Конфликтот на Блискиот Исток се проширува
2 март 2026
Конфликтот на Блискиот Исток продолжува да се шири по атентатот врз шефот на иранската држава, ајатолахот Али Хамeнеи. Либанската милиција Хезболах испука неколку ракети кон Израел во текот на ноќта и со тоа, на страната на Техеран, се приклучи во борбата против заколнатиот непријател. Израел одговори со бомбардирање на јужните предградија на Бејрут и други делови на северната соседна земја. Истовремено, израелските воздухопловни сили, според наводите на војската, започнаа нов бран напади во самиот центар на Техеран. Американската војска, според претседателот Доналд Трамп, продолжува со нападите врз Иран.
Ова е прв пат од почетокот на прекинот на огнот меѓу Хезболах и Израел во ноември 2024 година, милиција поддржана од Иран да испука ракети кон Израел. Хезболах како причина го наведе убиството на Хамнеи во израелскиот воздушен напад во Техеран во саботата. Израелската армија соопшти дека пресретнала една ракета, додека другите паднале на отворена површина. „Хезболах сноси целосна одговорност за каква било ескалација“, изјави началникот на израелскиот Генералштаб, Ејал Замир, во текот на ноќта.
Израел предупредува на ескалација
Израелската војска, како одговор, нападнала високи членови на Хезболах во Бејрут, според сопствените тврдења. Друг член на милицијата бил застрелан во јужен Либан. Нападите во Либан ќе продолжат, а „нивниот интензитет ќе се зголеми“, најави командантот Рафи Мило утрово по првиот бран офанзиви. Израел и Хезболах водеа војна до крајот на 2024 година, а оттогаш формално на сила е примирје. Иако милицијата е сериозно ослабена, се верува дека и натаму поседува значајни воени капацитети.
Уште една милиција во Ирак, која е поврзана со Иран, нападнала, како што тврди, база на американски војници во Багдад. Таа наведе дека рано утрината ја нападнала американската база во близина на аеродромот со дрон, објави групата Сараја Аулија ал-Дам. И таа зборува за „одмазда“ за смртта на Хамнеи и „поддршка“ за Иран. Нема официјална потврда од Ирак или од американската војска.
САД и Израел напаѓаат ирански цели од саботата. Само во првите 24 часа, американската војска, според сопствените изјави, нападнала повеќе од 1.000 цели во Исламската Република. Меѓу нив се седиштето на Револуционерната гарда, системите за воздушна одбрана, воени бродови, подморници, комуникациски инсталации, командни центри и позициите со балистички ракети, објави Центком.
Техеран возвраќа со контранапади врз Израел и земјите од Персискиот Залив во кои САД имаат бази. Земјите од регионот ги осудија „неоснованите“ ирански напади врз нивните територијални области. Тие најавија дека ќе ги преземат „сите неопходни мерки“ за да обезбедат безбедност и стабилност, како и заштита на сите граѓани, „вклучувајќи ја и опцијата за одговор на агресија“, соопшти Советот за соработка во Заливот.
Земјите од Заливот ги осудуваат иранските контранапади
Досега, Саудиска Арабија, Катар, Оман, Бахреин, Кувајт и Обединетите Арапски Емирати ги одбија иранските напади, но не возвратија. САД и група арапски земји ги осудија контранападите на Иран во заедничко соопштение. Тоа е „опасна ескалација“ која го крши суверенитетот на повеќе земји и ја загрозува стабилноста на регионот, соопшти американскиот Стејт департмент.
ОАЕ, според сопствените изјави, ја затвориле својата амбасада во Техеран и го повлекле амбасадорот и целиот дипломатски персонал. Нивната војска наведува дека досега соборила, меѓу другото, 152 балистички ракети и 506 беспилотни летала од Иран. Во Бахреин, остатоците од пресретната ракета паднале врз брод и предизвикале пожар во кој загинал еден работник, објави Министерството за внатрешни работи на платформата X.
Германија, Франција и Велика Британија го повикаа Иран да ги запре нападите и го задржаа правото на воени одбранбени мерки. Нападите се „неселективни и непропорционални“, се вели во заедничкото соопштение на канцеларот Фридрих Мерц, претседателот Емануел Макрон и премиерот Кир Стармер.
Британската воздухопловна база Акротири на Кипар беше погодена во текот на ноќта од наводен дрон, потврди Министерството за одбрана во Лондон. Никој не е повреден, а не е познато кој го испукал дронот.
САД и Израел ги продолжуваат нападите
Во меѓувреме САД и Израел продолжуваат да го напаѓаат Иран. На мета се пред сè припадници на државниот и воениот врв. Иранската новинска агенција Тасним ги објави имињата на седуммина убиени генерали. Меѓу нив се Мохамед Ширази, шеф на кабинетот на убиениот Хамнеи, и неговиот заменик Акбар Ебрахимзаде.
„Борбените дејства моментално продолжуваат со полна сила и ќе траат сè додека не се исполнат сите наши цели“, изјави претседателот Трамп. Американската војска, според сопствените тврдења, користи и бомбардери Б‑2 со стелт‑технологија. Тие нападнале особено добро заштитени ирански постројки за балистички ракети со бомби тешки околу 900 килограми, соопшти Центком на Х.
Иран смета дека неговата способност да води војна не е ограничена од американско‑израелските бомбардирања. Децентрализираните одбранбени структури му овозможуваат на Иран да ја продолжува војната онолку долго колку што ќе сака, напиша иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи на Х.