1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиБлиски Исток

Копнена офанзива во Рафах? Зошто градот е толку важен?

Андреас Нол | Штефани Хепнер
7 мај 2024

Хамас се согласи на постигнување договор со Израел, но барањата на терористичката организација не се реални, критикува Израел. Израелската армија во меѓувреме напредува кон делови од Рафах.

Појасот Газа - бегство од Рафах во Кан Јунис
Појасот Газа - бегство од Рафах во Кан ЈунисФотографија: AFP/Getty Images

Кога ќе започне офанзивата во Рафах?

Од почетокот на февруари во Израел се разговара за можна воена офанзива во Рафах, на југот на Појасот Газа. Израелската војска, откако претходно ги повика  жителите на источниот дел од Рафах да се евакуираат,  сега напредува во правец на Рафах, предизвикувајќи загриженост од воена офанзива со тешки последици. Израелските единици гаѓаат цели на исток од Рафах, за кои тврдат дека се позиции на радикално исламистичкиот Хамас. На тој начин се сака да се зголеми притисокот врз терористичката организација, велат од Израел.

Засегнати се околу 100.000 луѓе. Според наводите на израелската армија, во прашање е „ограничена акција“, која за цел има уништување на Хамас, а се претпоставува дека во градот се чувани и заложниците.

Истовремено, како што објавија агенциите, Хамас се согласил на предлог за прекин на огнот  во војната во Појасот Газа, подготвен од посредувачите Египет и Катар. Но, израелскиот министер за внатрешни работи Бен-Гвир, како што јавуваат израелските медиуми, согласноста на Хамас ја смета само за „трик“. Армијата го повика  цивилното население да се повлече  на 20 километри северно од Рафах, во Ал-Масави, близу до брегот, каде се наоѓа „проширена хуманитарна зона“ со шатори за сместување, монтажни болници и храна. 

Весникот „Волстрит журнал“ пишува дека Израел планира офанзивата да ја води во етапи, а евакуацијата може да трае две до три недели. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху пред извесно време зборуваше за околу шест недели „непрекинати борби“ во рамките на операцијата.

Каква е ситуацијата за луѓето во Рафах?

Повеќе од 80 проценти од населението во Газа се во бегство. Од околу 2,3 милиони жители, до 1,4 милиони  најдоа засолниште во Рафах,  откако израелските сили го окупираа северот на Појасот. Рафах е актуелно најнаселен град во Појасот Газа.

Град преполн со бегалци - камп во близина на РафахФотографија: Bassam Masoud/REUTERS

Бегалските кампови во регионот на Рафах се преполнети и има недостиг од храна, лекови и вода за пиење. „Хуманитарната состојба во Газа е неверојатно лоша“, вели претставник на американската развојна помош УСАИД. На југот на Газа речиси една четвртина од населението страда од катастрофален недостиг на храна.  Особено погодени се децата.

Зошто градот Рафах е толку важен за Израел?

Рафах важи за последно големо упориште на исламистичката терористичка група Хамас, која на 7 октомври минатата година изврши масакр во Израел, кога беа киднапирани 240 лица. Израелските власти сметаат дека до четири од некогашните 24 бригади на Хамас се кријат во Рафах. Нивно сузбивање, од таа гледна точка, е клучен чекор за разбивање на организацијата. Борбената моќ на Хамас, по седум месеци борби со Израел, е заслабната, но терористичката група уште не е воено поразена. Бројот на ракетни напади врз Израел е значително намален, но организацијата и натаму располага со многу ракети и дронови. Аналитичари сметаат дека Израел досега има уништено 70 до 80 проценти од воениот арсенал на Хамас.

Како Израел планира да го заштити цивилното население во Рафах?

Како би се заштитило населението, кое и онака е изложено на енормни страдања, во случај на копнена офанзива во Рафах, е нејасно. Додека сојузниците предупредуваат од катастрофа, портпарол на израелската армија изјави дека снабдувањето на населението со хуманитарна помош во текот на операцијата ќе продолжи. Помошта ќе се довезува по различни рути до Појасот Газа, на пример преку израелското пристаниште Ашод, на 30 километри северно од Појасот Газа.

Голем дел од хуманитарната помош на ОН за Појасот Газа стигнува преку преминот РафахФотографија: Mohammed Salem/REUTERS

САД пак интензивно работат на изградба на  провизорно пристаниште на брегот на северот на Газа, кое, според податоци од американските власти, е речиси готово и треба да олесни за снабдувањето на цивилите со хуманитарна помош.

Какви се реакциите?

Хамас соопшти дека станува збор за „опасна ескалација, која ќе има консеквенции“. Според Израел, Хамас ги подготвил своите луѓе, обезбедувајќи ги со оружје и храна. САД во меѓувреме и натаму инсистираат на мирно решение. Вашингтон со месеци жестоко ги критикува плановите за копнена офанзива во Рафах. И Германија предупреди од можна катастрофа.

Во случај на израелска воена офанзива соседен Египет стравува дека многу луѓе од граничниот град Рафах ќе се префрлат на Синајскиот полуостров. Покрај сѐ, продолжуваат напорите на Катар, Египет и САД како посредувачи за постигнување некаков договор преку преговори. Во египетскиот главен град Каиро денеска (7.05) ќе се одржи состанок на преговарачки тимови. Израел и Хамас од принцип не водат директни преговори.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми