1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Корупција во судството: Што ако се одмота клопчето?

21 јануари 2026

Големата сума од 350.000 евра индицира дека таа не е обезбедена од „услуги“ само во еден предмет. Одбраната на судијата Ристов вели дека неговите родители во записник изјавиле оти тоа се нивни пари.

Симболична фотографија за корупција во која се гледаат замрачени раце при предавање на пари
Една од најопсежните истраги досега поради сомненија за висока корупција во државатаФотографија: Dreamstime/Imago

Парите откриени сокриени во ѕид биле на неговите родители, а членовите од Кривичниот законик со кои се товари апелациониот судија Ѓоко Ристов не се однесуваат на суд, судии или обвинители, тврди одбраната на судијата, за случајот кој и натаму со несмален интензитет се коментира во јавноста.

Адвокатот Звонко Давидовиќ, бранител на судијата Ристов - кому вчера Судскиот совет му го одзеде имунитетот, по што судија на претходна постапка му одреди куќен притвор - вели дека законската одредба според која судијата се товари за противправно стекнување и прикривање имот, не може да се однесува и да се примени за судија.

„Им посочивме и на обвинителството и на судот, дека членот и законското битие на членот за кој се обвинува судијата е чуден, и не одговара за овој случај. Во него се наведува ‘службено или одговорно лице во јавна установа, јавно претпријатие или друго правно лице кое стопанисува со државни пари', што овде не е случај - судот не е ниедна од овие установи. Во текот на постпката ќе се докажуваме“, изјави Давидовиќ за ТВ Сител.

Сомнение за две дела

За судијата Ристов има основано сомнение за две кривични дела. Единицата за корупција во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО ГОКК поднела кривична пријава против судијата поради постоење основано сомнение за кривичните дела „противправно стекнување и прикривање имот“ по чл.359-а ст.3 в.в. ст.1 и „перење пари и други приноси од казниво дело“ по чл.273 ст.1 од КЗ.  

Обвинителството со сомничи судијата Ристов за две кривични дела.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Ѓ.Р. во својство на службено лице - судија во Апелациониот суд Скопје, во временскиот период од 10.02.2020 до денес, спротивно на законската должност за пријавување на имотна состојба или нејзина промена дал лажни податоци за својот имот и имот на неговото семејство, кој имот во големи размери ги надминува неговите законски приходи“, се наведува во соопштението од МВР.

Словото на законот

На кого се однесуваат посочените членови од Кривичниот законик?

Според член 359-а, „службено лице или одговорно лице во јавно претпријатие, јавна установа или друго правно лице што располага со државен капитал, кое спротивно на законската должност за пријавување на имотната состојба или нејзина промена ќе даде лажни или непотполни податоци за својот имот или имотот на членовите на неговото семејство, кој во значителна вредност ги надминува неговите законски приходи, ќе се казни со затвор од шест месеца до пет години и со парична казна".

Во став 3 од истиот член се наведува дека ако „делото е сторено во однос на имот кој во големи размери ги надминува неговите законски приходи, сторителот ќе се казни со затвор од една до осум години и со парична казна".

Член 273 став 1 еден пропишува: „Тој што ќе пушти во оптек или промет, прими, преземе, замени или раситни пари или друг имот што го прибавил со казниво дело или за кој знае дека е прибавен со казниво дело, или со претворање, промена, пренос или на друг начин ќе прикрие дека потекнува од таков извор или ќе ја прикрие неговата локација, движење или сопственост, ќе се казни со затвор од една до десет години".

Вештачење за потеклото на парите

Адвокатот Давидовиќ се осврна и на сопственоста и потеклото на откриените 350 илјади евра, во ѕид во домот на родителите на судијата, во Неготино.

„За триста и педесет илјади евра, кои беа најдени кај неговите родители, во записникот тие изјавиле и напишале дека тоа се нивни лични средства, и докажуваат и покажуваат од каде се и од каде потекнуваат, за што ќе има и вештачење“, вели Давидовиќ, кој најави жалба во законскиот рок од 24 часа.

МВР претходно откри како е најдена посочената сума евра, кога на 18 -ти јануари бил извршен претрес во домот на родителите на судијата во Неготино.

„На првиот кат, во кујнската просторија, биле забележани сомнителни околности за изведување на градежни активности (корекција на ѕидните плочки), по што при отстранување на една ѕидна керамичка плочка, забележана е дупка во која се наоѓале алуминиумски ролни во форма на цилиндер, во поединечни 13 пакувања, во кои се пронајдени вкупно 610 банкноти во апоени од по 500 евра и 225 банкноти во апоени од по 200 евра, или вкупно 350.000 евра“, соопшти МВР.

Ако се одмота клопчето...

Извори упатени во сознанија за случајот, веруваат дека тој може да доведе до откривање на поврзаност и со други случаи. Сметаат дека откриената голема сума евра индицира дека таа сигурно не е обезбедена од „услуги“ само во еден предмет, па ако се раскопа подлабоко, може да излезат на виделина и многу други девијантни случаи.  

МВР претходно откри како се најдена 350 илјади евра, кога на 18 -ти јануари бил извршен претрес во домот на родителите на судијата РистовФотографија: P. Stojanovski

И граѓани се уверени дека ова не е изолиран случај.

„Многу судии имаат имоти овде и во странство, а кои не фигурираат во нивните имотни состојби. Од кои плати се стекнати тие? Зошто тоа не се истражува?", прашуваат граѓани во контактни програми на оваа тема.

Според правници, за успешна битка со корупцијата потребно е и зајакнување на законската регулатива за потеклото на имот, со цел јасно да се следат сите промени, но и да се спречат прикривања на имоти преку нивно заведување како имот на трети лица.

Една од најопсежните истраги досега

ОЈО ГООК веќе наведе дека „станува збор за една од најопсежните истраги досега поради сомненија за висока корупција во државата“, посочувајќи дека таа е поткрепена со информации и известувања од Агенцијата за национална безбедност (АНБ).

АНБ во соопштение под наслов „Зошто финансиската безбедност и борбата против високата корупција се прашање на национална безбедност“, го наведе иовој предметот поврзан со сомнежи за висока корупција во правосудниот систем.

„Современите безбедносни закани одамна не се ограничени само на класичните ризици по уставниот поредок или територијалниот интегритет. Денес, сериозниот финансиски и економски криминал, како и високата корупција, претставуваат едни од најсофистицираните и најопасните форми на поткопување на стабилноста на државата, институциите и довербата на граѓаните", посочуваат од АНБ.

Оттаму наведуваат дека покрај примарната улога во заштитата на националната безбедност, Агенцијата системски ги следи и анализира и појавите поврзани со организиран финансиски криминал, висока корупција и ризици по финансиската и институционалната стабилност на државата. Врз основа на информации на Агенцијата, надлежните институции веќе постапуваат во предмет поврзан со сериозен финансиски и даночен криминал со значителна штета за државниот буџет.

„Паралелно со тоа, се постапува и во предмет поврзан со сомнежи за висока корупција во правосудниот систем, во кој е пронајдена и одземена значителна парична сума. Овие два предмета јасно покажуваат дека сериозниот финансиски криминал и високата корупција не се само прашање на поединечни кривични дела или буџетска штета, туку директна закана за институционалниот интегритет, владеењето на правото и безбедноста на државата“, потенцираат од АНБ.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми