1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаИзраел

Копнена операција во Газа - што значи тоа за киднапираните?

АРД | ДТЗ
31 октомври 2023

Израелските власти најавија почеток на „втората фаза“ од војната против терористите на Хамас, вклучувајќи и операција со тенкови во Појасот Газа. Што ќе значи ова за киднапираните - и преговорите за нивно ослободување?

Сите роднини на киднапираните во Тел Авив
Роднини на киднапираните во Тел АвивФотографија: Ammar Awad/REUTERS

Милитантната исламистичка терористичка организација Хамас изврши масакр во населбите во близина на Појасот Газа во нападот врз Израел на 7 октомври. Убиени се 1.400 луѓе , вклучително и 310 војници. Меѓу жртвите е и германско-израелската државјанка Шани Лук, за која во меѓувреме беше потврдено дека е убиена во Израел за време на терористичкиот напад на музички фестивал. 

Терористите киднапираа и многу луѓе . Колку точно не се знае ниту денес. Според израелските информации, до саботата (28.10.)семејствата на 239 заложници биле известени за киднапирањето на нивните најблиски. Се верува дека бројот на киднапирани би можел да биде поголем. Луѓето се заробени некаде во Појасот Газа , веројатно во некој од подземните тунели и најверојатно во мали групи. По проширувањето на израелските копнени операции во областа, судбината на киднапираните е понеизвесна од кога било. 

Сега е сигурно: Шани Лук е убиена на музички фестивал во близина на Појасот ГазаФотографија: shanukkk/instagram

Кои се заложниците? 

За време на нападот, Хамас очигледно киднапирал луѓе по случаен избор - стари луѓе, деца, сопружници, мажи, жени и млади луѓе. Според израелските информации, најмладиот заложник има девет месеци, а најстариот најверојатно 85 години. Според израелските информации, вкупно 138 киднапирани имаат странско државјанство - од 25 различни земји. Меѓу нив има 54 лица со тајландско државјанство, 15 со аргентинско, 12 со германско, 12 со американско, 6 со француско и 6 со руско државјанство. Се верува дека многу од нив имаат двојно државјанство. Но, за одреден број Тајланѓани и петмина непалски заложници, тоа секако не е случај. Има и еден заложник од Кина, еден од Шри Ланка, двајца од Танзанија и двајца од Филипини.

Зошто има толку многу Тајланѓани меѓу заложниците? 

Според тајландското Министерство за надворешни работи, околу 30.000 Тајланѓани работат во Израел, од кои околу 5.000 се на југот на земјата, во близина на границата со Појасот Газа. Во Израел најмногу работат на полињата во близина на Појасот Газа. Тајланѓаните ја сочинуваат најголемата група мигранти кои работат во Израел.

Што се знае за германските заложници? 

За германските заложници официјално се знае многу малку. Не е познат точниот број на киднапирани Германци или Израелци кои исто така имаат германско државјанство. Израелската влада проценува дека биле киднапирани 12 лица со германски пасоши, додека членовите на семејствата велат дека имало 14. Германското Министерство за надворешни работи зборува за членови од осум семејства, а не се исклучува можноста повеќе членови на некои семејства да биле киднапирани. Од Министерството не прецизираат точен број на луѓе.

Исто така, нема директен контакт со киднапираните. Пред германската амбасада во Тел Авив членовите на семејствата на киднапираните со денови бараат некакви информации за судбината на нивните најблиски. За време на посетата на Тел Авив, канцеларот Олаф Шолц, на средба со членовите на семејството на киднапираните, рече дека владата ќе направи сѐ што може за да ги ослободи заложниците. 

Протестен билборд во Тел Авив со фотографии од киднапиранитеФотографија: Ahmad Gharabli/AFP

Што се знае за состојбата на киднапираните? 

Терористите на Хамас досега ослободија четири лица: мајка и ќерка кои имаат израелско и американско државјанство и две жени од Израел - едната има 79, а другата 85 години. За Хамас, овие ослободувања се очигледно дел од психолошката војна што ја води. Оваа терористичка организација сака да покаже дека е подготвена за преговори. Се разбира, има малку веродостојни информации за тоа каде и под кои услови се држат киднапираните.

Јошевед Лифшиц, една од досега ослободените жени, прва јавно проговори за нејзиното заробеништво. 85-годишната жена рече дека „поминала низ пеколот“. Таа сведочеше за системот на тунели на Хамас, но призна и дека генерално била добро третирана.

Што значат израелските операции во Газа за заложниците? 

Тоа е тешко е да се процени. Роднините на киднапираните стравуваат дека воената операција на терен ги загрозува животите на заложниците. Киднапираните би можеле да ги загубат животите за време на борбите меѓу израелските војници и терористите или затоа што Хамас ги користи како жив штит. Меирав Лешем Гонен, мајка чија ќерка е во заложништво, за радио станицата на израелската армија во саботата изјави: „Не знам ништо за стратегијата, знам нешто за мајчинството - и чувствувам дека ова е војна што веќе ја изгубивме. Како можеме да бидеме сигурни дали ќерка ми и другите заложници ќе се вратат живи дома?“, прашува таа.

Роднините на киднапираните стравуваат дека преговорите за ослободување на киднапираните сега ќе бидат тешки, ако не и невозможни. Тие побараа израелската влада да изврши притисок да ги ослободи сите заложници, пред да започне воена операција против милитантниот исламистички Хамас. 

Роднините на киднапираните бараат одложување на копнената офанзива во Газа и размена на заложнициФотографија: Nir Keidar/Anadolu/picture alliance

Кој преговара, кој посредува? 

Катар и Египет играат важна посредничка улога во преговорите. Според премиерот на Катар, во последно време има одреден напредок. Шеикот Мохамед Бин Абдулрахман ал-Тани во средата рече дека се надева дека ќе има напредок многу брзо. Но, во меѓувреме оптимизам има сѐ помалку. Мајед Ал-Ансари, портпарол на Министерството за надворешни работи на Катар, за американскиот ТВ-канал Си-Ен-Ен изјави дека ескалацијата на теренот сега „значително ја комплицира ситуацијата“. Тој не спомна прекин на преговорите.

Според извештаите на медиумите, Израел претпоставува дека Хамас намерно ги одложил преговорите за ослободување на заложниците за да го одложи почетокот на израелската копнена офанзива. Портпаролот на израелската армија Даниел Хагари зборуваше за „психолошкиот терор“ што го спроведува Хамас. Премиерот Бенјамин Нетанјаху, по разговорот со роднините на киднапираните, рече дека нивното ослободување е „составен“ дел од воените операции и додаде: „Притисокот е клучот за решението. Колку е поголем притисокот, толку се поголеми можностите“. 

Кои се шансите за размена на затвореници? 

Претставниците на роднините повикуваат на размена на затвореници. Израел треба да размисли за ослободување на сите палестински затвореници во замена за заложници. Шефот на терористичката организација Хамас во Појасот Газа, Џихиа ал Синвар, тврди дека се подготвени веднаш да склучат договор за размена на заробеници.

Претставниците на роднините повикуваат на размена на затворенициФотографија: Ahmad Gharabli/AFP

„Ослободувањето на сите затвореници би било голем успех за Хамас“, рече Калил Шикаки, ​​директор на Палестинскиот центар за истражување на политиката и јавното мислење. Според израелската организација за човекови права B'Tselem, има околу 4.500 луѓе. Нетанјаху соопшти дека неговиот воен кабинет разговара за размена на затвореници. Тој не сакаше да даде детали. 

Во врска со ова, се враќаат сеќавањата на случајот со младиот регрут Гилад Шалит, кој беше киднапиран од Хамас во 2006 година. Огромниот јавен притисок доведе не само до бомбардирање на Газа, туку и Израел ослободи повеќе од 1.000 палестински затвореници, од кои многумина беа осудени за смртоносни напади врз Израелците, во замена за ослободување на Шалит. Сега Израел повторно дебатира за етичкото прашање кое гласи: Дали заложниците треба да се ослободат по секоја цена?

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми