Ормуски Теснец: Трамп го паузира „Проектот Слобода“
6 мај 2026
Претседателот Доналд Трамп најави дека ќе ја паузира мисијата на САДза да обезбеди безбеден премин на бродовите низ Ормускиот теснец. „Проектот Слобода“ ќе биде суспендиран „за кратко време“ за да се види дали може да се постигне и потпише договор меѓу САД и Иран за окончување на конфликтот, напиша Трамп на својата социјална мрежа Трут соушал. Тој додаде дека е постигнат „голем напредок“ во тој поглед. Блокадата на САД против бродовите што влегуваат или излегуваат од иранските пристаништа останува целосно на сила, напиша Трамп.
Паузата за „Проектот Слобода“ се спроведува на барање на Пакистан и други земји, а се базира и на „огромните воени успеси“ на САД. Пакистан посредува меѓу Вашингтон и Техеран.
Пауза по еден ден
Американската војска го започна „Проектот Слобода“ во понеделникот и предизвика растечки тензии. Целта, според Трамп, била да им се овозможи на бродовите заглавени поради иранската блокада да го напуштат теснецот, кој е важен за трговијата со нафта и гас. Американската војска на првиот ден од операцијата соопшти дека најмалку шест ирански мали бродови биле нападнати и дека биле одбиени бројни напади со беспилотни летала и ракети, што Техеран го демантираше.
Иранските медиуми претходно известија за ракетни напади врз американски воен брод, како и за предупредувачки истрели во близина на американски разурнувачи - што Вашингтон, исто така, го негираше. Иран ги предупреди САД да не продолжуваат со својата иницијатива. Техеран инсистира на своето барање да го контролира сообраќајот во Ормускиот теснец. Во моментов, во регионот е на сила кревко примирје.