Конфликт околу Гренланд: Трамп беснее, Мерц смирува
20 јануари 2026
Односите меѓу Европската унија и Соединетите Американски Држави влегоа во сериозна криза, откако американскиот претседател Доналд Трамп се закани со високи царини доколку Европејците се спротивстават на неговите планови за Гренланд. Трамп најави дека царините би можеле да достигнат 10 отсто од февруари, а од јуни и до 25 проценти – мерки што се однесуваат на Германија и уште седум земји членки на ЕУ и НАТО кои испратија војници во извидувачка мисија на Гренланд. Бундесверот во меѓувреме ја заврши мисијата.
Во Париз, Лондон и Берлин викендов се зборуваше за „уцена“, а европските лидери нагласија дека е време за единствен, цврст и одлучен одговор кон Вашингтон. За разлика од претходно, тоновите на реакциите беа значително поостри.
Берлин внимателен, но под растечки притисок
Политичкиот врв во Берлин реагираше воздржано. Канцеларот Фридрих Мерц ја информираше владата, но без детали за јавноста. На германската јавна телевизија АРД, министерот за надворешни работи Јохан Вадефул изненадувачки порача дека „нема сомнеж оти САД стојат зад НАТО и одбраната на Европа“.
Ова беше особено значајно, бидејќи заканите на Трамп – меѓу кои и можната употреба на воена сила – директно ја засегаат Данска, НАТО-сојузничка на САД, во чиј состав се наоѓа Гренланд. Сепак, Вадефул додаде дека Европа мора да покаже политичка и економска сила, иако не прецизира како.
Остра критика на Зелените против владата
Опозициските Зелени ја критикуваа владата дека не реагира соодветно. Лидерката на нивната пратеничка група, Катарина Дреге, оцени дека Трамп отворено демонстрира непочитување на меѓународното право. Таа додаде дека, според неа, Христијанско-демократската унија (ЦДУ) сè уште нема јасен курс во овој спор.
По критиките, и самата позиција на канцеларот стана поостра. Мерц јавно се спротивстави на царините, предупредувајќи дека тие носат ризик од ескалација и дека најпрво ќе ги погодат американските потрошувачи, но и европската, особено германската економија. Повторно повика на смиреност и избегнување дополнително заострување со Вашингтон.
Солидарност со Данска и Гренланд
Канцеларот повтори дека Германија останува солидарна со Данска и со жителите на Гренланд, кои се под интензивен притисок. Тој најави дека во среда, на Светскиот економски форум во Давос, ќе се обиде да разговара директно со Трамп. Иако не сака нови царини, Мерц истакна дека ЕУ, доколку биде приморана, е подготвена да одговори со реципрочни мерки.
ЕУ веќе ги разгледува контрамерките
Во Европскиот парламент оваа недела треба да се гласа за царинскиот договор меѓу ЕУ и САД, постигнат пред неколку месеци. Според него, САД би добиле исклучително поволни услови, вклучително и 15 отсто царини на голем дел од европските производи, додека Европа би ги укинала царините за американските индустриски производи. По најновите закани од Вашингтон, изгледите за усвојување на договорот се драматично намалени.
„Не дозволуваме уцени“ – остар тон од Берлин и Париз
Вицеканцеларот и министер за финансии Ларс Клингбајл го зајакна тонот, оценувајќи дека Европа е изложена на постојани провокации од Трамп. По средбата со францускиот министер Роланд Лекир во Берлин, порача: „Не дозволуваме да нè уценуваат.“ Спорот околу Гренланд, според него, е само последен во низата тензии.
Скепса околу американскиот „Одбор за мир“
Темите Трамп и Гренланд доминираа и на владината прес-конференција во Берлин. Портпаролот на канцеларот, Штефан Корнелиус, избегнуваше дополнителни заострувања. Тој воздржано се осврна и на поканата од Вашингтон Германија да учествува во новиот „Одбор за мир“, кој многумина го гледаат како обид да се поткопаат Обединетите нации.
Одборот, со кој лично би претседавал Трамп, би се финансирал со влезна уплата од една милијарда долари за тригодишен мандат. Првично предвиден за гаснење на конфликтот во Појасот Газа, тој подоцна би се занимавал и со други глобални кризни жаришта.
Германија: ОН се центарот на глобалното управување со кризи
Владиниот портпарол изјави дека поканата е примена со благодарност, но не откри дали Германија ќе учествува. На прашањето дали ОН се загрозени, Корнелиус одговори дека германската влада не го дели тој страв. Според него, Обединетите нации и натаму се „централниот мултилатерален рамковен систем за справување со меѓународни кризи“, базиран на принципот на суверена еднаквост – принцип што директно се коси со актуелната американска политика.