1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Коридор трасиран на селективно право и селективна меморија

12 април 2023

Со закон усвоен во 2021 година, се удрени темелите на сите спорни прашања околу изградбата на Коридорот 8, а со кои задоцнето се занимава јавноста, но и надлежниот за потпишување на указот.

Потпишување на договорот меѓу македонската влада и компанијата „Бехтел и Енка“ на 8 март 2023 година
Потпишување на договорот меѓу македонската влада и компанијата „Бехтел и Енка“ на 8 март 2023 година за изградба на автопати на коридорите 8 и 10-дФотографија: Reg. Nordmazedonien

Претседателот Стево Пендаровски како спорни ги оцени предлозите за измени на Законот за експропријација, кои предвидуваат на стратешкиот партнер (конзорциумот Бехтел и Енка) да му се даде во владение експроприраниот имот „веднаш штом одлуката за експропријација стане конечна, без потреба таа да стане правосилна.“

„Во еден од тие осум предлог-закони има една ситуација, која ќе видиме дали ќе остане до крај, а во која се прави обид да се поништи двостепеноста што е уставно гарантирана категорија. Зборувам за експропријацијата на имоти. Вели - по одлуката за експропријација веднаш влегува во владение тој имот на овие што експроприраат. Каде е второстепено (решение - н.з)? Замислете, добива во втор степен и после кој ќе ги плаќа пеналите? Државата повторно“, рече вчера Пендаровски на ТВ Сител.

Но, токму на вакво решение ставил потпис и претседателот, кога го издал указот за прогласување на Законот за утврдување стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во РСМ („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.163, од 16 јули 2021 година).

Во член 7 став 6 од тој Закон се предвидува токму такво решение: „На Стратешкиот партнер ќе му се овозможи владение врз експроприраниот имот веднаш штом одлуката за експропријација стане конечна, без потреба истата да стане правосилна".

Пратениците во 2021 година овој Закон го донесоа во скратена постапка и тој значеше конкретна реализација на Меморандумот што го потпиша Владата на 31-ви март 2021 година со „Бехтел и Енка" како стратешки инвеститор за посочните делници. По изгласувањето на законот во Собранието, претседателот стави потпис на указот за негово прогласување, и покрај барањето на ДКСК да не го потпишува. ДКСК тогаш посочи дека „законот како целина претставува висок ризик фактор за корупција и судир на интереси и во суштина го суспендира правниот систем во државата, исклучувајќи примена на други закони во целост или делумно, и дека во пракса ќе значи кршење на начелата врз кои се темели борбата против корупцијата и судирот на интереси“.

Македонскиот претседател Стево Пендаровски како спорни ги оцени предложените измени на Законот за експропријацијаФотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Од Кабинетот на претседателот одговорот беше: Сите институции и поединци кои имаат сомневања во однос на уставноста на Законот, можат да се обратат до Уставниот суд кој е единствена надлежна институција за оценка на уставноста на законите и другите општи акти.

Уставно - неуставно

Пендаровски вчера потсети и дека предлог-измените на Законот за работни односи кој предвидуваат зголемување на работната недела за работниците ангажирани за проекти од национален и стратешки интерес се неуставни, односно дека дека Уставниот суд еднаш веќе се изјаснил за тоа.

„Ме чуди, затоа што Уставниот суд има донесено одлука во еден друг закон, со која вели дека 60-часовна или работна недела подолга од 40 часа, е неуставна. Сега тоа да го ставиш повторно во закон за кој знаеш дека одредбата е неуставна, и за тоа ако не го исполниш да платиш 50-тина милиони евра, е неодговорно“, рече Пендаровски.

Кој е тој „еден друг закон“ во кој ваквата одредба за прекувремена работа Уставниот суд ја оценил како неуставна? Повторно станува збор за истиот закон за чие прогласување Пендаровски издал указ - Законот за утврдување стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридорот 10 д.

Во член 12 од тој закон, кој Уставниот суд една година подоцна го укина, пишуваше: 

„(1) Во тек на организацијата на работите во Проектот, во согласност со барањата на работниот процес и роковите утврдени со Договорот за градење, Стратешкиот партнер ќе има право да го организира и распоредува работното време на работниците, така што работното време на секој работник, во текот на целиот циклус на Проектот, може да биде во просек 60 часа неделно во текот на годината. (2) Воведувањето на работното време во согласност со ставот (1) на овој член, е дозволено само со изречна, писмена и претходна согласност на работникот и сите останати важечки закони за безбедност и здравје на Република Северна Македонија, како и плаќањето на сите применливи даноци и социјални придонеси остануваат применливи“.

Зградата на Уставен суд на РСМФотографија: DW/P. Stojanovski

Уставниот суд на 13-ти јули 2022 година го укина членот 12 од овој Закон. Како што наведе Уставниот суд во соопштението, тој е во спротивност со темелната вредност владеење на правото предвидена во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, и спротивен на членот 9 според кој граѓаните пред Уставот и законите се еднакви. Уставниот суд оцени дека со овој член се повредува правото на дневен и неделен одмор, односно дека е во спротивност со членот 32 став 4 од Уставот.

Подносители на иницијативите за оспорување на член 12 беа Сојузот на синдикати на Македонија, Синдикат за градежништво, индустрија и проектирање на Република Македонија (СГИПРМ) и Здружението за заштита на работничките права „Гласен Текстилец“ од Штип. Тие укажаа дека не смее работното време како основно право од работен однос да се уредува на различен начин со различни закони, со што се нарушува принципот на еднаквост на граѓаните утврдено со Уставот.

Ништо не е ново

Практично, сега сите актуелно предложени измени на 8 закони, произлегуваат од потребата за усогласување со одредбите од Законот за утврдување стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридорот 10 д.

Во член 3 став 4 од овој закон се вели: „Овој закон ќе се применува како посебен закон со кој се исклучува примената на други закони во целост или делумно, односно кој се применува без оглед на другите применливи закони во Северна Македонија и тоа во врска со сите прашања уредени со овој закон“.

„Според Договорот за градење, (член 4, став 8) стратешкиот партнер може да ја преземе улогата на менаџирање и координација при изборот и назначувањето на трети страни за подготовка на Проектната документација („Проектанти“) како и со координација, планирање и менаџирање со процесот на проектирање, како што ќе биде понатаму детално уредено во Договорот за градење", но од друга страна „стратешкиот партнер е ослободен од каква било одговорност која произлегува или е во врска со услугите/работите извршени од страна на Проектантите".

Со законот на стратешкиот инвеститор му е му е овозможено да спроведе уникатен процес на изградба на Проектот преку брза метода на планирање, изведба и изградба (член 8 став 1) и му е дозволено (став 2) да изгради посебни делници од Проектот на одделни делови врз основа на достапните проекти кои ќе му овозможат да извршува различни фази на работите, пред да се комплетира конечниот дизајн за целиот Проект.

Според член 13 став 2, проектот се смета за развоен проект поддржан од Владата за кој не се применува квотата за работни дозволи, во согласност со одредбите од Законот за вработување и работа на странци. Членот 15 ги опишува сите даноци и давачки од кои ќе биде ослободен стратешкиот партнер за време на извршување на проектот.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми