1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Корупција и аквизиции го украдоа „шоуто“

26 јуни 2023

Уставните измени паднаа во сенка на обвинувања кој е (не)чесен и во мерење на рејтинзи, каде во водство со над 40% се граѓаните кои нема да гласаат, не знаат за кого, или ќе го пречкртаат ливчето.

Парламент Северна Македонија
Уставните измени во моментов во сенка на корупциски афериФотографија: Petr Stojanovski/DW

Корупција, криминал, заробено судство, селективна правда, постапки чувани во фиоки, се доминантните теми во македонското општество, чиј катализатор беше одлуката на Стејт департментот за санкции против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко заради значителна корупција и мешање во судски и други јавни процеси.

Во лавината од критики и контракритики на овие теми постапката за уставни измени падна во длабока сенка на актуелни дебати за нерасчистените Авгиеви штали во општеството и последните големи аквизиции.

„Последните случувања со најавите за „купувања“ на Клиниката Жан Митрев и деловниот центар Соравија, наликуваат на вообичаените последни години од владеењето на секоја политичка партија во Македонија, кога на сите им станува јасно дека власта ќе загуби, па по принципот ‘зграби сѐ што се може’ се прават зделки со големи индикации за корупција и уште поголема веројатност за такво нешто“, оценува Александар Кржаловски, директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).

„Разликата или ‘изненадувањето’ овојпат е дека овие трансакции не се поврзуваат со СДСМ (или ВМРО-ДПМНЕ), туку со ДУИ. Се чини дека или навистина почнуваат да се спремаат за живот во опозиција, или и тие конечно ги научиле ‘сите трикови на владеењето’, разбрано како што го практикуваа и двете поголеми владеjачки партии досега: како една голема приватна фирма, со најголемиот буџет на располагање, која треба да им донесе ‘пристоен профит на „менаџерите’, т.е. нa владините функционери, а во помала мерка и на нивната партиска војска. Но со една битна разлика од нормалните фирми и бизниси, кои се АД ДОО (ограничена одговорност) или ДООЕЛ, а кај Владата – ја нема ни таа единечна одговорност. А навидум потврдува и друга ‘фама’ во јавноста - дека всушност ДУИ владее, иако СДСМ e водечка партија во владината коалиција. Или, како што кажа еден висок странски гостин на неодамнешниот Преспа форум во Струга, каде што на сесијата во која говореше премиерот Ковачевски, немаше никој од раководството на ДУИ (Ахмети, Груби и Османи си пиеја кафе на терасата на хотелот Дрим во тоа време): „Оваа сесија барем потврди кој владее во Македонија, т.е. кој не владее - премиерот е само гостин тука“, илустрира Кржаловски.

Црната листа за Рамиз Мерко е шлакница за ДУИ од стратешкиот партнер САД, велат од ВМРО ДПМНЕФотографија: Petr Stojanovski

Кој има морална верикала?

„Криминал и корупција“ беше насловена вчерашната партиска трибина на ВМРО-ДПМНЕ, на која пратеничката Ели Панова рече дека црната листа за Мерко е шлакница за ДУИ од стратешкиот партнер САД, но и опомена за премиерот Ковачевски заради тоа што не знаел што се случувало во Струга, а не знае и за купувањето на деловни објекти од лица блиски до највисокото раководство на ДУИ, на само 50 метри оддалеченост од Собранието.

Бројните критики од опозицијата ги коментираше и премиерот.

„Ги гледам од ВМРО-ДМПНЕ дека сакаат да изигруваат морална вертикала во државата. Не може да изигруваат морална вертикала, ќе ви кажам зошто. Нивното седиште е криминално стекнат имот. Ај да ги прашам - во која фиока е предметот за нивната зграда?“ праша Ковачевски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, рече дека на ова прашање Ковачевски треба самиот да го одговори, бидејќи имаат целосна контрола врз судството и обвинителството.

„Не точно е дека случаите стојат во фиока. Ние сме единствена политички партија во Европа чии што имот е замрзнат“, рече Николоски.

Се огласи и ДУИ, со став дека ВМРО-ДПМНЕ е последната партија што воопшто треба да зборува на темата криминал и корупција.

„Мицкоски и неговите соработници рацете во медот ги ставија уште при прво доаѓање на власт, докажувајќи дека од нив друго нема да може да се очекува. ВМРО-ДПМНЕ е партија без идеологија и позиција, со конекции кои стигаат до Кремљ, а единствен интерес е голата желба за власт и профит. Тоа е организација на лажни патриоти кои молат Бога некој друг да ги реши проблемите на граѓаните додека тие профитираат со национализам и подгревање тензии“, порачаа од ДУИ.

Во сите обвинувања во фокусот е влијанието врз правосудството и неговиот селективен пристап, а на таа тема ретко кој може да извлече поен.

„За жал, сите тие три водечки партии заедно, го доведоа судството и обвинителство до едноцифрена доверба, и нивната, на партиите, е континуирано под 20%“, вели Кржаловски.

„И покрај сите тие аларми за корупција, не може да се очекува дека нешто значајно ќе се случи, дeка кој било од овие случаи ќе се процесира и ќе се утврди противзаконско делување, евентуална корупција или ‘на дај Боже’ нечија одговорност, и ќе доведе до затворски казни. Кога ‘им е јасно’ дека нема да има одговорност за што и да направиле, не им е проблем да поминат неколку години во опозиција, додека пак да ‘им дојде редот’“, оценува нашиот соговорник.

Дури 40 проценти од гласачите во земјата можно е да не излезат на следните парламентарни избори во Северна МакедонијаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Загрижувачка апатија

Но, според сите последни анкети во изминатиот период, евидентно е дека апатијата кај гласачите континуирано се зголемува, и навестува можна поголема апстиненција на следните избори (над 40%).

„Наместо тоа да ги загрижува политичките партии, тие го доживуваат како предност - без оглед колку луѓе излегле на гласање, секако ќе се изберат 120 пратеници и со мобилизација на ‘партиската војска’ чиј удел во гласачите е сѐ поголем, и најголем дел од избраните ќе се токму од трите водечки партии- СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Па, само ќе остане да се определи кој ќе владее и во која комбинација, и колку од државниот буџет ќе се прелее како ‘партиски плен’. Сѐ додека нема сосема ново движење/партија која би расчистила со ваквото поимање на политиката и коруптивното однесување, ем додека таква ‘сила’ не се валидира на избори со висок одзив на гласачите, нема многу надеж за промени - кој и да е на власт од досегашните партии. Само ќе продолжи ‘одливот’ на разочараните кон други држави, додека не се намали толку, да не останат доволно да ја полнат таа буџетска каса од која сега ‘паразитираат’ премногу луѓе“, вели Кржаловски.

Сите овие дебати, ја фрлија во длабока сенка обврската за уставните измени. Премиерот Ковачевски вчера се пожали дека никој во опозициската ВМРО-ДПМНЕ не одговарал на секојдневните телефонски повици од вицепремиерот Бојан Маричиќ, за тоа дали може да продолжат разговорите за уставни измени и широка влада.

Во моментов таа тема е далеку под интересот на друга - како ќе се расчистат корупциските случаи.

„Интересно, сето ова ги засенува случувањата околу уставните измени, кои изгледа сите партии ги доживуваат како некое ‘нужно зло’ кое треба некако да се надмине, ама никој баш не сака да се занимава со тоа. Опозицијата одамна си кажа дека е против и дека нема да гласа, па се ‘вози’ на тоа, иако им е јасно дека некогаш ќе мора да се направи и веројатно тие би го направиле веднаш по преземањето на власта, додека владејачките партии одолговлекуваат, чекајќи, веќе вообичаено, ‘странците’ да им ја завршат таа работа. Но тоа некако изостанува овој пат, или е на многу пониско ниво од минатиот, Преспански пат. Или пак, чекајќи да дојде ‘нож под грло’ и да мора нешто да се направи, па тогаш, како за Преспанскиот договор, ќе е ‘полесно’ да се уцени или поткупи некој пратеник да гласа ‘за’“, оценува Кржаловски.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми