1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Корупцијата и судството - Ахилова пета во Северна Македонија

ДТЗ
26 јули 2024

Албанија и Црна Гора добија повеќе позитивни оценки кога станува збор за евиденцијата во борбата против корупцијата, додека понегативна е оценката за успехот во Северна Македонија и Србија.

судство
Корупцијата и судството - Ахилова пета во Северна МакедонијаФотографија: picture-alliance/dpa

Последниот годишен извештај на Европската комисија за владеење на правото за првпат направи пресек и на состојбите во четирите земји кандидати од Западен Балкан – Албанија, Црна Гора, Северна Македонија и Србија. Овие земји влегоа во извештајот поради нивниот најнапреден статус во преговорите, со цел да се стават на исто рамниште со земјите-членки. Извештаите опфаќаат четири главни области: правосуден систем, антикорупциска рамка, медиумски плурализам и слобода на медиумите.

Недоволната борба против корупцијата, постојаното политичко влијание врз судството, недостатокот на независност на регулаторите на медиумите, небезбедната средина за новинарите - се само дел од аномалиите коишто Европската комисија ги детектирала и ги нотира во најновите извештаи коишто беа објавени во средата (24.07).  

Албанија и Црна Гора добија повеќе позитивни оценки кога станува збор за евиденцијата во борбата против корупцијата, додека понегативна е оценката за успехот во Северна Македонија и Србија.

Политичкото влијание - најголем проблем 

Извештајот за Северна Македонија покажува сериозна загриженост за независноста на судството, како и за функционирањето и независноста на Судскиот совет. „Одлуките за именување јавни обвинители и судии беа критикувани од граѓанското општество дека не се сеопфатно мотивирани или засновани на објективни критериуми“, се наведува во извештајот. 

Позитивна, според ЕУ, е мерката за подобрување на транспарентноста и усвојувањето на етичките кодекси и за обвинителите и за судиите. Но, се оценува и дека има ограничени финансиски и човечки ресурси.

Во Извештајот за  Албанија се забележува дека земјата спроведува значителна судска реформа од 2016 година, но дека сè уште има недостатоци во назначувањето на членовите на судските совети. Постои загриженост за обиди за мешање и притисок врз судскиот систем од страна на јавни службеници или политичари, а недостигот од човечки и финансиски ресурси негативно се одразува на квалитетот на правдата.

За Црна Гора се вели дека неодамнешните одложувања на назначувањата во судството на високо ниво имале влијание врз судскиот систем, меѓутоа, до сега останува да се именува само нов претседател на Врховниот суд. Промоцијата и спроведувањето на етиката и професионалните стандарди меѓу судиите и обвинителите останува предизвик, како и ефективноста на судството и ефикасноста на правдата.

Во  Србија, спроведувањето на уставните реформи за зајакнување на независноста на судството е во тек и остануваат да се пополнат голем број празни места. Сепак, во Извештајот се оценува дека политичкиот притисок врз судството останува висок. На Србија сè уште и недостига сеопфатен систем за управување со судовите, додека ефикасноста покажува позитивен тренд за граѓанските, трговските и кривичните случаи, но не и за управните случаи и уставните жалби.

Корупцијата останува сериозен проблем во Западен БалканФотографија: B. Leitner/McPHOTO/imago images

Критики за борбата против корупцијата 

Во однос на Северна Македонија, критиките се упатени на неодамнешните измени на Кривичниот законик, кои ја ослабеа правната рамка, негативно влијаејќи на гонењето на корупцијата на високо ниво. Ограничувањата на ресурсите и недостатокот на соработка меѓу националните власти го попречуваат воспоставувањето на стабилна евиденција и високиот ризик од корупција останува распространет во многу области. Во Извештајот се забележува дека Државната комисија за спречување на корупцијата продолжи со напорите за исполнување на својот мандат и покрај ограничените ресурси.

Во Извештајот за Албанија се оценува дека има охрабрувачки првични резултати на Специјалното обвинителство против организиран криминал и корупција (СПАК) и дека бројот на обвинети лица се зголемува во последните три години. Сепак, неодамнешниот закон за амнестија предизвикува загриженост. Во извештајот се наведува дека корупцијата е распространета во многу области, вклучително и за време на изборните кампањи. 

За Црна Гора се нотира дека забележала значително подобрување во работата на Специјалното обвинителство, иако со ограничени ресурси. Извештајот оценува дека евиденцијата на истрагите и гонењето во случаи на корупција на високо ниво е стабилна, но недостатокот на судења и конечни одлуки придонесува за перцепција на неказнивост.

На Србија и сае препорачува да го подобри спроведувањето на правната рамка за борба против корупцијата и да воспостави стабилна евиденција за случаите на корупција на високо ниво. Обвинителството за организиран криминал останува недоволно екипирано и постои ризик од политички мотивирано мешање. 

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми