети уништува електрани и топлани во Украина. Пред конференцијата за реконструкција во Берлин, приоритет на Киев е итна поправка на уништената инфраструктура.

Украина
Руски ракетен напад врз ХарковФотографија: Andrii Marienko/AP Photo/picture alliance

Нападот на украинската продавница за градежни материјали, лоцирана во станбена област во Харков на крајот на мај, има цинична симболика: Русија на самиот почеток ја задушува секоја надеж за реконструкција. Украинското Министерство за надворешни работи на платформата Х објави слики од уништена продавница за градежен материјал, каде домашните занаетчии се снабдувале со материјали за реконструкција на оштетените станови и помали производствени капацитети.

Сепак, германската влада сè уште се обидува да му даде надеж за обнова на украинскиот народ. Од минатата година, преговарачите во Берлин и Киев ја подготвуваат „Конференцијата за обнова на Украина 2024 година“. што ќе се одржи на 11 и 12 јуни во главниот град на Германија. Се очекува пристигнување на најмалку 1.500 гости од земјите донатори и од Украина.

Сепак, масовното бомбардирање на цивилна инфраструктура, електрани и топлани одруски лизгачки бомби од почетокот на март го зголемува јазот меѓу целите на конференцијата во Германија и она што и е потребно на Украина како итна помош. 

Итна помош за украинската енергетска инфраструктура 

Во моментов Украина може само да „реагира на уништување“ , вели економскиот експерт Роберт Кирхнер во интервју за ДВ. Тој 15 години работи со консултантската агенција Берлин Економикс Кирхнер, меѓу другото по налог на германската влада. Кирхнер е најпознатиот германски економски советник за Украина.

„Она што треба да го направиме сега е да ја поддржиме Украина во одржувањето на снабдувањето со енергија, критичната инфраструктура и во исто време да обезбедиме економијата да функционира колку што е можно повеќе“, вели Кирхнер. Притоа, енергетскиот сектор мора да биде ставен во фокус.

Русија во моментов уништила 90 отсто од „фосилните капацитети за производство на струја“ на енергетската компанија ДЕТЕК, објави неодамна компанијата на украинскиот мултимилијардер Ринат Ахметов. Електраните на ДЕТЕК покриваат 40 отсто од снабдувањето со електрична енергија во Украина. 

Концептуалната подготвителна работа за широка, сеопфатна реконструкција треба да започне сега“ - смета германскиот советник за Украина Роберт КирхнерФотографија: Berlin Economics

Украина мора да постави приоритети во снабдувањето со електрична енергија 

Во исто време, продолжуваат руските напади со лизгачки бомби и беспилотни летала во Украина. Непосредно пред рускиот напад на продавница за градежни материјали во Харков со најмалку 14 мртви, украинскиот претседател Володимир Зеленски одржа состанок во градот „за да се подготви снабдувањето со електрична енергија во периодот есен-зима“.

Украина мора повторно да дистрибуира струја, по краткиот период на нормализација на крајот на 2023 година. Повторно се работи за одлучување кој и кога ќе добие струја, а кога не. „Критичната инфраструктура, болниците, погоните во воената индустрија и претпријатијата кои се занимаваат со задачи за мобилизација ќе бидат снабдени со електрична енергија како приоритет“, изјави украинскиот премиер Денис Шмихал по состанокот во Харков. 

Катастрофална перспектива за зимата 

Украинскиот експерт Кирхнер стравува дека дотогаш ќе биде тешко да се поправи уништената топлинска инфраструктура. Тој посочува дека во тоа голема улога играат централните топлани во големите украински градови од времето пред осамостојувањето од Советскиот Сојуз.

„Веројатно ќе имаме проблем со греењето во текот на зимата, бидејќи и тоа е уништено во значителна мера“, вели Кирхнер. „Ние не го забележуваме тоа сега, бидејќи тоа не е проблем во лето. Сепак, може да стане огромен проблем во зима. А, ако не се реши, тогаш би можеле да имаме нов бран бегалци“.

Веќе за време на последната руска офанзива североисточно од Харков, повеќе од 11.000 Украинци мораа да побегнат за да си ги спасат животите. Сателитските снимки покажуваат десетици трупови во селата кои неодамна беа заробени од руски војници.

„Подобро е да не ни размислуваме што ќе се случи кога ќе се урне канализациониот систем во голем град. Треба сега да се подготват планови за вонредни состојби“, вели економскиот и енергетски експерт Кирхнер пред конференцијата за обнова на Украина во Берлин. 

„Иницијатива за професионална работна сила“ 

Германските организатори всушност се надеваа дека во текот на двата дена во Берлин ќе постават големи насоки за обнова на Украина по завршувањето на војната. Под насловот „Човечки димензии“ треба да се разговара за „социјално подобрување и човечки капитал за иднината на Украина“.

Исто така, прашањето како да се мобилизира приватниот капитал за реконструкција е високо на агендата на германската министерка за развој Свења Шулце, чие Министерство ја организира конференцијата заедно со германското Министерство за надворешни работи. Шулце се залага за „инцијатива за меѓународна квалификувана работна сила за Украина“. Таа тоа јасно го кажа на крајот на април во Берлин. 

Нема одговор на германската иницијатива 

Исто така, за време на подготвителната конференција за обука на Украинците во Берлин, украинскиот амбасадор Олексеј Макеев итно побара од 50-те земји донатори, на чело со САД, поголема помош во воздушната одбрана. На неговата земја и се потребни „најмалку седум нови системи Патриот“, рече Макеев.

Инфраструктурата, која беше успешно заштитена со системи за противвоздушна одбрана од Запад, не треба да се обновува. Сепак, таму со месеци има застој меѓу Киев и западните земји донатори.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок и министерот за одбрана Борис Писториус заеднички апелираа до партнерите во НАТО да испратат повеќе системи за воздушна одбрана во Украина за да ги заштитат големите градови како Харков. Германија го презеде водството во барањето за испорака на дополнителен противракетен систем Патриот на Украина. 

Трошоците за реновирање секојдневно се зголемуваат 

Непосредно пред рускиот напад на станбена зона во Харков и продавница за градежен материјал, германскиот министер за одбрана Писториус покажа речиси беспомошност на оваа тема. На маргините на неговата посета на членката на НАТО - Летонија, која граничи со Русија, еден новинар го праша зошто другите земји од ЕУ уште се двоумат да и помогнат на Украина со повеќе системи за противвоздушна одбрана. „Незнам“, рече Писториус, „незнам зошто се двоумат“.

Меѓутоа на 27 мај, 24 од 32 членки на НАТО дадоа изјава на состанокот во Софија на кој се обврзаа да „ја поддржат Украина со сите можни средства во име на демократијата“. Тоа значи дека 24 земји од НАТО имаат намера повеќе да не се противат на употребата на западно оружје против легитимни воени цели во Русија. 

Технологијата ѝ помага на Украина во војната против Русија

00:59

This browser does not support the video element.

„Време е да се размислува за укинување на ограничувањата за употреба на оружје од Запад на воени цели во Русија“, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг. „Главната цел на НАТО не е да води војна, туку да ја спречи“, рече тој за време на отворањето на парламентарното собрание на НАТО во Софија.

Британските претставници во Софија посочија дека „нема смисла да не се користат ракети против Русија, додека таа го напаѓа Киев“. „Мораме да признаеме дека Украина моментално ја губи војната. Веќе не можеме да ѝ кажеме да не истрелува проектили кон Русија, додека руските сили ги истрелуваат своите проектили кон Киев“, изјави британски претставник за бугарската новинска агенција БТА. .

Така, големата конференција за обнова на Украина во јуни веројатно ќе биде во сенка на главното прашање: „Како Украина може успешно да се одбрани од руските воздушни напади?“. За економистот Роберт Кирхнер едно е јасно: „Нападите продолжуваат, уништувањето продолжува. Тоа значи дека трошоците за реконструкција се повисоки, се зголемуваат секој момент, дури и сега досека зборуваме за тоа“.       

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми