1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Конфликтот помеѓу Израел и Иран и цената на нафтата

Андреас Бекер | Томас Колман
4 октомври 2024

Какво значење има ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток за цената на нафтата и за економиите на Иран и Израел?

илустрација | иран  нафта
Извозот на нафта е важен извор на приход за ИранФотографија: Maksym Yemelyanov/Zoonar/picture alliance

 По ракетните напади на Иран врз Израел, цената на нафтата во средата (2.10) за типот Брент од Северно Море и американската од типот ВТИ се зголеми за повеќе од еден и пол отсто - на 74,74 и 71,04 долари за барел (159 литри). Цените веќе еднаш претходно, во вторникот, беа зголемени за околу 2,5 проценти. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху веќе најави одмазда против Иран, без да наведе детали. Мета може да бидат нафтени постројки во Иран и други стратешки локации, јавува американскиот портал Аксиос, повикувајќи се на претставници на израелските власти. „Иран испорачува околу четири отсто од глобалните количини на нафта. Сега е важно дали Саудиска Арабија ќе го зголеми своето производство, доколку дојде до прекини со снабдувањето од Иран“, пишуваат експертите во анализата на „Капитал економикс“.

Извоз на нафта

Извозот на нафта е важен извор на приходи за Иран. Иако САД повторно воведоа и ги проширија санкциите за нафтената индустрија во земјата, на Иран сепак и натаму му успева да продава нафта во странство, особено во Кина. Во 2023 година, извозот на нафта од Иран изнесувал „повеќе од 35 милијарди долари“, објави министерот за нафта, Џавад Овџи во март годинава. За периодот од јануари до мај 2024 година, аналитичарите специјализирани за енергетскиот сектор пресметаа дополнително зголемување до просечни 1,56 милиони барели (1 барел = 159 литри) продадени на дневна основа. „Зголемувањето на извозот е овозможен со зголемено производство на сурова нафта, поголема побарувачка од Кина и проширување на флотата во сенка“, се вели во извештајот на „Вортекса“ од крајот на јуни 2024 година.

​​Извозот на нафта е важен извор на приходи за Иран (фото: рафинерија во Иран)Фотографија: STR/AFP/Getty Images

Како „флота во сенка“ се означуваат бродови кои шверцуваат нафта и на тој начин избегнуваат санкции. Според американската непрофитна организација Обединети против нуклеарниот Иран (УАНИ), флотата во сенка на Иран опфајќа најмалку 383 бродови.

Иран ја продава својата нафта со попуст од 20 проценти во однос на цените на светскиот пазар, проценува телевизијата Иран Интернешнл со седиште во Лондоон, како противуслуга за ризикот на купувачите да западнат во неволја поради американските санкции. „Кинески рафинерии се главните купувачи на илегалните испораки на нафта од Иран. Потоа посредници стоката ја мешаат со стоки од други земји и конечно во Кина се водат како увоз од Сингапур или други земји на потекло“, се вели во прилогот на телевизијата.

Валута и инфлација

Санкциите се однесуваат не само на нафтената индустрија, туку и на меѓународните платежни трансакции со Иран, поради што имаше драстичен пад на националната валута, ријалот. Денес, Иранците на црниот пазар плаќаат по 580 илјади ријали за еден американски долар. По потпишувањрто на Договорот за стопирање на иранската атомска програма во 2015 година, еден долар вредеше само 32 илјади ријали. Санкциите и лошиот девизен курс ги поскапуваат и производите за секојдневна употреба, меѓу другото и затоа што Иран не е целосно независен во однос на снабдувањето со храна. Стапката на инфлација во моментов изнесува околу 40 проценти.

Банкноти на ријал во рацете на уличен менувач на пари во ТехеранФотографија: Vahid Salemi/AP/picture alliance

Економска моќ

Иако приходите од извозот на нафта се стабилизираа во последниве години, Иран економски погледнато не е тешка категорија, иако со 88 милиони жители има речиси десетпати поголемо население од главниот непријател Израел (девет милиони). Но, економското постигнување во 2023 година, со 403 милијарди долари, беше значително пониско во споредба со 509-те милијарди долари на еврејската држава.

Разликите стануваат уште поевидентни кога ќе се спореди вкупната вредност на сите стоки и услуги произведени во една година, односно брутодомашниот производ (БДП) во однос на бројот на населението. Во Иран, БДП по глава на жител минатата година изнесуваше 4.663 долари, а во Израел 52.219 долари, покажуваат податоците на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Економската состојба за средната класа значително се влоши во последните две децении. „Животниот стандард, поради санкциите, падна на нивото од пред 20 години“, вели Џавад Салехи-Исфахани, професор по економија на американскиот универзитет Вирџинија Тек, во интервју за ДВ.

 

Корупција и недостиг на транспарентност

Многу пари и онака протекуваат во нетранспарентните структури на шиитските владетели во Техеран. Во индексот на Транспаренси интернешнал, кој ја мери перципираната корупција, Иран се наоѓа на 149 место од 180 земји. За споредба, Израел е на 33 место, САД се на 24, а Германија, на пример, е деветта. Особено нетранспарентна е улогата на Револуционерната гарда и на верските фондации, кои контролираат централни делови од економијата. Тие не плаќаат даноци, не мора да поднесуваат биланси и пред сè, се лојални на политичкиот и верски лидер на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи.

Незадоволството на населението

Во Иран народот го избира претседателот на избори, последните се одржаа јули 2024 година, но земјата не е демократија. Од 80-те кандидати, ултра-конзервативниот совет дозволи само шест кандидати да излезат на избори.

Режимот се обидува да си купи социјален мир преку субвенции, на пример за храна и бензин. И покрај сета репресија, се чини дека режимот се плаши од незадоволството на народот. Постојано има протести против политичкото раководство, предизвикани од растечките цени, или обврската жените да носат шамии.

Војна со Израел за Иран би била голем економски товар и би можела да резултира со тоа што владата ќе мора да штеди на други места, што дополнително ќе го зголеми незадоволството во земјата.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми