1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиЈемен

САД повторно ги напаѓаат Хутите во Јемен

ЖА
13 јануари 2024

Целта била радарски систем: по првиот бран напади, американските сили повторно ги атакуваа Хутите во Јемен. Се јавува за експлозија во главниот град Сана.

САД повторно нападнаа позиции на Хутите во Јемен
САД повторно нападнаа воени позиции на Хутите во ЈеменФотографија: U.K. MINISTRY OF DEFENSE/Newscom/picture alliance

САД во текот на ноќта повторно нападнаа позиција на бунтовниците Хути, кои се поддржани од Иран, во Јемен. Целта на нападот бил радарски објект на Хутите, соопшти американската војска. „При овој напад беа користени ракети Томахавк. Тоа беше последователна операција на одредена воена цел поврзана со нападите од 12 јануари. Операцијата има за цел да ги спречи Хутите во нападите врз бродови, вклучително и трговските бродови“, се вели во соопштението на американската Централна команда во раните утрински часови за  „серијата напади“ на САД и Велика Британија.  Погодена е најмалку една цел во главниот град Сана.

Проценката на воените акции се` уште е во тек

САД и Велика Британија првично извршија воени напади против Хутите во ноќта спроти петокот, со поддршка на други сојузници. Тоа беше одговор на повторените напади на Хутите врз меѓународни  трговски бродови во Црвеното Море. Сојузниците нападнаа речиси 30 воени локации на Хутите во петокот, изјави генерал-полковник Даглас Симс, кој во Пентагон е одговорен за воените операции. Анализата на ефектот сè уште не е завршена, но според него, способностите на бунтовниците за понатамошни напади се ослабени. Хутите јавија дека во нападите биле убиени пет нивни членови, а уште шестмина се повредени. Нападите го погодија главниот град Сана, како и провинциите Худаида, Таис, Хаџа и Саада. Хутите најавија одмазда и продолжување со нападите врз трговски бродови, наводно поврзани со Израел, во Црвеното Море. Од избувнувањето на војната меѓу Израел и исламистичката терористичка милиција Хамас,  Хутите постојано напаѓаа бродови  со  наводни израелски врски  во Црвеното Море. Бројни големи бродски компании сега ја избегнуваат рутата.

Американската војска и Белата куќа изјавија дека очекуваат можен контранапад од бунтовниците Хути по  воздушните напади на сојузниците.  Американскиот претседател Џо Бајден во петокот повторно посочи дека бунтовниците ќе мора да се подготват за понатамошни потенцијални воени напади доколку продолжат со своето „безобразно однесување“.

САД воведуваат санкции

Во петокот, американската влада воведе дополнителни санкции. Како што соопшти американското Министерство за финансии, мерките се насочени кон четири трговски бродови и две компании со седиште во Хонг Конг и Обединетите Арапски Емирати. САД ги обвинуваат дека им обезбедуваат на Хутите пари од продажба и испорака на иранска стока. „САД продолжуваат да ги таргетираат илегалните ирански финансиски мрежи кои ги финансираат Хутите и ги олеснуваат нивните напади“, соопшти американската влада. „Ќе ги преземеме сите достапни мерки за да ги запреме овие дестабилизирачки активности на Хутите и нивните закани за глобалната трговија“.

САД: „Не бараме конфликт со Иран“

По бомбардирањето, САД уверија дека не сакаат да се движат во правец кон вооружен конфликт со Техеран. „Не бараме конфликт со Иран. Не бараме ескалација“, изјави портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби за телевизијата Ем-Ес-Ен-Би-Си, додавајќи дека „нема причина“ ситуацијата дополнително да ескалира надвор од случувањата во „изминативе неколку дена.“ Иран остро ги осуди нападите врз позициите на Хутите. Портпаролот на Министерството за надворешни работи, Насер Канани, зборуваше за „произволна акција“, „прекршување“ на меѓународното право и кршење на суверенитетот на Јемен.

Масовни протести во Јемен

Во петокот, десетици илјади луѓе излегоа на улиците во јеменскиот главен град Сана за да демонстрираат против нападите на САД, Велика Британија и другите сојузници. Телевизискиот канал Ал-Масира, поврзан со Хутите, прикажа слики од десетици илјади луѓе собрани во главниот град Сана. Гневните демонстранти извикуваа: „Нема да се обесхрабриме. Нека има голема светска војна!“ Сана е под контрола на милицијата Хути. Се вели дека имало и демонстрации во упориштето на бунтовниците, Саада на северот од земјата. Во изминатите неколку недели имаше повеќекратни протести во областите под контрола на  Хутите во Јемен.  Бунтовниците редовно повикуваат на митинзи по петочната молитва.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми