1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаИзраел

Контроверзната посета на Нетанјаху на Вашингтон

24 јули 2024

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска ќе зборува пред американскиот Конгрес во Вашингтон: среде војната во Газа, придружен со протести во САД и Израел и бојкот на некои демократски политичари.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ќе зборува пред американскиот Конгрес во ВашингтонФотографија: Cohen-Magen/REUTERS

Последниот пат кога израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху зборуваше пред американскиот Конгрес, тој го критикуваше еден од најважните дипломатски проекти на администрацијата на Обама, нуклеарниот договор со Иран - и со тоа ги затегна односите со Белата куќа. Девет години подоцна, Нетанјаху се очекува повторно во Капитол - тој беше поканет од лидерите на двете партии во американскиот парламент. А овој пат околностите се уште понапнати.

Тајмингот не може да биде полош, вели Барбара Славин, новинарка и експерт за Блискиот Исток и Северна Африка во Центарот Стимсон, тинк-тенк во Вашингтон. Едноставно не е вистинското време. „Можеби работите би биле поинакви доколку тој го прифатеше прекинот на огнот во Газа пред неколку месеци и ако започнеше обнова. Вака, тој многу ќе ги налути многу од Американците кои веќе се вознемирени поради настаните на Блискиот Исток.

Многу работи во Вашингтон се поинакви

Но, ниту за Нетанјаху актуелниот момент не е многу поволен. Неговото патување се совпаѓа со одлуката на претседателот Бајден да не се кандидира за реизбор и неговиот предлог да ја испрати својата заменичка, американскиот потпретседател Камала Харис, како демократски кандидат во трката за Белата куќа.

Оваа нова домашна политичка ситуација би можела да го оттргне вниманието од посетата на Нетанјаху. Покрај тоа, неизвесноста околу идниот партнер на Израел во Белата куќа повторно порасна.

Можната демократска кандидатка за претседателските избори, потпретседателката Камала Харис нема да биде во Конгресот за време на говорот на НетанјахуФотографија: Erin Schaff via REUTERS

Актуелниот претседател ќе се сретне со израелскиот премиер дури по планираниот говор на Нетанјаху во двата дома на американскиот Конгрес. На почетокот на неделата Бајден се опоравуваше од своето заболување од корона.

За четврток е планиран и датумот за средба со заменичката на Бајден и евентуална нова кандидатка за претседател на САД, Камала Харис. Таа нема да биде присутна на говорот на Нетанјаху. Харис, која како претседател на Сенатот обично седи зад шефовите на странски држави, ќе биде на долго планираното патување во Индијанаполис.

Наместо Харис, вообичаено на фотелјата седнува највисоката по ранг сенаторка, демократката од Вашингтон, Пети Мареј. Но, Мареј е една од демократските членови на Конгресот која би можела да го бојкотира говорот на Нетанјаху поради критиките за акциите на Израел во Појасот Газа.

Околу посетата на Нетанјаху се најавени и масовни протести на улиците.

Некогаш цврсти сојузници: американскиот претседател Џо Бајден и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во 2023 годинаФотографија: Miriam Alster/UPI Photo/imago images

Нетанјаху: „Вистината за нашата праведна војна“

Во војната на Израел против Хамас, администрацијата на Бајден е критикувана и дома и во странство дека се обидува да најде средина: од една страна, таа го поддржува еден од своите најважни сојузници, Израел. Од друга страна, тоа му овозможува на Нетанјаху да води војна која предизвика сериозна хуманитарна криза и, според Министерството за здравство под контрола на Хамас, остави 39.000 мртви во Појасот Газа. Израел и милитантниот Хамас се во војна откако исламистичката терористичка организација го нападна Израел на 7 октомври 2023 година, убивајќи околу 1.200 Израелци и земајќи 251 заложник, според израелските податоци. Хамас е класифициран како терористичка организација од страна на Израел, САД, Германија, Европската унија и некои арапски држави.

Кога беше поканет да се обрати во Конгресот, Нетанјаху рече дека ќе се обиде да им ја „претстави на претставниците на американскиот народ и на целиот свет вистината за нашата праведна војна против оние кои се обидуваат да нѐ уништат“. 

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху сака „да ја претстави вистината за праведната војна против Хамас“Фотографија: Avi Ohayon/Israel Prime Minister's Office/AP/picture alliance

Нетанјаху не сака само да ја испрати својата порака до Конгресот, вели Џон Алтерман, директор на програмата за Блискиот Исток во Центарот за стратешки и меѓународни студии во Вашингтон. Покрај американската публика, тој првенствено ја има на ум и неговата израелска публика. Многу Израелци се лути околу текот на војната и се загрижени за заложниците. „Тој сака да им покаже дека не ги уништил односите со САД, како што го обвинуваат критичарите. Нетанјаху многу помалку го интересира што мисли Белата куќа."

Односите САД-Израел: Основата се распаѓа

Неколку клучни настани го продлабочија  јазот меѓу владите во Вашингтон и Ерусалим  во последните месеци. На пример,  одбивањето на Белата куќа да испорача одредено оружје  во поглед на израелската офанзива во Рафах, како и одбивањето на Нетанјаху да се согласи на прекин на огнот поддржан од САД.

Пропалестински демонстрации пред Белата куќа во ВашингтонФотографија: Jose Luis Magana/AP/picture alliance

Кога лидерите на Сенатот и на Претставничкиот дом го поканија Нетанјаху, се сомнева Барбара Славин, тие сигурно очекуваа дека општите услови ќе се подобрат - што не е случај. „Очекувањата беа очигледно дека ќе има прекин на огнот на крајот на јули - по девет месеци војна - и плановите за периодот потоа“, објаснува Славин. Тоа не се случи. Десничарската коалиција на Нетанјаху „не само што ја продолжува оваа  грозоморна војна во Газа,  туку и проголтува сè поголеми делови од Западниот Брег, за таму никогаш да не може да настане палестинска држава“.

И тековните  престрелки меѓу Израел и милициите на Хезболах  поддржани од Иран на израелско-либанската граница продолжуваат да ја подгреваат загриженоста на американската влада за проширување на војната.

Нетанјаху игра за време

Џон Алтерман од Центарот за стратешки и меѓународни студии објаснува дека Нетанјаху има и многу практична цел на ум за неговото патување. Тој се бори за својот политички опстанок и сака да ја одложи секоја закана за неговата домашна лидерска улога. Затоа посетата доаѓа непосредно пред тримесечната пауза во парламентот: Кнесетот оди на летен одмор, а потоа и следуваат еврејските празнични одмори. Кнесетот ќе се состане повторно непосредно пред претседателските избори во САД. Многу е тешко да се урне влада кога Кнесетот не заседава, вели Алтерман.

Експертите гледаат индиции дека повеќедецениската цврста основа на американско-израелските односи се лизга уште пред дискусиите околу посетата на Нетанјаху на Вашингтон. Универзитетските протести против војната во Газа некои ги гледаат како предвесник на генерациска и идеолошка промена во перцепциите за Израел.

„Младите луѓе не паметат како храбар мал Израел се борел за своето постоење. Тие знаат само Израел кој убива Палестинци. Затоа не гледаат демократски сојузник, земја со која споделуваме вредности“, објаснува Барбара Славин.  Израел ризикува да изгуби  цела генерација во САД. „Можеби нема да го видиме влијанието веднаш, но за пет, 10 или 20 години."

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми