1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Корупциски скандал во ЕУ: „Срамни постапки“

Тагесшау
12 декември 2022

Ова е можеби најголем корупциски скандал последниве години: случајот Каили предизвика шок и тоа не само во Брисел. Денеска во ЕП на дневен ред е разрешување на потпретседателката. Многумина се прашуваат- што уште доаѓа?

Ева Каили во пленарната сала на Европскиот парламент (архивска фотографија)
Ева Каили во пленарната сала на Европскиот парламент (архивска фотографија)Фотографија: Christoph Hardt/Panama Pictures/picture alliance

По корупцискиот скандал во Европскиот парламент политичарите бараат консеквенции и стравуваат од натамошни откритија за можни случаи на поткуп од страна на емиратот Катар. Политичарот од Зелените, Рајнхард Битикофер, изјави дека чувствува бес и огорченост, „бидејќи бесрамните постапки на поединци може да предизвикаат штета на целата институција“. Својот бес го изрази и европарламентарецот Денис Радке од германската Христијанско-демократска унија: „Шеиците од Катар со 200 милијарди долари не го купија само Светското првенство во фудбал и негови алчни функционери и протагонисти, туку одат и чекор понатаму со поткуп на политичари. Кој вака постапува, тој сака да го купи цел свет,“ изјави тој за весникот „Билд“. Радке бара да се направи ревизија на ниво на цела ЕУ и да се преработат правилата за транспарентност и работа на лоби групи за трети земји, како и од нив основаните лоби-фирми, и да се формира истражна комисија која ќе ги расветли обвиненијата против Каили.

Налог за апсење 

Потпретседателката на Европскиот парламент, Ева Каили, наводно примила мито од Катар за да влијае при донесувањето политички одлуки за земјата домаќин на Светското првенство. Социјалдемократката од Грција е уапсена заедно со уште петмина други осомничени. При претресите се пронајдени вкупно 600 илјади евра во кеш и одземени се мобилни телефони. Според медиумски информации, истражителите подоцна во станот на Каили нашле и торби со пари. Покрај обвинувањата за мито и корупција, постои сомнеж и за перење пари. Претседателката на парламентот Роберта Мецола уште викендов ѝ ги одзеде сите ингеренции на Каили, а формалната одлука за разрешување треба да се потврди со гласање во Парламентот. Пратеничката група на социјалдемократите во ЕП веќе ѝ го суспендираше членството, а нејзината матична партија ја исклучи. Европскиот парламент денеска се состанува на прва пленарна седница по скандалот. Според информациите на агенцијата АФП, ќе се дебатира за „разрешувањето на Каили и понатамошните чекори“.

Според медиумски информации, иследниците во станот на Каили нашле и торби со париФотографија: Vladimir Rys/Getty Images

Повеќе претреси

Уапсени се и поранешниот европарламентарец од италијанските социјалдемократи, Антонио Панцери, како и партнерот на Каили, кој е исто така Италијанец. Според весникот „Ле Соар“ и магазинот „Кнак“, двајцата се во притвор.

„Обвинети се за учество во криминално здружување, перење пари и корупција“, објави Обвинителството. Истражниот судија ослободи двајца од уапсените. Во саботата вечерта (10.12) беше извршен претрес во куќата на уште еден европарламентарец. Според медиумите, наводно тоа е белгискиот социјалдемократ Марк Тарабела. Неговата партија во неделата вечерта го повикала Тарабела да одговара на прашања во партиско тело.

Критики за Катар

Домаќинот на Светското првенство, Катар со години е мета на критики поради состојбата со човековите права во земјата и условите за работа на странски работници. Бројни членови на тогашниот извршен одбор на ФИФА, кои во 2010 му ја доделија на Катар организацијата на Светското првенство, во меѓувреме се осудени за корупција. Но, Катар категорично ги отфрла наводите дека се давало мито. По скандалот, ЕУ-политичарите ја доведуваат во прашање планираната визна либерализација со Катар. „Во ваква ситуација се подразбира дека нема да има визна либерализација со Катар“, напиша на Твитер европратеникот од Зелените, Ерик Маркварт.  „Планираното гласање за тоа или ќе биде вратено во Комисијата за внатрешни работи на повторно разгледување и извлекување нови соодветни препораки, или во Парламентот ќе гласаме против визна либерализација", додаде тој.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми