1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Коридор 8: Скопје бара со Софија заедничко пробивање тунел

17 октомври 2024

Според ЕК, Бугарија и РСМ се согласиле да работат на координирано техничко решение за изградба на трансграничниот дел од Коридор 8. Според Скопје, мора да има заеднички повик и да се ревидира цената

Коридор 8
Бугарија и РСМ се согласиле да работат на координирано техничко решение за изградба на трансграничниот дел од Коридор 8Фотографија: Elona Elezi/DW

Северна Македонија и Бугарија вчера ја потврдија својата посветеност за продолжување на изградбата на  железничкиот Коридор 8,  соопшти Генералниот директорат на Европската комисија за соседски прашања и преговори за проширување. Иако исходот од средбата беше оценет како „одличен“, според соопштението на македонското Министерство за транспорт по состанокот, проблем останува трасата во тунелот и  високата цена на проектот.

Вчерашната средба со внимание беше очекувана во двете земји. Изградбата на Коридорот 8 претходно го доби епитетот „неизвесно“, откако од македонската Влада изразија скептицизам околу можноста за реализација на дел од него. Образложението беше дека планираната трета делница од пругата кон Бугарија, Крива Паланка - Деве Баир, „завршува на половина тунел, во слепа улица“.

Од Софија пак уверуваа дека работат на проектот и оти тој е вклучен за реализација во тековниот програмски период на Програмата „Транспортно поврзување“ 2021-2027 и дека треба да биде завршен до 2030 година. Од бугарското Министерство за транспорт посочија дека „во моментов приоритетно се разработуваат проектите за делот од станицата Гуешево до влезот на трансграничниот тунел Деве Баир“.

Заеднички да се спроведе проектот

Од македонското Министерство за транспорт во соопштение по состанокот посочуваат дека Владата е силно посветена на изградба на нова железничка мрежа во земјата и дека останува целосно посветена на изградба на источниот дел на железничкиот Коридор 8, што го докажува и континуираниот процес на изградба на првата и втората фаза од пругата на Коридор 8. Но, на тој пат и натаму како пречка го посочуваат проектот кој завршува во тунел, како и фактот дека Бугарија нема проект.

Изградбата на Коридорот 8 претходно го доби епитетот „неизвесно“, откако од македонската Влада изразија скептицизам околу можноста за реализација на дел од негоФотографија: Elona Elezi/DW

„Македонија не се откажува од поврзувањето со пруга кон Бугарија, но не може да се прифати реализација на проект кој што завршува во тунел за кој во Бугарија нема проект, ниту пак има извесност од бугарската страна дека се преземаат активности за железничко пооврзување, беше потенцирано од претставниците на македонската делегација. Единствен услов прифатлив за Македонија за реализација на овој проект е доколку Бугарија започне со проектирање на тунелската цевка и двете земји и Македонија и Бугарија заеднички да извршат пробивање на тунелот со што овој проект би имал смисла и би се остварила целта на регионална интеграција како дел од европската транспортна мрежа“, се наведува во соопштението од македонското Министерство за транспорт.

Оттаму посочуваат дека „мора да има нов повик кој би бил заеднички проект спроведен од Македонија и Бугарија со цел во исто време да се гради пругата, во духот на добрососедството.

„Исто така мора да се ревидира и цената, бидејќи сметаме дека е превисока“, соопштија Министерството.

Притоа објаснуваат дека на состанокот, од страна на претставниците од Бугарија било истакнато дека во овој момент нема проект на кој би работеле на доизградба на железницата до границата со Македонија и изградба на тунел, но изразиле подготвеност да започнат со изработка на проект кој би бил готов во 2026 година.

Да седнеме, да се договориме

Вчерашната средба со внимание беше очекувана во двете земји.  Изградбата на Коридорот 8 претходно го доби епитетот „неизвесно“,  откако од македонската Влада изразија скептицизам околу можноста за реализација на дел од него. Образложението беше исто како и во денешното соопштение - дека планираната трета делница од пругата кон Бугарија, Крива Паланка - Деве Баир, „завршува на половина тунел, во слепа улица“.

Од Софија пак уверуваа дека работат на проектот и оти тој е вклучен за реализација во тековниот програмски период на Програмата

„Транспортно поврзување“ 2021-2027 и дека треба да биде завршен до 2030 година. Од бугарското Министерство за транспорт посочија дека „во моментов приоритетно се разработуваат проектите за делот од станицата Гуешево до влезот на трансграничниот тунел Деве Баир“.

Пред десетина дена премиерот Мицкоски најавувајќи дека претставници од двете земји во Брисел ќе разговараат каква иднина ќе има тој проект, нагласи дека „тој останува наш приоритет и понатаму“.

Во соопштението на ЕК се нагласува дека Коридорот 8 е важна железничка врска за целиот регион и ЕУФотографија: Elona Elezi/DW

Изградбата на тој дел од Коридорот не беше „отпишана“, но под прашање беше ставена неговата изводливост, на што се осврнуваше вицепремиерот и министер за транспрот, Александар Николоски.

„Треба да седнеме со Бугарија, да видиме дали оваа линија е најдобра, да видиме дали има подобра линија. Јас мислам дека има, и заеднички да направиме проект, заеднички да најдеме финансирање и заеднички да го тендерираме“, сугерираше Николоски.

На вчерашната средба на високо ниво во Брисел, на иста маса седнаа претставници од двете земји: бугарскиот заменик министер за транспорт, Бисер Минчев, државниот секретар во македонското Министерството за транспорт, Стефан Волкановски, директорот за железничка инфраструктура во РСМ, Синиша Ивановски, заедно со претставници на Европската Комисија, на Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој и на Секретаријатот на Транспортната заедница.

„Двете страни се договорија да водат редовен дијалог на високо ниво и да формираат заедничка работна група за Коридорот 8. Дополнително, надлежните министерства да работат на изнаоѓање координирано техничко решение за изградба на трансграничниот дел од коридорот. Северна Македонија и Бугарија, исто така, ја поздравуваат поддршката на Координаторот на Европскиот коридор за Западен Балкан - Источен Медитеран и на Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница за напредување на Коридорот 8“, се вели во соопштението на ЕК.

Одлични вести

Генералниот директор на Директоратот на ЕК за соседска политика и проширување, Герт Јан Копман, на платформата Х сподели задоволство од исходот на вчерашната средба.

„Одлични вести: Бугарија и Северна Македонија ја потврдија својата посветеност за изградба на железничкиот Коридор 8 на средба на високо ниво со ЕК. Оваа железница ќе ја зајакне поврзаноста во регионот!“, напиша тој.

Во соопштението на ЕК се нагласува дека  Коридорот 8 е важна железничка врска  за целиот регион и ЕУ, кој ќе донесе до побрзо патување за стоки и патници, зголемување на мобилноста, подобрување на пристапот на пазарот и конкурентноста на  Западен Балкан.

„Комисијата го поздравува повторното потврдување на посветеноста на Бугарија и Северна Македонија на Коридорот 8, што ја покажува подготвеноста за регионална соработка, од суштинско значење за иднината на двете земји. Источниот дел од Коридорот 8 ги поврзува Северна Македонија и Бугарија и е дел од од европскиот коридор Западен Балкан - Источен Медитеран. Со финансиска помош од ЕУ за подготовка на проекти и инвестициско кофинансирање според Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан, Северна Македонија и Албанија ги надградуваат постојните линии и ги градат алките што недостасуваат долж Коридорот“, се вели во соопштението.

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми