1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Конфискуваниот имот на Сашо Мијалков на лицитација

ДТЗ
4 јули 2023

Покрај за имотите на Мијалков од случајот „Империја“, се очекува конфискација и за „Трансмет“ и Бачило“ на Иснифарис Џемаили, случаи кои веќе подолго време се заглавени во лавиринтите на институциите

Сашо Мијалков
Конфискуваниот имот на Сашо Мијалков на лицитација Фотографија: P.Stojanovski/DW

Конфискуваниот имот на поранешниот шеф на тајната служба, Сашо Мијалков во судскиот предмет „Империја“  наскоро ќе биде ставен на лицитација. Јавното електронско наддавање ќе биде направено согласно законот и во согласност со Владата, најави директорот на Агенцијата за управување со одземен имот, Дритон Небиу. Извршување во скоро време се очекува и за актуелните случаи за конфискација за кои има судски пресуди - случајот „Труст“ или „Трансмет“ и случајот „Бачило“. Со тоа се очекува да се конфискуваат поголем број имоти по изречени судски пресуди, процес кој веќе подолго време е заглавен во лавиринтите на институциите

„За неколкуте актуелни случаи за конфискација веднаш преземав иницијативи со дадена поддршка и соработка од министерот за правда, Кренар Лога, за нивно обелоденување и што поскоро извршување. Станува збор за случаите „Империја” во врска со имотот на Сашо Мијалков, за „Труст“ или познат меѓу народот како „Трансмет“ и за ,,Бачило”,  познат како случај со Иснифарис Џемаили“, информираше Небиу во отчетот за 100 дена од преземањето на функцијата.

Кој имот ќе оди на лицитација? 

Една година откако поранешниот шеф на тајната служба, Сашо Мијалков и бизнисменот Јордан Камчев признаа вина и се спогодија со Обвинителството за случајот „Империја“, има најава дека запленетиот имот ќе оди на продажба. Со спогодбата, Мијалков беше осуден на 3 години затвор и да исплати 6,1 милиони евра во кеш за уделот во хотелот Мериот. Со конфискацијата е опфатен имот вреден 15 милиони евра. 

Обвинителството лани го замрзна имотот на поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков, односно уделите во познатиот скопски хотел Мериот, како и апартмани и гаражи во Скопје со површина од над 800 квадратни метри.  

Во април 2022 година и бизнисменот Орце Камчев потпиша спогодба и призна вина за случајот „Империја“, со што беше осуден на  една година затвор. Камчев во државниот буџет врати над 5,2 милиони евра.  

Покрај за имотите од случајот „Империја“, се очекува конфискација и за „Трансмет“ и Бачило“ на Иснифарис Џемаили, случаи кои веќе подолго време се заглавени во лавиринтите на институциитеФотографија: picture alliance/imageBROKER

На списокот се наоѓаат 33 имот меѓу кои шума во Горно Курилово на Водно од 650 метри квадратни и градежна парцела од речиси 4 илјади метри квадратни. Потоа земјиште во место Џибарица на Кожув и илјадници метри квадратни земјоделско земјиште во близина на Богданци. На Мијалков му беа одземени два стана во Охрид, како и градежно земјиште и апартмани во центарот на Скопје. 

Случајот „Империја“ беше отворена во 2018 од страна на поранешното СЈО за злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело. Покрај Камчев и Мијалков како првоосомничени, во истрагата беа опфатени уште 11 други лица. 

Заглавени конфискации 

Државата се уште не може да го конфискува имотот на бизнисменот Сеад Кочан, иако пресудата за „Труст“ стана правосилна уште пред четири години. Со пресудата за Труст против Кочан во 2018 година,треба да му се конфискува имот во вредност од 17 милиони евра за да се обештети државата поради наместен тендер во РЕК Битола во 2011 година. 

Што се однесува до случајот „Бачило“, кој што е со постар датум, на Иснифарис Џемаили треба да му бидат конфискувани десет стана во вкупна површина од 910 метри квадратни и деловен простор со површина од 62 метри квадратни во Скопје, откако по долги години Владата започна постапка за одземање на нелегално стекнатите имоти. 

Законски измени 

Министерството за правда изготви предлог закон  со кој се изнајдени решенија за  извршувањето на неспроведливите конфискации и за менаџирање со одземениот имот. Со предложените измени се зајакнува  улогата и се зголемува одговорноста на Управниот одбор на Агенцијата, се унапредуваат  начините на продажба на конфискуваниот имот преку предвидување на дополнителни начини за продажба, се воведува  можноста за првенствено купување на сосопствениците на одземените или конфискувани предмети кои што се во сосопственост.

Најголемиот дел од направените измени се во насока на подобрување на постојната правна рамка во која  има недоволно јасни постапки во однос на извршувањето на решенијата и пресудите за конфискација на имот и имотна корист, промени на недоволно јасните аспекти поврзани со имот кој е конфискуван од правни субјекти, а над кои е отворена стечајна постапка, конфискација на дивоградбите, прашања поврзани со заложно право над конфискуваниот имот и слично. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми