1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Петровска: Нема безбедносни закани за земјата

ДТЗ
20 октомври 2023

Актуелните политички случувања го вклучија алармот - претседателот ќе го свика Советот за безбедност. Министерката за одбрана, Славјанка Петровска вели дека нема реална закана за безбедноста во државата

Совет за безбедност Северна Македонија Стево Пендаровски
Претседателот Стево Пендаровски најави дека ќе го свика Советот за безбедност. Фотографија: DW/P. Stojanovski

Република Северна Македонија во моментов нема лоцирано закани по безбедноста на државата и на граѓаните. Институциите, безбедносно - разузнавачките служби будно ги следат случувањата во Израел и Украина, разменуваат информации и на национално ниво и во рамките на НАТО алијансата и соодветно се подготвуваат доколку е потребно да се реагира. Ова го порача денеска министерката за одбрана, Славјанка Петровска во Охрид каде што имаше средба со припадниците на доброволните противпожарни друштва.

Изјавата следи откако претседателот Стево Пендаровски најави дека наскоро ќе биде свикан Советот за безбедност по повод случувањата на северот на Косово, војната во Украина и конфликтот на Блискиот Исток меѓу Хамас  и Израел.

Нема безбедосни закани

Според министерката за одбрана, секогаш кога започнува нов конфликт низ светот, тој предизвикува одредени проблеми и пореметувања во постојаното функционирање на државите.

„Што поскоро завршат воените дејствија, час поскоро може да се седне на маса и да се разговара за сите проблеми што ги поттикнале конфликтите. Многу од проблемите се тешки, причините за случувањата се проблематични, меѓутоа ништо не е повредно од човечките животи“, вели Петровска.

Оценувајќи ја  безбедносната состојба во земјата и регионот по актуелните воени конфликти во Израел и војната во Украина, министерката вели дека не и` е познато дека на институциите им биле доставени некакви барања за физичка заштита на припадниците на еврејската заедница во земјата и нивните верски објекти.

Координацијата на безбедносните и разузнавачките служби и информациите што се разменуваат, вели таа,  покажуваат дека сега закана нема, независно дали се работи за припадници на една заедница или кон некакви објекти. „Ќе ги следиме случувањата и доколку е потребно и има некаков вид безбедносна закана, секој граѓанин во државата ќе биде соодветно заштитен“, децидна  е Петровска. 

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска вели дека нема реална закана за безбедноста во државатаФотографија: MOD North Macedonia

Платениците како проблем

Претседателот и врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски во интервју за „Клик плус“ на ТВ 21 во четвртокот (19.10) најави дека во наредните седум до десет дена ќе биде свикан Советот за безбедност за состојбите на северот на Косово, војната во Украина и конфликтот во Израел.

„Некои викаат тоа е далеку од нас, меѓутоа ние за жал имаме од сириската војна наваму, луѓе кои се платеници и се борат на една, или на друга страна, а се наши државјани и треба да видиме што со нив, кога ќе се вратат во државава. Колку се покриени од нашите служби, да ги видиме информациите од нашите партнери“, изјави претседателот.

Тој додаде дека поволна околност за земјата е што е членка на НАТО и редовно ги добива брифинзите од таму.

„Знаеме како од прилика ќе се развива состојбата во однос на конфликтот Хамас – Израел, иако во првата фаза не е лесно да се прогнозира“, вели тој.

Претседателот најави дека Северна Македонија во наредните недели, по барање на НАТО ќе го зголеми и својот контингент на Косово. „Досега на Косово имаше околу 4.500 војници, треба да има околу 5.000, и секоја држава во рамки на своите можности го засилува својот контингент. Тоа не е тајна. Ние имаме 64 војници во моментов таму, сакаме да однесеме уште 25, 26 во еден од секторите, коишто ги нарекуваат зони на одговорност на Косово“, вели Пендаровски.

Запрашан на што се должи високата доверба на Армијата кај јавноста, претседателот Пендаровски изјави дека Армијата долги години наназад ужива висока почит кај граѓаните, независно од етничката нивна припадност и тоа се должи веројатно на имиџот кој македонската Армија го изгради од 1992 – та година до денес. Тој посочи дека македонската Армија не се крие во касарните, туку напротив во која било ситуација и непогода, секогаш е со народот и така треба да остане.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми